логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Епископ Иларион Алфеев

(од книгата „Священная тайна Церкви. Введение в историю и проблематику имяславских споров“)


Библиското поимање на името. Божјите имиња

Името во Библијата се користи како сеопфатно и вистинско изразување на именуваниот предмет или на именуваната личност. Во Библијата името нема апстрактен или теориски карактер, туку животно-практичен: значењето на името не е вербално или словесно, туку реално или вистинско. На јазикот на Библијата името не е само условно означување на  некое лице или предмет: името укажува на основни карактеристики на својот носител, претставува негова суштина. Името, освен тоа, го одредува местото коешто неговиот носител е должен да го зазема во светот. Името на таинствен начин е поврзано со душата: кога се изговара името, тоа се издига кон душата на својот носител. Старозаветното поимање на името не вклучува во себе збир на звуци или букви за разликување на еден човек од друг во онаа мера, во која ја вклучува врската со самиот човек. Да се дознае нечие име значи да се стапи во врска со носителот на името, да се запознае неговата внатрешна суштина. Човекот во Стариот Завет бил восприеман според принципот „какво е неговото име, таков е и тој“.   


jacob.jpgСветото Писмо на Стариот Завет започнува со расказот за создавањето на светот и на човекот од страна на Бога. Во тој расказ Бог е претставен не само како создател на небото, земјата, светлината, копното и водата, мажот и жената, туку и како давател на нивните имиња:
И рече Бог: „Нека биде светлина!“ И би светлина. И виде Бог дека светлината е добра; и ја оддели Бог светлината од темнината. И светлината Бог ја нарече ден, а темнината ноќ. ... Потоа рече Бог: „Нека има свод среде водата...“ И сводот Бог го нарече небо. ... И рече Бог: „Нека се собере водата што е под небото, на едно место, и нека се појави суво!“ ... И сувото Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња. (Битие 1:3-10)


Во неколку глави подолу, за создавањето на луѓето се вели: „Маж и жена ги создаде, и ги благослови, и ги нарече – човек, во денот кога беа создадени“ (Битие 5:2). Процесот на создавањето, според овој стих, вклучува во себе две етапи: создавање и именување. Давајќи му име на некоја твар, Бог како да го определува нејзиното место во хиерархијата на тварното постоење, го воспоставува нејзиниот однос со другите твари. Давањето имиња на тварите означува, исто така, и потчинување на тварите на Бога.  


Откако го создаде човекот, Бог му го дава правото и тој да дава имиња: Тој ги доведе пред него сите животни и птици, „за да види како која ќе ја нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името. И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на птиците небесни, и на сите ѕверови полски“ (Битие 2:19-20). Давајќи му право да ги именува тварите, Бог го поставил човекот над нив, го направил нивен господар, зашто, давањето име на некое суштество, според поимањето на Библијата, значело да се има власт над него. Сами за себе, животните остануваат неименувани, но човековиот збор им ги дава имињата, и на тој начин човекот управува со нив од повисоко рамниште, одошто самите тие управуваат со себе. Како што вели св. Јован Златоуст, човек ги дава имињата за да „со именувањето јасно се види знакот (σύμβολον) на владичеството“. Златоуст се повикува на обичајот на луѓето при купувањето робови да им ги менуваат имињата; „така и Бог го принудил Адама, како владика, да им даде имиња на бесловесните“. Правото за именување, освен тоа, укажува на способноста на човекот да проникнува во суштината на стварите, и со самото тоа да се уподобува на Бога и да учествува во Божественото творештво. Според зборовите на Василиј Селевкиски, давајќи му право на човекот да им дава имиња на животните, Бог како да му вели на Адама: „Биди творец на имињата, бидејќи не можеш да бидеш творец на самите твари. ... Ние ја споделивме со тебе славата на творечката премудрост. ... Дај им имиња на оние на коишто Јас им дадов постоење.“


