Ако молитвата претставува бесплоден труд, изгубено време и изневерени надежи — за каква сè повеќе ја смета овој наш модерен свет, кој живее на работ на опасноста од своето самоуништување; ако ја нема онаа улога во животот на луѓето и на народите каква што ì се припишува отсекогаш, тогаш напразно Исус Христос се молел во гората, бесцелно гладувал и жедувал четириесет дена, залудно горел во врелиот пустински песок под огненото тропско сонце. Тогаш непотребно и ние се молиме и паѓаме на коленици. Каква корист тогаш од црквите и манастирите, чиј број на земјата изнесува колку бројот на светлите небесни звезди. Во тој случај ја губат својата смисла и претставуваат заблуда исто така и животите на свештениците, монасите, пустиниците, воздржниците и богоугодниците, кои ги има во светот колку песокта во морето. Попусто се пролеани реки маченичка крв низ непрегледниот тек на бурната и драматична историја на христијанството, која претставува единствена, недостижна и неверојатна епопеја во историјата на светот од неговиот прв момент до овој час. Во тој случај претставува заблуда секоја вера и секоја религија, ја губи својата основа и верувањето како феномен, како психичка категорија која претставува основен инструмент и во научното сознавање, каде што појдовна база секогаш се јавува верата во краен успех, која е залог за секакви жртви. Тогаш и верата во луѓето како средство за меѓусебно општење станува беспредметна и излишна. Во тој случај, пак, сите тие заблуди нужно би го устоличиле и прашањето: каков е тој човеков ум кој можел да живее во непрестајна религиозна заблуда од самото свое раѓање?! Дали тој воопшто е способен да бара вистина? Ако и ја најде, ќе умее ли да ја познае и одвои од невистината?
Меѓутоа, наместо тоа бесконечно сомневање што претставува трнлив плод од ноќе фрлениот какол од непријателот на нашите души (Мат. 13, 25), наместо тие сомневања што не водат никаде никого, и не откриваат никому ништо, туку се само нови и нови колца од бескрајната верига на заблуди, во чии мрежи се нишаме и успиваме, наместо тие мудрувања на лесномислието, полесно и поразумно е да речеме: Ако поединец или група може да погреши, како што се случувало во секоја историска епоха на човештвото, човековиот гение, пак, не би можел така да застрани и наполно да попадне во заблуда, бидејќи располага со свој природен сигурносен систем, чии компоненти се: разумот, логиката, инстинктот итн., и нивните оперативни елементи: непосредната опсервација, искуството, аналогијата и сл., како и содејство со Универзалниот Ум, Кој ги надгледува и раководи сите движења во природата и општеството. Напротив, со далеку поголема веројатност може да се рече дека во заблуда е оној што се издвојува од монолитот на природната состојба на работите и мисли дека човештвото живее во заблуда во поглед на религијата! Може ли моментот да ја мери вечноста? Во состојба ли е точката под лупа да ја стави бесконечноста? Можат да се обидуваат, но тој труд секогаш ќе се вика само:
а п с у р д!
Значи, верата на монасите и нивните молитви, поправо секоја од нив и секој збор во нив, навистина имаат своја полна вредност пред престолот на Божјата одзивчивост. Светот сосема поинаку не изгледаше ако не беа деноноќните молитви, постот и бдението на таа единствена духовна крепост и молитвена метропола на целокупното христијанство со која управува Небесната Владичица. Тогаш онаа страшна експлозија на почетокот на ова илјадолетие ќе причинеше такви катастрофални и непоправливи штети, што би можеле да ја доведат во прашање и силата на христијанството, врз кое се беа нафрлиле најзлобните демони на адот. „ОВОЈ... РОД СЕ ИСТЕРУВА САМО СО МОЛИТВА И ПОСТ“ (Мат. 17, 21).
Затоа нашиот однос кон оваа света заедница би требало да биде рамен на односот кон молитвата и постот, кои значат Јаковова скала до небото. Таквиот наш став кон Света Гора ни за момент на би требало да се симнува од тронот на стравопочитување. Тоа нејзе легитимно ì припаѓа на прво место по Светата Земја во која се роди Боогочовекот.
Од дното на нашето срце да ì благодариме на Пресветата Владичица Богородица за нејзината крајна пожртвуваност во Својата жребна мисија, за несфатливата милост покажана кон грешниот човечки род и за бескрајно трпеливото стоење на чело на невидливата армија на нашето спасение.
Наслов на изворникот:
Јеромонах Гаврил,
Света Гора,
Скопје, 1978 год.
Посети:{moshits}