Скопје, 20ти јуни 2021г.- храм Рождество на Пресвета Богородица
Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница; Светиот маченик Теодот Анкирски; Светите маченички Кирјакија, Валерија и Марија; Светиот свештеномаченик Маркел, папа Римски; Светиот свештеномаченик Маркелин, папа Римски; Преподобен Даниил Скитски;
Настанот опишан од Светиот Апостол и Евангелистот Лука во овие неколку реда од Новиот Завет, во Делата апостолски, иако навидум краток, сепак има космички карактер во историјата на човештвото и го овенчува делото на Божјиот Домострој за спасението на човекот. Заедно со светата Пасха, Педесетницата е најдревниот христијански празник. Уште од најдлабока древност новозаветната Педесетница била восприемана на два начина: како ден во кој Светиот Дух, во вид на огнени јазици, слегол над Мајката Божја и Апостолите и како педесетдневно празненство од денот на сеславното Воскресение.
Со слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите се запечатило спасението на човечкиот род од Богочовекот Исус Христос. Воедно, со слегувањето на Светиот Дух започнала и апостолската проповед, започнал светотаинскиот живот во Црквата. Затоа светата Педесетница се смета и како роденден на Црквата Христова. На овој ден таа ги примила благодатните дарови на Светиот Дух, коишто ја сочинуваат нејзината таинствена суштина. Црквата не би можела да живее без Духот Свети. А ние, нејзините членови, за да го стекнеме Духот, треба да го живееме светотаинскиот живот на Црквата, а Црквата да го повикува Светиот Дух. Затоа и секоја богослужба започнува со призивот кон Светиот Дух:
„Цару небесен, Утешителу, Духу на Вистината, Кој си насекаде, и сѐ исполнуваш, дојди и всели се во нас…“