Во понатамошно раскажување во Библијата, многукратно се напоменува за давањето име на поедини луѓе. Притоа изреченото име може да укажува или на идната судбина, или на основните својства, или на околностите на раѓањето на неговиот носител, или на желбата на оној што го дава името да види во човекот одредени квалитети. Адам ја нарекол својата жена Ева (еврејски „живот“), „бидејќи таа стана мајка на сите живи“ (Битие 3:20); Ламех го нарекол својот син Ное („утешител“), „велејќи: овој ќе нè утеши во работите наши во трудот на рацете наши на земјата“ (Битие 5:29); едниот од децата на Исак и на Ревека го добил името Исав („рунтав“), зашто излегол на свет црвен и влакнест, а другиот Јаков, зашто излегол држејќи се за петицата на својот брат Исав (Битие 25:25-26). Името во Библијата практично се поистоветува со личноста којашто го носи: славата на името ја означува славата на неговиот носител, бесчестието на името означува губење на своето достоинство, погибел на името значи погибел на неговиот носител. Соодветно на таквите претстави, влијанието врз човековото име означува и влијание врз самиот човек. На името му се придава речиси магична смисла: кој владее со името, владее и со личноста на носителот на името. Оттука онаа важна улога којашто името го игра во Библијата. Тоа означува губење на самостојноста на човекот, негово потчинување на оној којшто го менува името. Така, на пр., Мојсеј го нарекол Осија, синот на Навин, Исус пред да го испрати во земјата Ханаанска, на чело на одредот „разгледувачи“ (Броеви 13:17): со тоа име синот на Навин не само што му станува потчинет на Мојсеја, туку и близок помошник, а подоцна и наследник.  


Кога Самиот Бог го менува името на некој човек, тоа претставува знак дека човекот ја губи својата самостојност и станува слуга Божји, стапувајќи истовремено во нови, потесни односи со Бога. Бог го менува името на своите избраници – на оние на коишто Тој им укажал доверба, на коишто им одредил некаква мисија, со коишто склучил завет. Откако Бог склучил завет со Аврам за раѓањето на множество народ преку него, тој станува Авраам (Битие 17:1-5), а неговата жена Сара станува Сàра (Битие 17:15); Јаков го добил името Израил („богоборец“ или, според друго толкување, „боговидец“) откако се борел со Бога и откако Бог го благословил (Битие 32:27-28).
Ако добивањето име од Бога значи потчинување на Бога, зачекорување по спасителен пат кој води кон небото, трогаш „здобивањето име“ (Битие 11:4), напротив, означува спротиставување на Бога: тој израз укажува на гревовен стремеж на луѓето да се избават од потчинетоста на Бога, да го достигнат небото без Божјата помош.


Важно значење во Библијата има родословот – списокот имиња на претците или на потомците на некој човек (споредете Битие. 10:1; 11:10; 11:27; 25:12; 36:1 и др.) Сета Книга Броеви главно се состои од списоци имиња коишто ништо не му значат на современиот читател, но, несомнено, биле важни за авторите на Книгата. Неопходноста од вклучувањето родословски списоци во Книгата Броеви и во другите делови од Библијата била условена од тоа што родословот (תולדות — toledot) ни оддалеку не се сметал за обичен список на имиња, кој помага да се идентификува некое лице со додавање на неговото име на некакви дополнителни карактеристики (Јаков, син Исааков, за разлика од некој друг Јаков). Родословот, пред сè, укажувал на наследство коешто го носи во себе секој човек; во родословот името на човекот е вткаено во непрекината низа имиња, којашто се протега до таткото на сите народи – Авраам – а преку него до Адама. Да се биде запишан во родословот на некое од колената на Израил би значело да се биде рамноправен член на богоизбраниот народ, односно на некаков таинствен начин да се биде присутен во Божјото паметење: имено, во тоа, очигледно, се состои смислата на Божјата заповед Арон да ги изгравира имињата на дванаесетте синови Израилеви на ефодот којшто првосвештеникот бил должен да го носи пред Господа за нивен спомен (Исход 28:12).  


Во Библијата човекот дава имиња не само на нему подобните, туку и на Самиот Бог. Секое име, дадено на Бога од страна на човекот, укажува на некакво дејстие Божјо поврзано со човекот. Така, на пр., Агара го призва Господа со името „Ти си Бог Кој милостиво погледна на мене“, зашто рече: „Пред себе го видов Оној што ми се јави“(Битие 16:13). Во Стариот Завет се среќаваат повеќе од сто имиња на Бог, како што се אלהים [(Elohim — „Бог“, буквално „богови“ (pluralis majestatis)], אדני (Adonay — „Господ мој“, буквално „господа мои“ (pluralis majestatis), אל שדי (El Shadday — „Бог семоќен“, или „Севишен“, буквално „Оној, Кој е на гората“), צבאות (Zebaot — „Саваот“, „[Господ] на воинствата“).


