Г.г.Стефан: Вистината за Охридската архиепископија никој со аргументи не може да ја побие
Скопје, 27 септември (МИА) - Архиепископот Oхридски и Mакедонски г.г. Стефан денеска изјави дека Македонската Православна Црква има долга историја и оти вистината за Охридската архиепископија никој со аргументи не може да ја побие.
- Очекувам конечно и другите православни цркви да ја прифатат реалноста со МПЦ бидејќи 40 години опстојуваме и покрај сите блокади и попречувања што ги имаме со соседните цркви кои го негираат не само постоењето на МПЦ како канонска наследничка на Охридската архиепископија, туку ја негираат и македонската нација, македонскиот јазик, култура, историја и се што е македонско, рече г.г.Стефан по денешната богослужба по повод празникот Крстовден во Соборниот храм во Скопје.
Тој истакна дека на надворешен план МПЦ ќе ги продолжи активностите, контактите со другите помесни цркви и изрази увереност дека конечно тие ќе вродат со успех.
Делегација на МПЦ, посочи г.г.Стефан, во текот на пролетта ја посети Вселенската патријаршија и Москва, а во меѓувреме е добиен одговор за прифаќање на разговорите од страна на Српската православна црква и од Атина.
- СПЦ прифати разговори со МПЦ. Ние одговоривме да нема никакви условувања меѓутоа имајќи ја предвид здравствената состојба на поглаварите на тие две соседни цркви одложени се за подобри времиња средбите и во Белград и во Атина. Одложено е и заседанието на Соборот на СПЦ за есенва. Затоа поконретно не може да се одговори кога и каде ќе продолжат разговорите, потенцира архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан.
Во врска со неодамнешното изгласување во Парламентот на Законот за верски заедници, поглаварот на МПЦ со став дека Законот како напишан текст е во ред и оти се зависи од неговото практикување.
- Се надевам дека Законот за верски заедници ќе ги штити интересите на МПЦ и на останатите цркви и верски заедници во Република Македонија во смисла да владее правото во оваа земја. Наше е да работиме, да ја организираме црквата, да работиме во епархиите, во нашите просветни институции и во се она што црквата ќе ја прави посилна. Ние сме црква и народ со голема дијаспора и тука ни претстојат големи задачи за собирање на нашиот народ распрснат ширум светот, додаде г.г.Стефан.
Во чест на јубилејот 40 години возобновена МПЦ по повод кој, на 14 и 15 јули се одржа централна прослава, г.г. Стефан најави дека есенва ќе се одржуваат свечености и оти во октомври секоја недела во различни епархии ќе се одбележува годишнината. рп/дма/13:40