На 23. 12. 2017, кога Светата Црква ги празнува светите маченици Мина, Ермоген и Евграф; Преподобна Ангелина и Св. Јован Деспот; Светиот маченик Гемел; Преподобен Тома Дефуркин, во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, игуменот на манастирот, архимандритот Гаврил (Галев) во сослужение на протојереј – ставрофор Ефтим Бетински и на ерејот Владо Недески отслужи Света Златоустова Литургија.
На Литургијата учество зеде мноштво народ, кој се причести со Светите Христови Тајни.
По Литургијата, во манастирот, во организација на Македонската православна младина на Австралија (МОYА) се одржа Македонскиот православен духовен семинар на тема: „Православната црквата во современиот свет (проблеми, решенија и предизвици)“.
Предавачи на семинарот беа: игуменот на манастирот, архимандритот Гаврил (Галев) и презвитерот Владо Недески (старешина на храмот „Света Петка“ – Рокдејл), кои на присутните слушатели им ги објаснија проблемите кои ги има Православната црква во современиот свет, но исто така дадоа и свои согледувања околу низа решенија за надминување на проблемите преку мисионерски предизвици на свештенството и со помош на народот Божји, кој треба постојано да е литургиски и мисионерски вклучен во Црквата. Особен нагласок се даде на младиот човек. Свој збор зеде и заменик претседателот на МОYA, др. Ананија Ананиевски.
На предавањето свое учество зеде многу народ, пред кој беа промовирани новите епархиски изданија: периодиката „Кинонија“ и двојазничното издание „Божествена Литургија“ од светиот Јован Златоуст“. На присутните им беа доделени примероци од новите изданија.
Извор:http://mpcaus.org/odrzan-makedonskiot-pravoslaven-duhoven-seminar-vo-king-lejk/