Прашање од Лидија, Ангеле, Ѓоко и Стојан:
Јас сум христијанка, крстена сум, но сеуште мојата вера е традиционална, површна. Сакам и вистински да бидам христијанка, да бида жив член на Црквата. Имам многи искушенија на тој план, особено луѓето кои за себе велат дека се "црковни" ме одвраќаат од Црквата. Кој е патот до Црквата, до вистинските верници?
Одговор:
Одговорот на ова прашање го нудам во следниот текст, напишан во вид на разговор. Не случајно е во вид на разговор, затоа што многу исти или слични разговори многу често може да се слушнат. Би ги замолил читателите внимателно да го читаат разговорот, да влезат во него, да се препознаат во ликовите, да размислат за тоа во која духовна состојба се и каде се во однос на Црквата - разбрана како:
1. спасително Тело Христово,
2. новозаветен народ Божји,
3. семејство на ученици Христови,
4. литургиско - евхаристиска заедница.
Патот до Црквата
Разговорот што имате можност да го проследите во текстот што е пред вас го слушнав од еден мој брат во Христа. Тој истиот го водел во работничката менза со уште двајца свои соработници. Денот во кој се водел разговорот бил петок, датата е небитна, а имињата на соговорниците се скоро автентични. Се започнало откако соговорниците седнале на заедничка маса, а едниот од нив, затоа што во тој ден се постело, земал посна храна.
Драган: Перо, значи ти и денес постиш, а толку убаво јадење има?
Петар: Да, како и секој православен христијанин, постам во среда и петок, ништо особено.
Драган : Сакаш да кажеш дека ти си христијанин, а јас не сум?!
Петар: Јас не говорев ништо во однос на други.
Драган: Па и јас сум христијанин, крстен сум, со жена ми се венчавме, децата ни се крстени, имама домашна слава, икони, кога сме слободни, на некои празници, палиме и по некоја свеќа во црквата.
Зоран: Интересен ви е муабетото. Еве, и јас сум некој си христијанин, ама искрено да ви кажам не знам што тоа значи, а и што тоа ме прави поразличен и, условно кажано, подобар и посреќен од некој муслиман, атеист или член на некоја религиозна секта?
Петар: Па чим ме прашувате ќе се обидам да одговорам. Да бидеш христијанин значи да веруваш и со животот да исповедаш дека Исус е Христос, Месија, наш Господ, Учител и Спасител. Треба да веруваш и дека Тој е совечен Син на нашиот небесен Татко и дека заради спасението на целото човештво од гревот, злото, смртта и ѓаволот Тој дојде во нашиот свет и ја прими на себе човечката природа, ја проповедаше вистината за спасението, на крстот не' искупи и ослободи од ропството на гревот, а со воскресението ја победи смртта.
Драган: Верувам јас во сето тоа.
Зоран : А од каде ти знаеш дека баш Исус е Месијата, дека е Син Божји, дека е Спасител, Господ . .? Кој со сигурност може да посведочи за тоа? Станува збор за сериозни нешта. Колку што мене ми е познато - од верата и животот во Христос, според оние кои веруваат во тоа, зависи и спасението на човекот, а и неговиот вечен живот. Барем така сум слушнал.
Петар : Убаво кажано. И самиот Исус Христос на оние кои го слушале често им говорел: Сте слушнале дека . . . , а Јас, пак, ви велам. . .(Матеј. 5, 27 - 28) Така и во наше време. Многумина слушнале разни нешта за Месијата, за христијанството, за Црквата. Но едно е што може се' да се слушне, особено од проблематични извори, а друго е кога ќе слушнеме како лично Исус - како вистинскиот од Небесниот Отец испратен Месија, Спасител - ни говори преку неговите зборови запишани во Светото Писмо или во нашиот дух преку Светиот Дух. А и самиот Христос за да говори со тој авторитет, со кој говорел, бил посведочен првин од пророците кои живееле пред неговото вочовечување во периодот на Стариот завет, но бил посведочен и од својот небесен Татко и од Светиот Дух, а потоа од последниот старозаветен пророк - Св. Јован Крстителот, од Неговите апостоли, од безбројните маченици и исто така од огромното мноштво Негови ученици низ вековите што се зад нас. Не случајно ученикот Христов и големиот учител на Неговата Црква, св. апостол Павле, во посланието до Црквата во Коринт ќе напише: Затоа ви кажувам дека никој кој зборува преку Божјиот Дух, не вели: "Проклет да е Исус!", и никој не може да каже дека: "Исус е Господ!", освен преку Светиот Дух. (1. Кор. 12, 3) Ова искуство и сведоштво Црква Христова го пренесува со векови.
Драган: Како мислиш дека Црквата го пренесувала!? Сигурно го пренесувале верниците, поповите, владиците. Црквата е храм, зграда. Или ти мислиш дека Црквата е некаква организација !?
Зоран: Ова со Црквата и мене секогаш ме интересирало. Можам да кажам дека Исус Христос ме привлекува како личност, како порака. Тој ми зрачи со некаква необјаснива светлина и чистота, ама она што јас мислам дека е Неговата Црква, понекогаш и ме плаши. Познавам доста луѓе кои се нарекуваат верници, а и доста попови. Владиците ги гледам само преку медиумите. Многу од нив воопшто не зрачат со таа Христова чистота и светлина. Барем јас така ги доживувам нештата или можеби сум идеалист.
