Воскресен стихир, глас 2:
Се што денес дише и секоја твар Те слави Тебе, Господи, зашто со Крстотси ја уништил смртта, за да им го покажеш на луѓето Твоето Воскресение од мртвите, како единствен Човекољубец.
Нека кажат Јудеите како војниците го погубија Царот што го чуваа, и зошто не го дочуваа Каменот на животот? Или погребаниот да Го дадат, или на Воскреснатиот да Му се поклонат, говорејќи со нас:Слава на мноштвото Твои штедрости, Спасителе наш, слава Ти.
За да ја почувствуваме, да ја искусиме вистински Пасхата, за да ја видиме вистински светлината на божественото Воскресение, треба да ги очистиме своите чувства од секакво страстно движење; „очистим чувствија и узрим неприступним светом Воскресенија”, вели певецот. Ако нашето срце не е очистено, не е ослободено од одвратниот егоизам, од надменото расположение во душата, ако во нашето срце не се вселило Христовото смирение, тогаш нашите духовни очи не гледаат и нашето срце не ја чувствува светлината на Воскресението. Христос ни го покажа патот на очистувањето – „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши.” (Матеј 11, 29). Ако не си ја смириме помислата, ако не ја приклониме главата и не поверуваме цврсто дека сме ништо, и ако секој од нас не мисли за себе дека е последниот, најгрешниот човек, оној, кој ќе отиде во адот, нема да можеме да ја искусиме онаа особена радост на светото Воскресние и да ја празнуваме таинствено и неискажливо во нашите срца Христовата Пасха. „Секој горделив по срце е одвратен пред Господа“ (Изрек. 16, 5), „а на смирените им дава благодат“ (Јак. 4, 6). Бог ја слуша молитвата на смирениот. Особено срцето се очистува единствено преку смирение. Секоја добродетел, подвиг, присилување го имаат за цел очистувањето на срцето. А смирението е најефикасниот лек. Христос „ги приклони небесата и слезе“ (сп. Пс. 143, 5); слезе, се приклони, се смири, дојде кај нас како човек, а беше Богочовек – Бог и човек. Христос „ги приклони небесата и слезе”. Ние луѓето, и јас прв, не го веднеме својот врат пред Господ, не ја смируваме својата помисла. Жива е сè уште во нас гордоста. Се подвизуваме, за да му одолееме на тоа страшно расположение, и сепак, тогаш кога ќе помислиме дека имаме смирение, за кратко време чувствуваме дека гордоста пак ни се развива, бидејќи нешто сме почувствувале во молитвата, сме кажале нешто добро, нешто сме направиле – и ете, осилото на гордоста и славољубието нè боцка и нè тера да се дуеме дека нешто сме постигнале. (старец Ефрем Филотејски)
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!