логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Митрополит Навпактски Јеротеј Влахос

zima.svnikola1.jpg

Постои тесна врска помеѓу свештеното тихување (исихија) и мисијата. Не може да постои вистинска мисија, доколку не е вдахната од свештеното тихување, со православното значење на терминот, а тихувањето на природен начин се влева во течението на мисијата. Кога ќе се одврзе мисијата од свештеното тихување, тогаш се создава сериозен црковен проблем.

Мисијата е свештено пратеништво, односно кога Бог испраќа одредени луѓе за да го проповедаат Евангелието на Неговото Царство, Евангелието на вистината, на правдата, на спасението на луѓето. Мисионерот не се испраќа самиот и не му е работата само да проповеда, односно не е теоретски учител, туку е татко кој го предава познанието на Бога, што тој претходно го стекнал, и раѓа духовни деца Божји. Секако, знаеме од Православното Предание дека познанието на Бога е воглавно и пред сé опитно - егзистенцијално. Пренесувањето на тоа познание за резултат го има повторното раѓање на луѓето.

Тихувањето (исихија) со православното значење на терминот е начинот и методот кој Христос им го предал на Апостолите, а тие на нивните наследници, преку кој метод човекот го стекнува егзистенцијалното познание на Бога. Овој метод е поврзан со живеењето на Христовите блаженства. Ако го видиме редоследот по кој Христос ги изговорил блаженствата, ќе го  констатираме православното тихување, односно методот на исцелување на човекот. Завршеток на тој метод, односно на тој живот е мисијата и мачеништвото. Претходи себепознанието и преку него смирението според Христа, а следи покајанието, кротоста, гладот и жедта за Божјата Правда, за исполнување на Христовите заповеди, доживувањето на Божјата милост, чистотата на срцето преку кое човекот го вкусува созерцанието на Бога, предавањето на другите на тој мир што самиот го вкусил, гонењето и мачеништвото заради славата Божја, радоста заради доживувањето на Царството Божјо, стекнувањето на дарот на пророштвото (Мат. 5, 3 - 12).
Исто така, методот на православното тихување ни го предале Отците на Црквата. Овде треба да се потсети на учењето на светиот Григориј Палама, какво што е зачувано во неговата беседа за Воведение на Богородица, во неговото писмо кон монахињата Ксенија и во неговото дело за оние кои свештено тихуваат.

Светите Апостоли го живееле свештеното тихување, откако се одрекле од сé и тргнале по Христа, живееле со Него цели три години, во текот на кои се посветиле во тајните на Царството Небесно, достигнале до доживување на созерцанието на несоздадената Светлина, на различни начини и степени учествувале во Страдањето, Крстот и Смртта Христови, Го виделе Воскреснатиот Христос, Го примиле Светиот Дух на денот на Педесетницата и со тие претпоставки Самиот Христос ги испратил да го проповедаат тоа што го виделе, го слушнале и го спознале егзистенцијално. Затоа беседите и посланијата на светите Апостоли се полни со личен опит и познание на Бога. Не развиле свои теории, не поучувале со посветовњачени слова, не вршеле посветовњачена и моралистичка мисија, туку го изразувале опитот на Бога, што лично го стекнале.

Таа поврзаност помеѓу тихувањето и мисијата ја живееле сите големи Отци на Црквата, кога биле повикани да го раководат народот Божји и да вршат мисија, со православно значење на зборот. Тоа го гледаме кај светиот Василиј Велики, светиот Григориј Богослов, светиот Јован Златоуст, светиот Григориј Палама, за да се ограничам само на овие познати и големи.

Тоа го среќаваме и подоцна кај многу монаси, кои се подвизувале во животот според Христа и кога созреале духовно, примиле информација од Бога и станале учители на луѓето на многу и различни начини. Секако, таа информација се дава во Црквата и се реализира со благослов на Црквата. Тоа е така затоа што ниту еден духовен дар не се автономизира, односно не се врши независно од Црквата и од благословот на Епископите. Бидејќи Истиот Свет Дух ги дава духовните дарови и Истиот Свет Дух го дава дарот на свештенството и ја устројува структурата на Црквата.
Еден пример на мисија е случајот на светиот Симеон Столпник, кој ги поучувал илјадниците што доаѓале кај него од сите делови на Ромејската Империја. Според личното сведоштво на Теодорит Кирски, кај светиот Симеон, кој се наоѓал на еден столп, притекнувале многу луѓе, не само Христијани, туку и Исмаилци, Персијанци, Ерменци, Грузијци, како и многу од Запад, односно Шпанци, Британци и Галати. Дури и многу идоолопоклоници се одрекувале од древната заблуда и се крштевале, станувале Христијани.

Еден друг современ пример на мисија, на излегување од манастир со благослов на духовните отци, е светиот Козма Етолски. Духовно се подвизувал на Света Гора, како што самиот вели, многу години, следејќи го целиот исихастички метод и потоа, кога почувствувал во себе информација од Бога да прави обиколки по поробениот народ, ги прашал своите духовни отци, зел благослов од Патријархот, но земал благослов и од помесните црковни начелници. И бидејќи се движел во овие рамки, неговото дело имало духовни плодови и се врши дијахронично (низ сите времиња). Треба да се нагласи дека мисијата не се исцрпува само во проповедта или во некоја друга пастирска дејност, туку таа е и молитва, лична комуникација со секој Христијанин, и само благодатното присуство на еден светител, стекнувањето "догматска свест", како и формулирањето и зачувувањето на догмите. Конечно, мисијата се врши и по прославеното упокојување на светителот, со неговите чуда, со неговите молитви, со неговите мошти, дури и со неговиот гроб. Обожувањето по благодат на еден човек минува невидливо и тајно, а понекогаш и јавно, во животот и во функционирањето на духовниот организам на Телото Христово, односно на Црквата.

