логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Доаѓа и поминува уште еден државен празник: овој пат на самостојноста. „Празник е кога не се работи.“ Таа реченица ми е останата во сеќавање од прво одделение, од учителот, како една од најнеточните дефиниции што им се подметнуваат на децата. Кога пораснав, видов дека не се работи и во обични, делнични денови. Дека се става антологиското бирократско „Се враќам ОДМА“, кое е знак безвремен колку и некој бог, зашто кога и да дојдеш, секогаш она „веднаш“ значи „за миг“, а ти не знаеш колку време веќе поминало од закачувањето на тоа „веднаш“. Тоа отсекогаш ме потсетувало на една писателска приморска крчма во која седевме на еден прозен фестивал. Во неа беше закачен ѕиден часовник на кој сите часови беа означени со бројот 12. Под часовникот пишуваше: „Никогаш не пијам пред дванаесет“. Што значи, кога и да влезеш во кафеаната, 12 часот е веќе поминат…

Потоа, кога уште пораснав, искусив дека може да не се работи и кога се работи, зашто се работи лошо, површно, безволно и со дрдорење. Сфатив дека работата не само што не исполнува секого туку дека не е за безнадежно празен човек. Него не го исполнува ништо; тој само дрдори. Така, за мене поимот празник е синоним за празен човек. Зашто нема попразен човек од оној што ништо не работи. Како што нема попразен ден од оној во кој ништо не се сработело.
Но има тука и една важна нијанса: има многу во оваа држава што сакаат да работат, ама не им даваат. Нема работа, велат. Тоа не се празни, туку невработени луѓе полни енергија. Многу невработени луѓе, затоа што сакаат да работат а немаат работа, се иселуваат. Така настануваат празни(чни) држави во кои остануваат празни(чни) луѓе. Тие што остануваат си празнуваат, постојано. Но празниот човек, како продукт на нашето време, и не е баш празен, како што изгледа тоа на прв поглед. Тој најчесто е токсично преполн, и тоа со себе. А кога човек ќе биде толку полн со себе, што во него нема место за никој друг (камоли за Бога) се добива – себичен, агресивен, гласен, наакан, самобендисан човек, најчесто некој вид полуинтелектуалец.

Таков што им соли памет на сите и секаде: на шалтерот на кој работи како референт, на собраниската говорница, во владини комисии, по универзитетските амфитеатри, на промоции на книги и сликарски изложби, по кафеани и улици… Тој и таков интелектуален невротичар има дискурс што е на границата меѓу празно мудрување и политичка заповед; тој е мал диктатор во потрага по голем трон. Него го интересира само моќта, зашто таа е единствената конвертибилна валута во „шишмиш“ држави без вредности. Освен тоа, тој страда и од интелектуална анорексија: ништо не чита, му се гади од интелектуална храна, а пишува многу (или зборува многу, ако не пишува). Не само што самиот не поднесува внесување интелектуална или духовна храна туку го нервира ако и други внесуваат. Затоа, често блуе неконтролирано врз луѓе што интелектуално и духовно се хранат. Нему му се гади од нивната храна, од нивното знаење.

Празниот човек ништо ДРУГО и РАЗЛИЧНО од него не го исполнува, зашто страда од нарцизам. Полн со себе, тој не може да им направи место на другите вредности што му поминуваат пред очи и затоа има чувство дека неправедно му бегаат, дека е лишен од богатството на животот. А секое чувство на лишеност од полнотијата на битието е острастеност. Таквата острастеност кај празниот човек најчесто се јавува како завист, злорадост, одмаздољубивост, претерано стомакоугодие и среброљубие. На таквиот празен човек никогаш не му е доста од ништо: ни од завист, ни од одмазда и сплеткарење, ни од храна и питија, ни од златници.
Ова последново, златниците, сепак, најефикасно го смирува, ама на КРАТКИ ПАТЕКИ, зашто за секој потрошен златник тој ќе сака како надомест два новоисцицани, без работа. Тој не знае за поимот „доволно“.

