04 септември 2010 год. - Манастир на Успение на Пресвета Богородица, Матка
Тропар на крштението:
Подај ми светла облека,
многумилостив Христе Боже наш,
Кој се облекуваш со светлина како со облека.
Вие кои во Христа се крстивте во Христа се облековте. Алилуија! Алилуија! Алилуија!
На 04 септември 2010 година, со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Повардарската и Скопската епархија на МПЦ продолжувајќи ја Мисионерско-хуманитарната дејност по дванаесетти пат, организираа бесплатно групно крштевање во водите на реката Треска во непосредна близина на манастирот на Успение на Пресвета Богородица, во Матка. Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на свештенството од Скопската епархија, kако и во минатите и оваа година ги крсти во значителен број (над сто и педесет), оние кои доброволно пристапија кон православната вера, и со трикратното потопување, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, примајќи ја Светата Тајна – Крштение, тие станаа членови на Светата Православна Црква.
Доколку се вратиме во Христово време, ќе видеме дека токму и Неговата мисија како Спасител на светот започнала токму со крштевањето во Јордан. Свети Кирил Ерусалимски рекол: „ Почеток на светот е водата, а почеток на Евангелието е Јордан. При крштевањето на Господа во водата, на светот му била објавена тајната што се навестувала во Стариот Завет, за која во стариот Египет и во Индија само се раскажувало, т.е. тајната за божествената Света Троица. Отецот се јавил во чувството на слухот, Духот се јавил во чувството на видот, а Синот се јавил во чувството на допирот. Отецот го кажал своето сведочење за Синот, Синот се крстил во водата и Светиот Дух во вид на гулаб лебдел над водата. А кога свети Јован Крстител посведочил и рекол: „Еве Го Јагнето Божјо Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јн. 1, 29) и кога тој Го нурнал и Го крстил Господа во Јордан, со тоа се покажала и Христовата мисија во светот и патот на нашето спасение. Имено, ги зел врз себе гревовите на родот човечки и под нив умрел (нурнувањето) и оживеал (излегувањето од водата); и ние мора да умреме како стари и гревовни и да оживееме како очистени, обновени и преродени. Ова е Спасителот и ова е патот на спасението. Празникот Богојавление (на грчки Теофанија) уште се нарекува и Просвештение. Случајот на Јордан не просветува и ни го покажува Бога како Едносушна и Неразделна Троица. Тоа е едно. И второ: секој од нас со крштевањето во водата се просветува со тоа што постанува посинет од Отецот на Светлината, преку заслугата на Синот и со силата на Светиот Дух.
Затоа и Бог ги испратил апостолите да одат и да ги научат сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух (Мт. 28, 19) за сите ние да станеме синови по благодат, деца Божји, та просветувани и обновувани со Неговата благодат да викаме: Ава, Оче!
Под знакот на Твојот крст да се сотрат сите непријателски сили...
По миропомазанието на крстените, сите крстени присуствуваа на продолжението на Божествената Литургија и ја прима првата Светата Тајна Причест.
Друго:
- Света Тајна Крштение, Миропомазание, Причест
- http://www.sitel.com.mk/dnevnik/makedonija/tradicionalno-krshtevanje-vo-vodite-na-matka