69.
З0 јануари 1953 г.
Постојано пишуваш за своите неволји и за своето внатрешно растројство. Знај, дека поинаку и не може да биде во овој привремен живот и не испитувај од кого и преку кого тие доаѓаат, бидејќи не стануваат без Божјо допуштување. Ако ни влакно од косата не ни паѓа без Него, со тоа е поголемо Божјото заштитништво на човековата душа. А уште е кажано: „Со своето трпение спасувајте ги своите души". Јас и порано ти пишував дека во неволјите постои само едно спасоносно средство — молитвата и трпението.
Во времето на неволјите спокојно чекај го расположението, а во времето на спокојното расположение — чекај ја неволјата. Во овој привремен живот спокојот и душевниот немир се менуваат. Ни светите Божји луѓе не биле ослободени од овие состојби. А ти сакаш да најдеш некоја нова патека, да ги заобиколиш душевните страдања, а тоа не може така. Па зарем тебе не те исмејувале со погрдни зборови и зарем не те удирале по образот? Сети се на трпението на Богочовекот: тепање по образите, па удирање по главата со трска, плукање во лицето и разни исмејувања — сето тоа Тој го трпел заради нашето спасение. А ние, заради нашето спасение не сакаме да претрпиме ни мали непријатности од луѓето.
Пишувам и црвенеам: другите ги учам, а самиот сум виновен. Сепак, не очајувам. Се надевам на Божјата добрина дека Тој, со Својата милост, ќе ме спаси мене невнимателниот.
Извини поради краткоста на писмото. Со љубов во Христа!
Извор:
Издавачка установа „Канео“ при Дебарско- кичевската епархија ,Охрид 2001
Главен и одговорен уредник
Митрополит Тимотеј
Друго:
Писма на валаамскиот старец (1)
Писма на валаамскиот старец (2)
Писма на валаамскиот старец (3)
Писма на валаамскиот старец (4)