Тој не го пази основниот закон на човештината: да се земе само најнеопходното. Во една идеолошка смисла, токму ваквите празни луѓе му пресудија на комунизмот, кој беше етичка утопија: веруваше во луѓе што ќе земаат само колку што им е неопходно, а ќе работат колку што им се силите, до последен здив. Шведската маса е банален но доволен доказ за таквите секуларни етички утопии што веруваат во умереноста и моралната воспитаност на човекот (без духовен опит) – никој од шведската маса не го зема само она што му треба, туку секогаш граба и повеќе, зашто ги слуша само своите острастени желби, а не ги познава своите потреби. А штом не ги познава своите потреби, почнува и да не ги познава своите можности: најчесто, ги преценува.
Постои еден одличен расказ во книгата „Сараевско марлборо“ на мојот босанско-хрватски колега по перо Миљенко Јерговиќ, под наслов „Слепец“. Миљенко ги преживеа ужасите на сараевската воена голгота и раселувањето од овој град при распадот на СФРЈ. Во расказот, едно тричлено семејство се пакува за да го напушти градот: мажот, жената и нивното малолетно дете имаат ограничување во килограми на она што можат да го понесат во автобусот со бегалците. Расказот е генијален, зашто е духовна поука за тоа што е тоа ДОВОЛНО, и за муслиманите и за православните и за католиците. Откако на еден куп ќе ги стават сите свои работи што им изгледаат НЕОПХОДНИ за таму каде што бегаат, почнуваат да ги мерат.

Разочарувањето е преголемо: дозволената тежина е надмината тројно, а ним им се чини дека го зеле само најнеопходното. Затоа, наместо по две фармерки, земаат по едни; потоа вршат селекција и на џемперите, откажувајќи се од два и задржувајќи по еден. На ред доаѓа и долната руба, и така, иако купот се преполовува, лимитот е сѐ уште надминат. Нивниот син мора да се откаже од плејстејшнот, од оловните војничиња, мајка му од некои омилени музички цедеа, таткото од тренерките и патиките. И на крајот, вагата го покажува суровото лице на својата мера: дојдено е до тоа да се избере – дали ќе се задржи Светото писмо или „Травничка хроника“ на Андриќ, а тоа се единствените две книги што младата двојка ги понесува од инаку пребогатата библиотека! Не се сеќавам, но мислам дека сепак ја понесуваат надежта – Светото писмо. Генијалната иронија на Јерговиќ покажува дека дури и уметноста е „вишок“ кога станува збор за НАЈНЕОПХОДНОТО за живот.

За неговата цена. Е мои празни(чни) луѓе! Гледате ли од што сѐ можеме да се воздржиме, а сепак да останеме живи, здрави и среќни? Денес е празник: нашите фрижидери се полни, нашите души полни со желби и страсти, нашиот глад чека да биде задоволен. Сѐ е полно, а ние – празни. Празни луѓе, празен град, празник. Каков човек, такви држави. Затоа прво се раѓа човек, а дури потоа држава. А сите тргнале обратно. Ниедна држава, макар и најдобрата, не родила добар ЧОВЕК досега, дури ни ин витро. Без разлика од каде е спермата: од исток или од запад.

 

Извор:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/%D0%BF%D1%80%D0%B0%D0%B7%D0%BD%D0%B8%D1%87%D0%BD%D0%B8-%D0%BB%D1%83%D1%93%D0%B5-%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%B0%D0%B7%D0%BD%D0%B8%D1%87%D0%BD%D0%B8-%D0%B4%D1%80%D0%B6%D0%B0%D0%B2%D0%B8/

 

Друго:

Венко Андоновски: Што сѐ значи „проевропски ориентиран“? ...

. Венко Андоновски: Крагуевац се гордее што Конески учел во тамошната гимназија ... 

Венко Андоновски: Скици за човекот ...

 

 

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1118
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1235
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1115
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…