Царството Божјо не е јадење, ниту пиење, туку праведност и воздржание со светост; затоа богатите нема да влезат во него, туку оние кои своето богатство го полагаат во рацете на сиромасите. Така и пророкот Давид нè учи, говорејќи: „Праведникот ја покажува својата милост преку целиот ден, неговата радост е во Господа и одејќи во светлина нема да се препне.“ Ова ни е напишано за поука, да постиме и да правиме добро и наместо земните работи, Господ да нè награди со небесните.
Утрена, петта недела од Постот
Поуки од светите отци: Како можеш да бараш Господ да биде благ и милостив спрема тебе, кога и самиот си груб и не проштеваш лесно на братот свој?
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Помогни ни, Господи, со своето срце да ги љубиме и да сострадаме со ближните, не гледајќи на тоа кој каков е и од каде доаѓа. Научи нè секој ден да живееме заради непреодните добра во вечното Твое Царство. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 40, 18-31
Битие 15, 1-15
Соломонови Изреки 15, 7-19
Послание до Галатјаните 5, 22-26; 6, 1-2
Свето Евангелие по Матеј 11, 27-30
Созерцание: А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпението, благоста, добрината, верата, кротоста, воздржанието. За такви нема закон.
Послание до Галатјаните 5, 22
Подготви: А.Л.
Икона на денот:
Преподобен Бенедикт
Роден е во Нурсиската област во Италија во 480 година од богати и угледни родители. Не се задржа долго по школите, зашто брзо увиде дека заради книшкото учење може да го изгуби „големиот разум на својата душа“. Од училиште излезе како „ ненаучен мудрец и разумен незнајко“. Побегна во еден манастир, каде прими монашки чин од монахот Роман и се повлече во една недостапна гора, па остана во една пештера трудејќи се околу својата душа повеќе од три години. Роман носеше леб и го спушташе со јаже од една стрмна карпа до влезот на пештерата на Бенедикт. Кога се прочу по околината, за да ја избегне човечката слава побегна оттаму. Беше многу суров кон себе. Еднаш кога го спопадна демонот на блудот, се соблече гол и се валкаше по коприви и трња сѐ дури не отстрани од себе секаква помисла на жена. Бог му даде многу духовни дарови: беше проѕорлив, исцелуваше болни, изгонуваше демони, воскреснуваше мртви, им се јавуваше на луѓето и на јаве и на далечина и во сон. Еднаш проѕре дека чашата со вино што му ја дале е отровна. Ја прекрсти и таа пукна. Устрои дванаесет манастири, во секој од нив по дванаесет монаси. Подоцна се создаде посебен ред на бенедиктинци, којшто и денес постои во Римската црква. Шест дена пред смртта нареди да го отворат неговиот гроб, кој беше подготвен отпорано бидејќи светителот го провиде својот крај. Ги собра сите монаси, ги посоветува и Му го предаде својот дух на Бога, Кому верно Му послужи во сиромаштија и во чистота. Неговата родена сестра Схоластика живееше во еден женски манастир и по примерот на својот брат и самата се подвизуваше тврдо и достигна големо духовно совршенство. Кога Свети Бенедикт ја испушти својата душа, двајца монаси, едниот на пат а другиот во една оддалечена келија, молејќи се видоа истовремено исто видение: пат од земјата до небото послан со скапоцени ткаенини и по страните осветлен со редици луѓе; на врвот од патот стоеше еден човек со неискажлива убавина и блесок, кој им рече дека патот за Бенедикт, кој Му е омилен на Бога, е подготвен. Од ова видение двајцата браќа дознаа дека нивниот игумен замина од овој свет. Свети Бенедикт се упокои во 543 година.