14ти јули 2019 лето Господово
СВЕТА БОЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА
И
СИНАКСИС ВО МАНАСТИРОТ СВ. БОГОРОДИЦА
ВО БЕРОВО
Во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Берово на 14. јули 2019. г. кога Македонската православна црква – Охридска архиепископија ги прославува Светите маченици Козма и Дамјан; отец Фотиј отслужи Света Божествена Литургија. Верниците се причестија со Светите Христови Тајни.
На редовниот синаксис после Литургијата отец Фотиј ги поттикнуваше верниците на размислување за прочитаното Евангелие според Матеј (8, 5 – 13) во кое ни се опишува како Христос го исцелува слугата на римскиот стотник. Во случката Христос ја истакнува верата на римскиот офицер кој иако паган препознал дека пред него стои Бог. Христос дури ќе спореди дека толку силна вера како на стотникот не сретнал меѓу Евреите. Евреите кои како избран народ со векови имале искуство и традиција на сојуз со Бога не Го препознале Христа како Месија и Син Божји. Додека римскиот стотник кој бил воспитан во војнички и многубожечки дух, во момент на сочувство со страдањето на својот слуга, со увереност Му се обраќа на Христос. Христос му одговара на стотникот „како што си поверувал, нека ти биде!“ и во тој момент слугата оздравел.
Отец Фотиј нѐ повикува како декларирани христијани, да не ја испитуваме семоќта на Христос како Евреите туку да се преиспитуваме дали нашата вера е како таа на стотникот. Во овој контекст за нас, современите христијани истакнува отец Фотиј, важно е да препознаеме дека стотникот имал силна вера иако немал никакви претходни теолошки сознанија и пракса. Отец Фотиј го гледа како одлучувачки изградениот однос на стотникот со Бога. Однос кој е развиен до познанство што им недостасувало на Евреите.
Од оваа евангелска случка и за нас се поставува прашањето: што барам јас во Црква?
Не можам да доаѓам во Црква со моите проекции за мојот живот. Дали доаѓам со предрасуди што е најдобро за мене и за моите ближни? Дали верувам во тоа дека Господ Исус Христос подобро знае што е подобро за нас? Затоа, во Христовата црква да барам согледување на мојата вистинска состојба и одтука да почнам да го градам мојот однос со Бога. Без овој пристап паѓаме во искушение на недоразбирање и реакција кон Бога обидувајќи се да наметнеме наши решенија. Поуката од денешното евангелие е дека ако не сме смирени и уверени како стотникот нашиот црковен живот станува бесмислен.
Декларираните христијани веќе 2.000 години го правиме она што го правеа самоуверените Евреи. Не бараме да го запознаеме Бог каков што е. А за да Го запознаеме Бога мораме да Го слушаме односно да сме Му послушни, а не упорно да Му се обраќаме со барања. Да се подсетиме на Христовото упатство „барајте го Царството Божјо, а сѐ друго ќе ви се надодаде“. Во спротивно, посветувањето на земните вредности нѐ доведува пред портите на Царството Божјо со празни раце. И затоа за нас, современите христијани, е особено сериозно укажувањето на Нашиот Господ Исус Христос на крајот од денешното евангелие дека на столиците на трпезата со Авраам, Исак и Јаков место избраните синови ќе седнат мнозина кои ќе дојдат од Исток и Запад, „а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби“.
За Преминпортал , (според аудио записот на проповедтта),
подготви:Ратислав Кардалев