Во мојата книга Личноста во Православното Предание, во поглавјето со наслов Јуродството заради Христа како живеење на слободата, опишувајќи го животот и дејноста на светиот Симеон јуродив заради Христа проанализирав дека тој го вршел тоа дело, се дружел со жени блудници, откако најпрво живеејќи во пустината стекнал целосно бестрастие, со тихување и молитва, и откако зел благослов од духовните отци. Неговиот биограф пишува: Преку вселената во него сила на Светиот Дух, ниту од страст се плашел, ниту од студ, ниту од глад, ниту од жега, туку станал речиси над мерата на природата. Кога влегол во една женска бања, како што пишува самиот, како дрво со дрва, така и јас бев тогаш. Чувствувам дека ниту јас носам тело, ниту дека влегов кај тела. Но целиот мој ум беше во Божјото дело и од таму не отстапи.

Некои светители достигнале до овие крајни нивоа на мисија, откако самите достигнале до просветлување и обожување. Светителите од оваа категорија, бидејќи во себе ја имале Божјата светлина не само што не се помрачувале од темнината на опкружувањето, туку ја осветлувале и самата темнина на опкружувањето.

Пастирската дејност на ваквите светители ја покажува суштинската врска помеѓу свештеното тихување и мисијата. Не може да се врши спасителна мисија доколку мисионерот не ги поседува сите гаранции што ги има определено нашето Православно Предание и доколку не се движи во рамките на трезвеноумниот живот на нашата Црква.

Токму поради таа причина не може некој лесно да се повикува на примерите на светителите кои вршеле една ваква мисија, кога самиот не само што не го доживеал просветлувањето на умот и обожувањето, туку сеуште не е воведен во степените на очистувањето на срцето од страстите.
Во овие рамки православно и црковно се поврзува тихувањето со мисијата. Мисија која во себе го нема елементот на тихувањето, кое се изразува со сите духовни дарови (смирение, покајание, мир, почитување на канонското црковно уредување), не е автентична. Во тој случај ќе важат Христовите зборови за лошите работници.

Некој Го запрашал Христа дали тие што ќе се спасат се малкумина. А Христос одговорил:
Потрудете се да влезете низ тесната врата; затоа што ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: Господи, Господи, отвори ни! Он ќе ви одговори и рече: Не ве знам од каде сте. Тогаш ќе почнете да зборувате: Ние јадевме пред Тебе и пиевме, и по нашите улици Ти поучуваше. А Он ќе рече: Ви велам, не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда! Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога ќе ги видите Авраам, Исаак и Јаков, и сите пророци во Царството Божјо, а себе истерани надвор. И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо. И ете, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни (Лука. 13, 24 - 30).

Светиот Василиј Велики, обраќајќи им се на монаси и толкувајќи ги овие Христови зборови, вели дека лоши работници на кои Христос овде  мисли се оние кои немаат вистинска љубов. Во продолжение тврди дека сé што се прави не од љубов кон Бога, туку заради привлекување пофалба од луѓето, кое и да е тоа дело, не ја наоѓа пофалбата на Богопочитувањето, туку го има осудувањето на човекоугодништвото или на себеугодувањето или на зависта или на славољубието или на нешто такво слично.

Според тоа, мисијата се врши на многу и различни начини, со молитвата, со поучувањето, со пастирската дејност, со збор и со молчење, со движење и со неподвижност, со крсниот живот и со прославеното упокојување. Меѓутоа мисијата се врши во атмосферата на православното тихување, кое се контролира од тоа во колкава мера го почитуваме црковното уредување и структура.

Кога некоја "мисија" се врши без благословот на Црквата, кој го даваат Епископите, кои се наследници на светите Апостоли, тогаш не е благословена од Бога и еден таков "мисионер" е лош работник. Секако и некој Епископ кога не ги остава автентичните пастири да работат, ќе одговара пред Бога. Но постоењето на некој Епископ кој не му дава дозвола на некого да врши пастирска служба во Црквата, не може да допушти бунтови и црковни расколи.
Во секој случај кога некој ја прима благодатта на Светиот Дух, тогаш тој станува привлечна точка за многу луѓе каде било и да се наоѓа и да врши мисија. Затоа незаборавниот о. Јустин Поповиќ пишува:

zima.svnikola6.jpgАскетите се единствените мисионери на Православието. Акетизмот е единствената мисионерска школа на Православието. Православието е аскеза и живот, и затоа само со аскезата и со животот ја проповеда и ја остварува својата мисија. Да се развие аскетизмот, личен и црковен - тоа треба да биде внатрешната мисија на нашата Црква во нашиот народ. Парохијата треба да стане аскетски центар. Но тоа може да го направи само парох - аскет. Молитвата и постот, црковниот живот на парохијата, литургискиот живот - тоа се главните средства на Православието, со кои влијае преродбенички врз луѓето. Парохијата, парохиската заедница треба да се прероди, и преку христољубивата и братољубивата љубов смирено да Му служи на Христа во сите луѓе со кротост и смирение, со жртва и себеодрекување. А ова служење е должно да се напојува и да се храни од молитвата и од литургискиот живот. Тоа е основното, неопходното. Но сето ова како претпоставка бара: самите наши архиереи, свештеници и монаси да станат аскети, и затоа: На Господа да се помолиме.

 

Превод: С.С.

Посети:{moshits}



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1528
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1919
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1719
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…