SerfimRouz.2.toma

      Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготвија и се испечатија 2 тома од книгата „Светлост од Запад“, посветена на животот и учењето на отец Серафим Роуз.

Отец Серафим Роуз (1934–1982) е една од највлијателните личности во современото Православие, особено во Западниот свет. Како американец преобратен во Православната Црква и монах на Руската Задгранична Црква, тој стана познат по своите длабоки духовни книги, строга аскетска мисла и силна одбрана на традиционалното православно учење. Неговото значење е во тоа што им ја приближи православната духовност на луѓето на Запад, инспирираше многу прообраќања во Православие и поттикна враќање кон сериозен духовен живот, покајание и верност кон црковната традиција.

Ова најново двотомно издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Никола Цилаков, јазичната редакција ја изврши свештеник Јани Мулев, а прекрасната насловна корица и ислустрациите во книгата ги изработи зографот Владимир Симеонов.

Цената на книгите ќе изнесува 600 денари по том.

Книгите може да се најдат во сите храмови на Повардарската епархија или да се порачаат директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/

Предговор на книгите

Предговор на книгата „Светлост од Запад“
24.12.2025.

Предговор

                Секое време и секоја земја си има свои личности и настани кои оставаат длабоки траги во нејзината историја и иднина. Самото раѓање на Спасителот Христос во човечко тело, ѝ дава на историјата сосема поинаков правец. Секој херој, секој научник, секој подвижник и секој светител влијаат врз историјата на светот. И овој многу образован роден Американец, кој барајќи го Бога навлегол во источните религии, после многу трагање, преку светиот Јован Шангајски и учител Битолски, доаѓа до средба со Вистината – Христос, и доаѓањето на Литургија за него станува чин на „враќање дома“, онаму каде што отсекогаш припаѓал.

Јуџин Роуз (подоцна отец Серафим Роуз) е роден во 1934 година, во Калифорнија, во протестантско семејство. Завршил колеџ во Помона, а потоа магистрирал на кинеска литература на Беркли. Барајќи ја Вистината ги изучил источните религии и философии, што придонело тој да стане будист. Освен тоа стекнал сестрано образование, знаејќи го Шекспир, англиската и американската литература и театар. Бил кандидат за професор на факултет, но и покрај академската кариера која стоела пред него, тој доживеал голема духовна криза, бидејќи во будизмот се соочил со неговата безличност и празнина, а во академскиот свет се разочарал од развратот на младината. Во тој период се запознал со завршениот богослов од Џорданвилската богословија Глеб Подмошенски (подоцна монах Герман). Под раководство на свети Јован Шангајски и Санфранциски Јуџин станува православен, започнуваат со Глеб да издаваат списание „Православно слово“ (Orthodox Word), отвораат книжара за црковни книги и икони, а ова ќе ја разгори нивната желба за целосно посветување на Бога, т.е. да станат монаси. Самиот Јуџин зема од неговите родители пари и со нив купува имот во областа Платина, каде што ќе изградат примитивни куќарки и ќе започнат со монашки живот. Колку голема храброст и вера имале овие две души, кои, патем, никогаш не биле ниту на Света Гора, ниту во некој голем руски манастир, туку читајќи книги со житија на светителите, добиле вдахновение за еден ваков висок призив. Биле замонашени со имињата Серафим и Герман, а манастирот го посветиле на Свети Герман Аљаски. Овој манастир не бил вообичаен, туку повеќе бил мисионерски центар, во кој се преведувале и објавувале проповеди, сведоштва за верата. Преку нивното списание руското православие им станало достапно и разбирливо на сите Американци, благодарение на трудот на отец Серафим, кој самиот научил и црковнословенски и руски јазик, па дури почнал и да преведува. Се соочувале со многу проблеми, со тешки животни услови, со финансиски проблеми, недоразбирања со црковната власт, како и со здравствени проблеми. Но колку поголем крст, толку пославно воскресение! Нивниот труд Бог го укрепувал со голема благодат, па ова мало и скромно братство почнало да се зголемува со нови членови, почнале да доаѓаат многу луѓе кои копнееле по Христа и по автентичен духовен живот, со нивна поддршка се отворале други мисионерски центри низ Америка, и не попусто тој е наречен нов апостол на Америка.

При крајот на август 1982 година одеднаш добива страшни болки во стомакот, започнува утробата да му скапува од непознат фактор, и тој се упокојува на 2 септември 1982 година. На неговиот погреб, иако било многу топло, многу народ и деца стоеле околу неговото тело, а никој не почувствувал некаква непријатна миризба, што било знак дека „светителот Божји нема да види распаѓање“, како што се вели во псалмите Давидови.

Се покажал како голем философ, мисионер, неуморен преведувач и писател, ревнител за чистотата на православната вера, и затоа во неговите дела и писма нема да сретнеме типични монашки поуки за послушание и смирение, туку тој е монах од поинаков тип – монах мисионер и пастир. Денес манастирот Платина е едно од најзначајните поклонички места, каде што доаѓаат поклоници од сите краишта на светот, за да се поклонат на гробот на овој современ апостол и исповедник на верата. Оние кои го запознале во животот го сметаат за светител, а нивниот број не е мал, и затоа насекаде се сретнуваат икони со неговиот лик.

Поради обемноста на материјалот посветен на отец Серафим, како и многубројните страни со статии и истражувања, напишани од него, оваа книга ја издаваме во два тома. Во првиот влегуваат неговото опширно житие, а во вториот неговите богословски размислувања и анализи. Да нѐ удостои Бог сите нас, да го дочекаме неговото прославување од страна на Светата Црква, меѓу хоровите на светителите, во Царството на Христа Господа, Кого со цело срце го засакал и му послужил. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 2025