Истовремено, во Библијата е присутна мислата дека Бог неможе да се именува, дека Неговото име е недостапно за човекот. Јаков, кој се борел со Бога, прашал за Божјото име, но не го дознал. Расказот за средбата на Јаков со Бога претставува еден од најзагадочните и најтаинствените во сета Библија:
„А кога остана Јаков сам, тогаш некој се бореше со него до зори. И кога виде дека не може да го совлада, се допре до бедрото, така што на Јакова му се измести колкот од зглобот, додека се бореше со Него. Па тогаш рече: „Пушти Ме веќе, зора е!“ Но Јаков одговори: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш“. И му рече: „Како се викаш?“ А тој одговори: „Јаков“. Тогаш му рече: „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е името твое; зашто храбро се бореше со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш.“ А Јаков праша: „Кажи ми го името Твое?“ А он одговори: „Зошто прашуваш за името Мое, кое е чудно:“ И го благослови таму. И Јаков го нарече она место со името Фаниул, зашто, рече: „Бога го видов лице в лице, и душата моја се спаси.“ (Битие 32:24-30)


jacob.jpgВо христијанската егзегетика оваа повест е толкувана различно. Најраспространето било толкувањето според кое Јаков се борел со Синот Божји (Јустин Философ). Меѓутоа, за нас расказот за борбата на Јаков со Бога е интересен, пред сè, затоа што многу придонесува за поимањето на библиското богословие за името. Јаков добива од Бога ново име, што означува негово стапување во потесни заемни односи со Бога. Но, на прашањето за Божјото име, Јаков останува без одговор. Истовремено, за спомен на средбата со Бога лице в лице, Јаков му дава име на местото на коешто се случила средбата (Битие 32:30). Така, сето општење на Јакова со Бога се случува во сферата на имињата: Бог го благословува Јакова давајќи му ново име; Јаков го благословува Бога давајќи му име на местото, на кое присуството Божјо станало видливо за него, но притоа самото свештено име Божјо останува непознато.  


Идејата за недостапноста на Божјото име за човекот е присутна и во расказот во Книгата Судии за јавувањето на Ангелот на Маној: „Маној, пак, го праша Ангелот Господов: Како ти е името, за да те прославам, кога ќе се исполни зборот твој? Ангелот Господов му одговори: Зошто прашуваш за моето име? Тоа е чудно. <...> И ì рече Маној на жената своја: Бездруго ќе умреме, бидејќи Го видовме Бога“ (Судии 13:17—22). Последните зборови на Маној укажуваат дека нему му се јавил Бог, а не Ангел, па следствено, одбивањето да го обелодени Своето име му припаѓа на Самиот Бог.


Светото име Јахве во Петокнижието
Имињата со кои човек го именувал Бога – Adonay, El Shadday, Elohim, Zebaot – треба  да ги разликуваме од името יהוה (Yahweh – Јахве) – односно, од она единствено име со кое Самиот Бог му се открил на човештвото. Култот на тоа свето име зазема во Библијата исклучително место. Книгата Исход го поврзува откровението на тоа име со Мојсеј, на кого Бог му се јавил на гората Хорив, кога Мојсеј видел капина што гори но не согорува:
Извика Бог од капината и рече: „Мојсеј! Мојсеј!“ А тој одговори: „Еве ме [Господи]!“ И Он рече: „Не приоѓај ваму; собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.“ ... И му рече Господ на Мојсеја: „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет ... А сега појди, Јас те испраќам кај Фараонот, царот египетски, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите Израилеви ... А Мојсеј Му рече на Бога: „Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви и ќе им речам: „Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас“. И ако тие ме прашаат: „како Му е името?“, што ќе им речам тогаш? Бог му одговори на Мојсеја, велејќи: Јас сум Оној, Кој вечно постои ( אהיה אשׁר אהיה). Па продолжи: Така ќе им кажеш на синовите Израилеви: „Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас“. И пак му рече Бог на Мојсеја: Вака кажи им на синовите Израилеви: „Господ (יהוה), Бог на татковците ваши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете, тоа е името Моето вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.“ (Исход 3:4-15)  


Разбирањето на точната смисла на овој текст е крајно тешко, поради тоа што употребениот еврејски израз אהיה אשׁר אהיה (ehyeh asher ehyeh), преведен во Септуагинта како εγώ είμι ό ων, односно на словенски како „Јас Сум Оној Кој вечно постои“, буквално значи „Јас Сум Оној Кој Сум“: ова може да се прифати како формула којашто укажува на несакањето да се одговори директно на прашањето. Со други зборови, раскажаното може да се разбере не како откровение  од страна на Бога  на Неговото лично име, туку укажување на тоа дека на човечки јазик нема збор којшто би претставувал „име“ Божјо во еврејското поимање – т.е., некаков сеопфатен символ кој целосно би го окарактеризирал носителот на името. Така, Божјиот одговор на Мојсеј, на прашањето за Божјото име, ја има истата смисла како и несакањето на Бог да му го каже Своето име на Јаков. 