Петар: Црквата во себе носи една голема вистина, но и голема тајна. Самиот Исус Христос, како совечен Син Божји, Логос и Помазаник на Беспочетниот, Вечниот наш Татко небесен, но и како вистински Син Човечки, ни ја откри вистината дека Неговата Црква, односно, Неговите ученици, како новозаветен народ Божји, во овој свет се Негова Светлина и Сол (Матеј. 5, 13 - 14). Без нивното сведоштво на Вистината и Смислата за постоењето светот би останал во духовна темнита, а и без нивните дела направени во духот и вредностите на Доброто светот за кратко време би станал најдекадентниот простор во космосот. Христос исто така ни проговори и за тајната дека во Неговата нива непријателот на Вистината и Доброто посеа какол кој ден-денес расте заедо со житото. Ова, за нас - членовите на Неговата Црква - е тајна, затоа што нам не ни е дадено сами да судиме кој во нивата е жито, а кој какол. Христос не' предупреди дека може корнејќи го каколот, да искорнеме и жито, и затоа судот е Негов, а не наш. (Матеј. 13, 24 - 30)
Драган: Мора да ти признаам дека ми се допадна тоа што го кажа, некако ми ја стопли душата. А и ова дека Црквата е всушност заедница, накој вид на духовно семејство, ме погоди во срце. Секогаш кога одев во црква, поточно во храмот, да запалам свеќа, па и кога ќе отстоев малку на некоја богослужба, имав потреба некој да ми пријде, да ми подаде рака. Еднаш се обидов да направам муабет со еден поп, иаку наоко беше љубезен, чувствував дека сака што побрзо да ме откачи. Ми изгледаше некако многу зафатен.
Зоран: И мене ми се допадна тоа што го кажа. Во овој наш свет секоја искрена човечка душа копнееа за живот во заедница за која говори Христос. Но кажи ми ти, каде денес да ја пронајдам таа и таква заедница. И јас, како и Драган, немам баш некое добро искуство со луѓето кои за себе велат дека се верници и дека се членови на Црквата. Нивната љубезност трае додека те навлекуваат кон своето стадо, а после откриваат некое друго лице. Особено денес кога има куп Цркви кои претендираат дека се Христови, а во исто време немилисрдо се исклучуваат, па и мразат помеѓу себе, како да откријам која е онаа вистинската?!
Петер: И јас, како и сега вие, имав милион разни помисли полни со сомнеж во мојот ум пред да го започнам процесот на моето оцрковување.
Зоран: Оцрковување? Што подразбираш под тоа?
Петар: Самиот разговор што го водиме во моментот е дел од тој процес. Вие говорите, ја отварате душата за вашите скоро најинтимни духовни доживувања. Значи, во потрага сте, односно, одите по трагите на вашата искреност која полека, но сигурни ќе ве донесе пред портите на вистината, пред портите на заедницата која ќе ја препознаете во духот како свое духовно семејство, како Организам, Тело Христово.
Драган: Еј, Петре, некако си ми многу, како да кажам, не конкретен.
Петар: Еве, ќе се послужам со своето искуство. И јас долго време трагав по она што не можев да го објаснам, а силно го чувствував во својата внатрешност. Тоа необјасниво"нешто" што се распали во мене сосема ми го промени животот. Од скоро духовно мртов човек, од човек кој се клатеше над бездната на смртта, мене ми се отворија нови, внатрешни видици, хоризонти, можности, сили, потенцијали. Од почеток немав скоро никого за да можам да ги споделам наштата што ми се случуваа. Па и кога ќе се обидев, луѓето што ме слушаа реагираа чудно. Сето тоа траеше додека не се сретнав со еден мој сегашен брат во Христа кој убаво ме разбра и ми објасни дека сум доживеал покајание, преумување, духовно будење, Божји љубовен допир кој ја оживеал и разбудил мојата личност. Преку него се запознав и со други мои браќа и сестри во Христа. Така јас самиот се сретнав со Црквата, а таа ме прегрна како свој член, орган, брат. Тоа е тоа. Во Црквата се влегува само со покајание, по Божји повик, со будење, со отфрлање на стариот човек кој својот живот го устројувал со лажните вредности на, од Бога, отпаднатиот свет. Секој кој мисли дека влегува во животот на Црквата, а не доживеал покајание и не го почувствувал Божјиот призив, тој станува потенцијален какол, понекогаш несвесен, но понекогаш и свесен проводник на сатанските сценарија. Затоа, кога Црквата, заедницата на Христовите ученици, се гледе однадвор и без ум и срце очистено преку покајанието, најчесто го гледаме каколот, односно она што по сатанското сценарио има за цел да не одбие, да не соблазни, да ни го затвори патот до портите на Царството Божјо. Тоа е тоа.
Откако Петар привршил со свето себеоткривање пред браќата, сите останале во тотален молк, се додека не станале свесни дека ручекот веќе одамна завршил и дека тие се единствените кои останале во мензата. Во неделата, во денот кога сета Црква си спомнува и го слави Христовото воскресение, сите тројца разговорот го продолжиле на Литургијата - на заедничкото дело на учениците Христови, но сега не беседеле помеѓу себе, туку со Оној - за кого беседеле.
презвитер Ивица Тодоров