Кога во човекот ќе влезе Христос и да е сам, и да е опкружен со луѓе каде и да е, тој тихува и има мир...
Го добив твоето писмо, и ти праќам одговор на твоите прашања.
Ме прашуваш, кој побрзо може да ја восприеми благодатта, тихувателот или послушникот.
Без сомнение, послушниот ученик рано добива благодат и е во безопасност, така што не се плаши, ниту дека ќе падне, ниту дека ќе се загуби. Доволно е само да не падне во небрежност. А, кога во човекот ќе влезе Христос, и да е сам и да е опкружен од луѓе, каде и да е тој тихува и има мир. Благодатта Божја не зависи од годините, туку од милоста Божја.
Опитот го здобиваме преку многугодишна практика, а пак, благодатта поради тоа се нарекува благодат – т.е. дар, талант. Таа зависи од Бог, а ја добиваме соодветно на топлината на верата, на смирението и на добрата намера.
Соломон доби благодат на дванаесетгодишна возраст. Даниил на истата возраст. Давид како момче, пасејќи ги овците. На сличен начин ја добија и другите старозаветни и новозаветни Отци.
Штом човекот искрено ќе се покае, благодатта се доближува, а придружена од ревноста се зголемува, а опитот пак, бара многугодишен подвиг.
Пред сè, оној што бара благодат од Бог, пред која било друга работа, должен е да ги трпи искушенијата и тагите коишто на кој било начин му се приближуваат. Ако пак при искушението негодува и не го покажува потребното трпение, тогаш, ниту благодатта ќе дојде, ниту ќе се восоврши добродетелта, ниту пак за некоја харизма (благодатен дар) ќе биде удостоен.
Ако некој го осознае дарот Божји, дека тој се состои во тагите и во она што ни го причинуваат искушенијата, тој навистина го нашол патот Божји и постојано ги чека да дојдат (искушенијата, тагите). Бидејќи, преку нив, трпејќи се очистува, се просветлува и Го созерцува Бог. Бог не може да се види поинаку, освен преку овој вид познание. Тоа познание е созерцанието, т.е. кога сфаќаш, кога Бог е блиску до тебе, кога внатре во Него се движиш, и што било да правиш - Он го гледа, така што внимаваш да не грешиш, да не Го натажиш, „оти од твојата десна страна Е.”
Значи, секој којшто греши, не Го гледа Бог, тој е слеп.
Старец Јосиф Спилеот
Преземено од сајтот на МПЦ