Деновиве во нашите две свештени Обители, Бигорската и Рајчичката, за огромна радост на најмладите од целата наша земја, започнаа летните кампови по Веронаука. Огромна радост, бидејќи децата со нетрпение чекаат да дојде периодот, во кој тие ќе можат низ наука, креативни активности и рекреација да се запознаат со основните постулати на православната христијанска вера.
Оваа година, според благословот и благопожелбите на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, во знак на големиот јубилеј – 1000 години Охридска Архиепископија, ќе се потрудиме нашите најмили да ги научиме на најважните моменти од историјата на оваа славна и света Црква, која била цврст столб, непоколеблив бедем, блага утеха, како и силна просветна и педагошка институција, која го воспитувала и просветлувала нашиот народ низ многуте векови на неговото постоење, па дури и тогаш кога тој немал своја држава. Затоа сите активности кои ова лето ќе се спроведуваат се во таа насока, зашто децата се нашата светла иднина и чувари на нашиот православен идентитет и ним ќе треба да им ја оставиме нашата света Црква и Татковина.
Годинешниот прв летен камп по Веронаука во манастирот во Рајчица го посетија триесетина девојчиња од нашиот главен град Скопје. Сите тие, освен што присуствуваа на традиционалните часови по Веронаука поврзани со христијанската етика и воспитување, имаа можност, преку соодветен приказ за нивната возраст, да ги допрат и осознаат и најосновните историски лекции во врска со Охридската Архиепископија, а потоа низ песна да се запознаат и со убавината на византискиот мелос. Низ креативните работилници тие ни ја покажаа нивната умешност и имагинација во цртањето на мотиви на тема „Охридската Архиепископија“, од чијашто убавина, секако, нема да ве лишиме. Посебна, пак, беше радоста за време на посетата на историското село Гари, родното место на славниот копаничар Петре Гарката и неговите браќа, каде децата имаа можност да го видат и да се помолат во преродбенскиот храм посветен на Пресвета Богородица, како и да се прошетаат низ живописната природа, па и да се одморат и освежат во ресторанот „Топила“, каде од домаќинот г. Ѓорѓи им беше укажано големо гостопримство. Оваа новина во летните кампови по Веронаука во нашите манастири – да се посетуваат славните Мијачки села – исто така е важна лекција, преку која децата ќе можат поодблизу да се запознаат со христијанската историја на овој значаен крај за нашиот народ.
Господ нека ги благослови, прегрне и просветли сите дечиња кои ќе бидат дел од летните кампови, за тие да бидат радост и пофалба на нивните родители, а со тоа и светла иднина на нашата Татковина.
Повеќе: https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/2018-oa-glavna-tema-za-veronauka/