Од 08 до 14 септември во Варна, Р. Бугарија, се одржа десетата јубилејна Седмица на православната книга. Истата, низ овие десет години, прерасна во меѓународен православен форум на кој гостуваа видни современи автори и богослови од скоро сите помесни православни Цркви.
Во оваа јубилејна година гости на Седмицата беа епископот Атанасиј Јевтиќ, од Српската Православна Црква, епископот Виенски и Австриски Иларион Алфеев - Руска Православна Црква и архимандрит Тихон Шевкунов, игумен на Сретенскиот манастир - Руска Православна Црква.
Овогодинешната Седмица беше посветена на темата: Црквата и нејзината духовна просвета и образование.
И оваа година, како и минатите години, Седмицата не' собра од повеќе помесни Цркви (бугарска, српска, руска, македонска, грчка, албанска, романска. . .) и ни овозможи да се сретнеме, да се запознаеме, да промовираме овогодишни изданија на списанија и книги, да споделиме искуство.
Како кулминација на Седмицата беа предавањата и промоциите на книгите на многупочитуваните епископи Атанасиј Јевтиќ и Иларион Алфеев. И двајцата, иаку различни по темперамент, но исполнети со ист Дух, ги исполнија душите на сите присатни и ни отворија нови длабочини и височини во православната богословска мисла.
Бисер на овогодишната Седмица беше и промоцијата на филмот: “Падот на империјата - византијска поука”. Филмот го промовираше неговиот автор - архимадрит Тихон Шевкунов. Со благослов на авторот, филмот со македонски превод, наскоро ќе биде достепен и за македонскиот аудиториум.
И за крај би сакал да ја искажам својата благодарност на нашите домаќини, на митрополитот Варненски и Великопреславски Кирил, на протопрезвитерот Василиј Шаган, кој е претседател на оваа сеправославна манифестација, на братот Борислав Аврамов и на сите останати браќа и сестри кои со многу нешта помогнаа овие седум дена да бидат исполнети со христијанска љубов, разбирање, творештво, единство.
презвитер Ивица Тодоров
Посети:{moshits}