Patot.na.podviznikot90

ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ШЕСТА


За бесценетиот бисер

Лишен од секое знаење, без ниту една добра мисла или дело, без спомен за минатото и без желба за иднината, непотребен како искината крпа, бесчувствителен како камен покрај патот, нагризан како црвлива печурка во шумата, смртен како риба на суво и тажен до солзи поради ваквата бедна состојба на своето битие — така треба да стоиш во молитва пред Севишниот, пред твојот Судија и Творец, пред твојот Спасител и Господ, пред Духот на Вистината и Животодавецот; и како Блудниот син, од длабочината на сопствената немоќ, да изустиш:


Оче, згрешив кон небото и пред Тебе, и не сум веќе достоен да се наречам син Твој (Лк. 15,21).


Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот.

Сега ја познаваш својата немоќ и лежиш како зрно прав пред Севишниот; а од твојата беда никнува љубовта кон ближните како кон созданија Божји, кои во себе ја носат Неговата светлина. Знаеш дека Тој, Недофатливиот, ги гледа и ги познава, и тоа е доволна причина и ти да го дадеш сето свое за нив.

Се случи нешто чудесно: колку подлабоко навлегуваше во сопственото срце, толку повеќе излегуваше од себеси. Надворешните околности на твојот живот останаа исти: и понатаму ги извршуваш домашните обврски и се грижиш за децата, одиш на работа, примаш плата и плаќаш даноци. Го правиш сето она што му припаѓа на надворешниот живот, бидејќи си дел од општеството во кое живееш и кое не можеш да го напуштиш. Но во себе цврсто реши да го дадеш едното, за да го примиш другото.

… А ако Тебе Те имам, што уште да барам?
Ништо — одговара свети Јован Лествичник — освен непрестајно да се молам и во тишина да бидам со Тебе. Некој робува на богатството, друг на почестите, трет на стекнувањето пари. Моја единствена желба е да бидам со Господа.

Молитвата, заедно со самоодрекувањето што ја следи, стана твоја стварност. Отсега па натаму, единствената вистинска вредност за тебе е секогаш да живееш според волјата Божја (1 Мој. 6,9); а во тоа се опфатени сите земни, но и небесни настани. За оној што во себе Го носи Христа, нема смрт, ниту болест, ниту земни похоти; тој веќе зачекорил во вечниот живот, а тој живот опфаќа сè.

Ноќе и дење небесното семе никнува во твоето срце и расте, а ти и не знаеш како. Земјата на твоето срце сама од себе раѓа: најпрво трева, потоа клас, а потоа полно зрно во класот (Мк. 4,27–28).

Светителите ни зборуваат за незалезна светлина. Таа светлина не е од очите, туку од срцето кое никогаш не престанува да оди во чистота и целомудрие. Таа светлина ја остава темнината зад себе и непрестајно тежнее кон полнотата на денот. Нејзиното трајно својство е постојаното обновување на чистотата. Тоа е светлината на вечноста, светлина неугаслива, која просветлува низ превезот на времето и тварта. Но светителите никогаш не велат дека таа светлина им е дадена ним, туку дека се дава на оние што ги очистиле своите срца од љубов кон Господа, на тесниот пат по кој тргнале со слободна волја.

Тој тесен пат нема крај — неговото својство е вечноста. Таму секој миг е нов почеток: сегашноста ја содржи иднината — Денот на Судот; сегашноста ја вклучува и минатото — создавањето на светот; зашто Христос е безвременски присутен насекаде, и во адот и на небото. Со доаѓањето на Единиот, исчезнува секоја множина во времето и просторот. Сè се случува истовремено — сега и овде и насекаде — во длабочината на срцето. Во срцето, значи, ќе го пронајдеш она што си го барал: длабочината, висината и ширината на Крстот — Спасителот и Спасението.

Затоа, ако сакаш да ја спасиш својата душа и да го задобиеш животот вечен, од миг во миг подигај се од својата млитавост и говори:


Помогни ми, Господи, да поставам добар почеток, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

КРАЈ НА ПОСЛЕДНАТА ГЛАВА

 

Тит Колиандер


Подготвил С.Стефковски

29.12.202

 

Друго:

Подготвил С.Стефковски

06.11.2025

Patot.na.podviznikot14

За Преминпортал подготвил С.Стефковски

04.11.2025 лето Господово

Patot.na.podviznikot9

 Patot.na.podviznikot86

ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ТРЕТА

Patot.na.podviznikot87

ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ЧЕТВРТА

 

ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ПЕТТА

 

 

 

 

5