Лекарско уверение
Порано, без регуларно лекарско (психијатриско) уверение не можевте да полагате ни возачки испит за управување автомобил, а денес, без лекарско уверение можете да управувате и со држава и со народ, и со партија и со полна училница или амфитеатар. Тоа е така не само кај нас туку и на глобално ниво. Никој не прашува дали сте ментално здрав, сите прашуваат што сте по образование. Се заборава дека најопасната формула за уништување на човештвото е ментално нестабилен а образован. Поарно е ментално здрав а необразован.
Посебна приказна е што кај нас најчестата комбинација е: ем не баш токму, ем полуобразован. Но реалноста е таква: денес на секој агол имате и сити мол (за развивање консумеризам, што е прв чекор за ментално растројство на личноста) и универзитет. Па, оди забрани му на лудиот да стекне знаење како се прави атомска бомба. Знае да ја направи, ама само менталното здравје пресудува дали ќе ја употреби.
Дали Аристотел бил за ЕУ или против?
Никогаш досега не сме биле толку поделени како македонски народ, и тоа околу прашањето: сме ли за ЕУ или против? Си лепиме етикети како во култниот филм „Среќна нова ’49“ на Столе Попов, прашувајќи го другиот: „За Русија си или за Америка“. Затоа и се сеќавам на онаа прочуена реплика на големиот Душко Костовски: „Дете, Исток нè отпиша, Запад не нè запишуе“.
Вистината е содржана во таа реплика: ние и немаме избор. Веќе сме членка на НАТО и кандидат за ЕУ: сме избрале веќе. Од каде тогаш некој лоцира со идеолошки сталинистички детектор „антиевропски“ шпиони кај нас? Да не би можеби вистината гласи: и на Запад и на Исток „им се прди за нас“ (парафраза од „Диво месо“ на големиот Горан Стефановски)?
Најжално е тоа што „проевропејците“, ловци на вештерки, кои жигосуваат луѓе како „националисти“ (а всушност тоа се патриоти што се „за ЕУ“, но не сакаат во Европа ПОД секоја цена), го злоупотребуваат и Аристотел. Тие „логицираат“ безобразно злоупотребувајќи го Аристотеловиот силогизам со две премиси и една конклузија, прва лекција во секој учебник по логика: Премиса 1 – „Сите луѓе се смртни“. Премиса 2: „Сократ е човек“. Конклузија: „И Сократ е смртен“. Нашиве велат: Премиса 1 – „Сите гуски имаат две нозе“. Премиса 2: „И ти имаш две нозе“. Конклузија: „И ти си гуска“ (пред гуска ставете слободно „руска“, убаво се римува). Така, го ставаат Аристотел во улога пост мортем да се определува „за Европа“, иако тој одамна ја роди сета европска филозофија.