✜✣✜
Верата не е можна без дела, ниту делата се можни без вера. Оној што верува, за да ја докаже својата вера, должен е да Му принесува дела на Господа. И верата на нашиот отец Авраам не би му била примена како правда, ако не ги принесол нејзините плодови – ако не бил решен својот син да Му го принесе на жртва на Бога.
Оној што Го сака Бога, тој и искрено верува и извршува праведни дела според својата вера. Оној што само верува и не живее во љубовта, тој ја нема ни самата вера, која се чини како да ја има. Тој верува со некаква умствена леснотија, но не дејствува според силата на преславната љубов. Зашто „верата дејствува преку љубовта“ (Гал. 5, 6); љубовта е главната сила на добродетелите.
Оној што ја испитува љубопитно длабочината на верата бива брануван на брановите од своите помисли, а оној што ја созерцава со простосрдечна расположба – се насладува со убавината на внатрешната тишина. Длабочината на верата, како вода на заборавањето, не поднесува да ја гледаат, да ја набљудуваат со љубопитни помисли. Затоа, да пливаме со простотата на нашиот ум во овие води, за да можеме на тој начин да пристигнеме до пристаништето на Божјата волја.
Никој не може искрено ни да сака, ни да верува на друг начин, освен, ако не се осудува самиот себеси. Зашто, кога нашата совест нѐ измачува со своите изобличувања, тогаш на нашиот ум не му се дава да ги почувствува сладостите на другиот свет и тој тогаш е веднаш раздвоен од сомневањеː со силата на претходните опити и со верата тој се устремува кон небесните блага со силна желба, но не може да ги прими во своето срце со љубов, поради тоа, како што рековме, што често го измачува неговата совест. Впрочем, ако се очистиме со најтопла молитва и со внимание, пак ќе го имаме ова сакано богатство и ќе се насладуваме со него со уште поголема близина со Бога. - Блажени Диадох
Избор од ФБ страната на Светланка Трајчева