Етимологијата на самото свето име יהוה (Јахве), со кое Бог му се открива на Мојсеј, претставува голем проблем за толкувачите и за преведувачите. [Буквалниот превод на тој термин на грчи е „о ων“, на словенски – Јехова. Во грчката Библија често се преведува (напоредо со името Adonay) како Κύριος, на словенски и руски – како «Господ».] Изворната смисла на тоа име не може да се утврди, и сите научни толкувања на таа етимологија се само – обични хипотези. Дури и изговорот на четирите согласки од кои е составено името претставува само хипотеза. Се работи за тоа што по вавилонското ропство, а во секој случај не подоцна од 3 век пред Христос, Евреите престанале од побожност да го изговараат светото име Јахве, коешто почнало да се третира како nomen proprium, како лично име Божје. Само еднаш, во денот на Очистувањето (Yarn Kippur), првосвештеникот влегувал во светињата на светињите за таму да го изговори тоа свето име. Во сите други случаи, него го заменувале со אדני (Adonay) или со друго име, а писмено го означувале со честири согласки יהוה (YHWH — таканаречен свет тетрагам), кој, меѓутоа, не се изговарал: дури и комбинираното означување Adonay Yahweh (Господ Јахве) се читало како Adonay Elohim (Господ Бог). Во III – V век сеќавањето за изговорот на тетраграмот се зачувало – грчките автори од тој период го транскрибирале тетраграмот како Ίαυοέ, Ίαουοά (Климент Александриски), Ίαή (Ориген) и Ίαβέ (Епифаниј Кипарски и Теодорит Кирски), а латинските како yaho (Јероним), – но  подоцна правилното изговарање дефинитивно се заборавило. Од XVI век на Запад почнале да ја користат вештачката вокализација Yehowah (Јехова), којашто се појавила како резултат на додавање на согласките YHWH самогласки од името Adonay [Свештеникот Павле Флоренски го сметал таквиот потег за свесен обид на Јудејците да го сокријат правилното изговарање на Божјото име], и дури во средината на XIX век научниците покажале дека тетраграмот треба да се изговара како Yahweh. Макар што таквата вокализација на името YHWH во современата библистика се смета за општо прифатена, меѓу научниците има и значителни разидувања во толкувањето на смислата на самото име. Повеќето истражувачи, сепак, се согласуваат дека тоа име е поврзано со глаголот „сум“ (hayah), „постои“, „има постоење“, и дека самото име означува „Јас сум“ или „Јас сум тоа што сум“ (грчкиот превод на тоа име – о ων – укажува на постоење: оттука патристичкото поимање на името „Сушт“ како укажување на тоа дека Бог е извор на сето постоечко.


Отворено останува и прашањето за времето на појавата на култот на името Јахве кај Евреите. Наведениот расказ за јавувањето на Бог на Мојсеја еднозначно укажува на Мојсеј како прв човек на кого му станало познато тоа име. За тоа сведочат и зборовите Божји упатени до Мојсеј и запишани во Книгата Исход: „Јас сум Господ. Јас му се јавив на Авраама и Исака и Јакова како „Семоќен Бог“ (אדני), а со името Мое како „Господ“ (יהוה) не сум им се открил (Исход 6:2-3). Истовремено, веќе во Книгата Битие името Јахве се јавува повеќе пати: се говори за тоа дека во времето на Сиф и Енос „почна да се призовува името на Господа Бога“ (буквално, „името Јахве“) (Битие 4:26); дека Ное „направил жртвеник на Господа“ („жертвеник на Јахве“) (8:20); дека Бог му се открил на Авраама со името „Јас сум Господ“ („Јас сум Јахве“) (15:7); дека Авраам Му „поверувал на Господа“ (буквално, „поверувал во Јахве“, Му изградил жртвеники на „Господа“ („Јахве“) (12:8; 13:18), го нарекол Бога „Владико Господе“ („Владико Јахве“) и го „призвал името Господово“ („името Јахве“) (13:4); дека Јаков го нарекол Бога „Господ“ („Јахве“) (32:9); итн. Сето ова укажува дека името Јахве му било познато на Израилот и пред Мојсеја, макар што, можеби, Еврејскиот народ немал правилното поимање на името Јахве и, имено, токму Мосеј бил првиот на кого Бог му ја објаснил смислата на тоа име. 


