232.
1. Господ ветил дека ќе испрати друг Утешител, а тоа го исполнил на Светата Педесетница. Колку е ова големо!
Ја празнуваме Педесетницата и слегувањето на Светиот Дух, за што говори Господ, велејќи: „Подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го пратам. А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати на секоја вистина: но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже вистината“ (Јован 16, 7-13). Какво е ова ветување! Со колку нешто големо сме удостоени! Спасителот не ни ветил дека ќе ни испрати ангел, или човек, туку Самиот Дух, Кој има иста суштина на Него. Па така, Единородниот Божји Син ја извршил работата на Отецот, се вознел на небото, а Светиот Дух слегол. Не слегол при нас друг Бог. Не, тоа никако, туку друг Утешител, како што е напишано. О, неискажливо човекољубие! Самиот Бог е наш Утешител! Он ја утешува натажената и измачена душа: и дава сила да не очајува во тешките прилики, како што сведочи и апостолот, велејќи: „Бевме во маки: однадвор напади, одвнатре страв. Но Бог, Кој ги утешува смирените, нѐ утеши“ (2. Кор. 7, 5). Он го утешува срцето, исплашено со демонски стравувања, го издигнува преку смела надеж кон непобедливата храброст, како што сведочи светиот Давид, кој вели: „Покажи со мене чудо за добро, па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши“ (Псал. 85, 17). – Утешителот го одушевува смутениот ум, му дава мир со Бога и тој се смирува, како што сведочи апостолот, велејќи: „Ние сме пратеници место Христа, како Бог да зборува преку нас. Ве молам во името на Христа помирете се со Бога!“ (2 Кор. 5, 20). Ја гледаш ли несфатливата Божја снисходливост? Го гледаш ли неспоредливиот дар? Горе е Единиот Син Божји, Кој се застапува за нас пред Отецот, како што е напишано: „Кој е од десната страна на Бога, и Кој се застапува за нас“ (Рим. 8, 34). А Светиот Дух долу утешува на најразлични начини.
2. Како да благодариме? Да Го исповедаме големиот Цар и да се воодушевиме за извршување на секое добро; да се бориме против сѐ што е страсно и телесно; во секоја неволја – утехата да ја бараме само од Господа.
Како да Му благодариме за ова на Господа? Ни останува само да ја запееме песната од псалмите и да извикуваме: „Сите коски мои ќе речат: Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен, беден и сиромав од грабителите нивни?“ (Псал. 34, 10). И пак: „Помошта наша е во името на Господа, Кој ги создаде небото и земјата“ (Псал. 123, 8). И уште: „Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во адот“ (Псал. 93, 17). И: „Господ е мој помошник, нема да се уплашам: што може да направи човек?“ (Псал. 117, 6). Имајќи Го Светиот Дух, непобедливата сила, Големиот Заштитник – Бога и Помошникот, да не се плашиме од непријателот и од спротивните сили, а имајќи го Него за закрилник, да побрзаме храбро да се зафатиме со подвижнички и исповеднички борби, и дење и ноќе, не измамувајќи се од измамите на ѓаволот, не попуштајќи под неговите непрестајни напади, да ја изгасиме телесната љубов, која го исполнува како со оган домот на нашата душа. - Ве уверувам, дека тоа не е задоволство, туку дека е опасна болест, дека не е сласт, туку е застранување на умот и негово помрачување. Ова го знаат оние што го скротиле телото, што ја измиле неговата нечистотија и кои се прилепиле кон Единиот Бог со сето свое срце. А што е она што е најслатко и најпосакувано? – Оној што го добил него, тој и во телото е над телото, во светот е, а е и над светот: живее овде во овој свет, а е и над него. Во тоа се брановите на благодатта, кои се подигнуваат од поддувнувањето на Духот; ја исполнуваат со спокој душата, колку е тоа можно.
3. Да бегаме од сѐ што Му е неугодно на Бога.
Зошто дозволуваме сластољубието да нѐ победува и да нѐ измамува толку многу, така што сме прилепени за земјата, за телото и за крвта, и целосно сме се отуѓиле од нашиот предобар Бог? – Да бегаме од секоја страст, од среброљубието, од изворот на предавството: да бегаме од неверувањето кое нѐ одвојува од општењето со Бога. Да бегаме од секоја друга страст, која ја напаѓа нашата душа; од гневот, зависта, самољубието, самоувереноста, за да не нѐ најде смртта неподготвени и да нѐ отуѓи од Бога, зашто отуѓувањето од Бога е отуѓување и од царството небесно. Од ова нема да избегаат оние што го прават она што не Му е угодно на Бога. Да го избегнеме гневот што нѐ очекува; да почнеме постојано да Му угодуваме на Бога. – Да се обновиме себеси и да ги очистиме нашите души! Бидете храбри, Господ е близу до сите што Го повикуваат.
Извор. ДОБРОТОЉУБИЕ
Подготви: Т.С.
2- јуни 2017 лето Господово