Со Воскресна радост и голема почит, Ве покануваме на 30-ти април (понеделник) да бидете наши гости во Демирхисарско Слепче, во Манастирот Св.Јован Претеча, на одбележувањето на првата годишнина од канонизацијата на Св. Кипријан Слепченски, нашиот сеправославен Светител и голем застапник пред Бога, кој веќе година дена го полни Манастирот со поклоници од сите краишта на нашата татковина и пошироко.
Свечената Литургија по повод годишнината, ќе започне во 08:45 часот, а моштите на Светителот ќе бидат изложени од 07:30 часот пред кои ќе може да се поклони верниот народ и сите добронамерници што во понеделник на 30-ти април, ќе го посетат Манастирот. Свечената програма што ќе се одржи во дворот на Манастирската црква, ќе започне во 11 часот, со обраќањата на Митрополитот Преспанско-пелагониски г.Петар и градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски. Рециталот “Св.Кипријан” и пригодната музичка програма, дополнително ќе го збогатат настанот кој е од големо значење за нашиот православен народ. Славењето на Светителите, е Слава на Бога.
Дојдете заедно да му оддадеме почит на Св.Кипријан и да понесете благодат Божја во Вашите домови.
[youtube height="350" width="650" align="none"]https://www.youtube.com/watch?v=81VghBhTZBE[/youtube]
***
Светиот свештеномаченик Кипријан бил игумен на Слепченскиот манастир повеќе од триесет години во XVIII век. Тој бил добар познавач на словенското писмо и мудар и верен економ на манастирот. На Велики четвртoк, за време на еден голем пустош во манастирот од група арамии албански муслимани бил брутално тепан и горен на оган во манастирскиот двор, жртвувајќи се за доверената обител и братството се здоби со маченички венец на ден на Воскресение Христово на 17/30 април 1780 година.
***
Тропар на Св. Кипријан Слепченски
Кипријане,
велики молитвениче,
пред Бога застапниче,
за нашите души покровителе.
Моли се, оче преподобне,
за оние кои ти приоѓаат
од тебе благодат измолуваат.
За нивно преумување,
за нивно спасение
пред Бога поклонение.