Раскажувањето во Книгата Исход за синајското откровение на Бога на Мојсеј е уште еден расказ во кој името Јахве има централна улога. На Синај народот израилски преку Мојсеј го добива од Бога законодавството, коешто започнува со десетте заповеди. Првата заповед претставува проширено толкување на името Јахве, а втората заповед директно говори за тоа име:
Јас сум Господ (יהוה), Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене! Не прави за себе идол, ниту каква слика на она што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној кој напразно ќе го изговори името Негово (Исход 20:2-7).


Гледаме дека во првата заповед на Мојсеевото законодавство името Божјо се става во историски контекст: Јахве е Оној Бог Кој одиграл решавачка улога во историјата на Израилскиот народ, изведувајќи го од Египет. Јахве се споредува со другите богови и се претставува како „ревнител“, односно како Бог кој ревниво се однесува спрема почитувањето на Израилците на лажни богови. Втората заповед содржи забрана за напразно изговарање на Божјото име. Слислата на оваа забрана се состои во следново: како што славата, што му се припишува на Божјото име, се издига до Самиот Бог, така и понижувањето на тоа име значи натажување на Самиот Бог. Името Јахве практично се поистоветува тука со Самиот Јахве.


Макар што значењето на името Јахве останува сокриено, а и самото име не Го опишува Бога, сепак токму тоа име во еврејската традиција почнало да се восприема како Божјо лично име: сите други Божји имиња се восприемаат како толкување на светото име Јахве. За ова сведочи расказот од Книгата Исход за јавувањето на Бог на Мојсеја на гората Синај:
Мојсеј Му рече: Покажи ми ја славата Своја. Му одговори: Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое: (Јахве) (יהוה) е пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение, ќе го утешам. И потоа рече: Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив. И пак рече Господ: Ене место пред Мене, застани на онаа карпа. А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; и кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе Ме видиш од кон грбот, но лицето Мое не ќе ти се открие тебе. ... И стана порано Мојсеј утредента рано, па се искачи на планината Синај, како што му заповеда Господ. ... А Господ слезе од облак и застана пред него, и го возгласи името [на Јахве]. Потоа помина Господ покрај лицето негово и извика: Господ, Господ (יהוהיהוה), Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! Кој ја чува правдата и покажува илост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, Кој виновни не очистува, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата – дури и внуците до третото и четвртото колено. Мојсеј побрза , падна наземи и се поклони на Бога (Исход 33:18-23; 34:4-8.)


Во оваа сторија објавувањето на името Јахве (Јехова) од страна на Бог, односно изговарањето на Неговото лично име, претставува највисок миг на откровение. Сите други имиња, коишто следуваат по името Јахве – „Бог човекољубив“, „милостив“ и други – претставуваат само толкување на тоа име, како да додаваат овертонови кон неговото основно значење. На тој начин, двете теми – за името Божјо и за Божјите имиња – уште тука се сосема различни. 


Во цитираниот текст е присутен уште еден клучен поим во Стариот Завет, нераскинливо поврзан со поимањето на Божјото име: славата Божја или славата Господова (еврејски – kabod Yahweh). Највисок миг на откровението на таа слава претставува изговарањето на името Јахве. Но што е тоа слава Божја? Да се преведе адекватно тој поим на современ јазик е невозможно: во Стариот Завет во тој поим ја внесува, пред сè, претставата за таинственото Присуство Божјо, коешто се манифестира во видливи форми (облак, оган). Така, на пр., Божјата слава му се јавила на израилскиот народ во облак, кога народот негодувал против Господа; славата Божја се спуштила во вид на облак на гората Синај и престојувала на неа во текот на шест дена: славата Божја притоа се опишува како „оган што гори“ (Исход 24:17) 
Славата Божја често се јавува локализирана на некое конкретно место, или поврзана со некој свет предмет: облакот на славата Божја ја исполнил скинијата на заветот (Исход 40:34-35), и се јавува над златниот поклопецот на ковчегот (Левит 16:13). Славата Божја и ковчегот се тесно поврзани: губењето на ковчегот значи губењето на славата Божја (1 Царства 4:21-22). Важноста на ковчегот е условена со тоа што над него се „повикува името на Господ Саваот“ ( יהוה צבאות— Yahweh Zebaot) (2 Царства 6:1). Самиот Бог го избрал тој древен ковчег како место на Своето присуство и откровение: „И тука, над поклопецот, ... ќе ти се јавувам тебе и отаде ќе ти зборувам“ (Исход 25:22). Подоцна, во таргумската литература присуството Божјо над поклопецот од ковчегот ќе се означува со терминот „Шекинах“, кој означува „присуство Божјо“. Зошто, имено поклопецот на ковчегот, поточно просторот над него, станало место на посебно присуство на славата Божја, останува нејасно. Сириската патристичка традиција во лицето на преп. Исак Сириски, дава одговор на тоа прашање, за што ќе стане збор на некое друго место.  


