На 30.4.2023 година, втора недела по Пасха, денот во кој Црквата го прославува споменот на светите жени Мироносици, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше на осветувањето на новоизградениот храм посветен на светите солунски браќа, сесловенските просветители Кирил и Методиј во Дортмунд, Германија.
На Архиепископот му сослужуваа Неговите Високипреосвештенства, Митрополитите: Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Европски г. Пимен, како и архијереите од сестринската Српска Православна Црква, Епископите: Дизелдорфски и Германски г. Григориј и Западноевропски г. Јустин.
По Осветувањето на ова прекрасно ново светилиште беше отслужена Божествена Архијерејска Литургија. Среде повеќеилјадниот верен народ, присутни на овој многурадосен богоугоден настан беа и македонскиот в.д. амбасадор во Берлин, НЕ Васко Грков, заменик-градоначалникот на Дортмунд г. Манфред Зауер, пратеничката во Бундестагот г-ѓа Сабине Пошман, градоначалникот на дортмунската општина Шарнхордст, во која и се наоѓа новиот храм, како и поранешниот градоначалник на истата општина г. Рудригер Шмит, кого во оваа прилика Светиот архијерејски синод на нашата Света Црква го одликува со Светоклиментов орден од III ред, поради неговите заслуги за изградбата на храмот. Исто така, присутни беа и бројни Германци ‒ пријатели на Македонците во Дортмунд и на Македонската Православна Црква, како и гости Македонци од Торонто, Канада, и од повеќе места од Татковината.
По осветувањето, во новиот храм се извршија и две Крштевки и една Венчавка.
Нека е вечно ова ново македонско светилиште!
Извор:
http://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/osvet-na-novoizgraden-hram-vo-dortmund/
pp