Скопје,14ти мај 2023 година- храм на св.вмч. Димитриј
НЕДЕЛА НА САМАРЈАНКАТА 14.05.2023
„Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен" (Јован 4: 14)
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!
Благочестиви христијани!
Својата Вода, или Живата вода, за која говори Господ Исус Христос, во разговорот со Самарјанката, е всушност Неговото спасително учење кое постојано, непрекинато ни го дава низ вековите, па и ден денес, и така до крајот на овој свет и век, со надеж што повеќе од нас, неговите чеда, да не поправи, секој од нас да стане човек, - человјек, односно оној кој со челото, а тоа се умот и очите е насочен кон вечноста, за разлика од животните кои се со погледот кон земјата и земните нешта, и така да не приведе кон вечниот живот.
Живата вода е и благодатта на Светиот Дух што ни е дадена во часот на нашето Свето Крштение. Таа е Неговата божествена благодат. Таа е невидливата Божја сила, која Бог им ја испраќа на сите оние, кои Го љубат и влегуваат во Неговата Црква. Неговото учење им дава светлина на нашите мисли, ги трга од нас земните, нечовечки размислувања и убедувања, за да можеме да го здогледаме вечниот, небесен и духовен свет; Христовата жива вода постојано не учи како треба да живееме, не учи дека треба да Го љубиме Единиот вистински Бог и нашите ближни како самите себе, едноставно не учи како да се остане човек од раѓање, преку животот, па се до смртта во овој свет, со јасна цел, вечно живеење во вечното небесно Царство Божјо.
И замислете, еве Две илјади години Христовиот извор на жива вода постојано не пои но никако не пресушува! Таа вода Господ ни ја оставил во наследство преку нераспадливите мошти на светите Божји угодници, преку чудотворните икони, преку светите Тајни на Црквата, ја оставил за сите, кои со вера пристапуваат кон Него. И преку таа вода слабите по дух стануваат силни, грешниците постануваат праведници. Преку таа Христова сила и жената Самарјанка, која разговарала со Спасителот Христос и поверувала во Него како во Син Божји, постанала праведна после развратниот живот, тргнала по Господа, а за време на гонењата на христијаните заради исповедањето на вистинската вера во Господа, таа заедно со други христијани, маченички умрела за Оној, кој ја научил да ја испие живата вода како извор, од кој извира вода за живот вечен.
Таа Христова сила е чудодејствена сила! Не постои таков грев, кој таа не може да го очисти; не постои такво духовно човечко паѓање, од кое таа не може да издигне; не постои таква немоќ, која таа не може да ја излекува; не постои таква животна горчина, која таа не може да ја ублажи! Но само за оние кои вистински сакаат и вистински се спремни да се поправат и повторно да постанат вистински Человјек - човек подготвен за вечноста.
Ако уште денес овде ги напоиме нашите души, со живата вода која истекува од непресушниот извор - Христос Спасителот, тогаш сигурно повеќе нема да ожедниме туку вечно ќе живеме во Христа. Амин!
Преминпортал (к.т.)
14ти мај 2023 лето Господово
Друго:
Александар Несторовски:НЕДЕЛА СИРОПУСНА / СВ. АП-ЛИ АКИЛА И ПРИСКИЛА 26/02/2023
. Александар Несторовски: НЕДЕЛА НА БЛУДНИОТ СИН / СВЕТИ ТРИ ЕРАРСИ
Александар Несторовски: Трета недела по педесетница 11/07/2021
Божествена Литургија во храмот на св.вмч.Димитриј, Скопје (30.05.2021)