Ако од Книгата Исход преминеме на Книгата Левит, ќе можеме да забележиме дека во неа темата за Божјото име исто така зазема важно место. Во неа, што е посебно воочливо, се содржи многукратно забранување да се „обесчествува“ името Божјо (Левит 18:21; 19:12; 21:6; 22:2, 32). Хулењето на Господовото име, согласно Книгата Левит, морало да биде казнето со смрт:
„И синот на Израилката похули на Господовото име. И го доведоа кај Мојсеја; и го ставија в затвор додека не се донесе за него пресуда според заповедта Господова. И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: Изведи го оној што хулеше надвор од живеалиштето, а и сите што чуја, нека ги стават рацете свои врз главата негова и целиот народ нека го убие со камења. И кажи им на синовите Израилеви: секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев; и оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ; било да е тој придојден или тукашен, ако похули на името Господово, да умре (Левит 24:11—16.). 


Во оваа одломка од интерес е не само строгоста без преседан, со која е пропишана казната за хулењето на Божјото име, туку и фактот дека името Господово тука претставува синоним за Самиот Господ: да се хули на името Господово значи да се злослови Господ. Згора на тоа, во оригиналниот еврејски текст зборот „име“ (shem) двапати е употребен без придавката „Господово“ (којашто е додадена со курзив, заради појаснување, во рускиот Синодален превод). Така, „името“ станува синоним за „Бог“; под „име“, секако, се подразбира свештеното име Јахве.   


Името Јахве игра централна улога во Книгата Повторени закони, особено во оној нејзин дел кој започнува со зборовите „Почуј, Израиле: Господ (יהוה), нашиот Бог, е единствен Господ“ (6:4) и завршува со зборовите „вие ќе Му бидете свет народ на Господа (יהוה), вашиот Бог (26:19). Во оваа долга одломка, којашто, според мислењето на многумина современи научници, претставува најстар дел од книгата Повторени закони, изразот „Господ (יהוה), твојот Бог“ се среќава на многу места, при што со тоа име Себеси се нарекува Самиот Бог, говорејќи за Себе во трето лице.


Во Повторени закони е повторена Божјата заповед, дадена на Мојсеја: „Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог; зашто Господ, твојот Бог, нема да го очисти оној што го употребува името Негово напразно“ (5:11). Заканата од казнување одекнува и за оние коишто немаат страв пред името Јахве: „Ако ... не се боиш од ова чесно и чудесно име на Господа, твојот Бог, Господ ќе те порази тебе и твоето потомство“ (28:58-59). Стравот пред Бога е суштинска компонента на старозаветната религија. Бидејќи во библиското поимање Бог се поистоветува со Своето име, стравот перд Јахве, или „стравот Господов“ (pahad Yahweh) прераснува во религиозно почитување на името Јахве, име спрема кое човек мора да се однесува со страв и трепет.


Во Повторени закони „името Јаве“ добива смисла којашто го доближува тој поим до поимите „славата Божја“, „сила Божја“, „присуство Божјо“. Изразот „името Јахве“ се користи во Повторени закони не само и не толку како синоним на Самиот Јахве, туку и како укажување на јавувањето, на присуството, на дејствувањето на Јахве. Ако Самиот Јахве престојува на небото, „името Јахве“ е присутно на земјата: тоа е  Негов земен претставник. Таквото користење на зборот во подоцнежниот јудаизам ќе доведе до појава на претставата за Името како самостојна сила, на некаков посредник меѓу Јахве и луѓето.  

Преземено од http://bishop.hilarion.orthodoxia.org

 

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7698
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная