Архиерејска Божествена Литургија во соборниот храм на свети Климент Охридски во Скопје (08.12.2014 )
На 07.12.2014 година, со празнична Вечерна на која богослужеше Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф започна прославувањето на свети Климент Охридски, молитвениот закрилник на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ - Скопје, во кој следниот ден се отслужи Света Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитите Преспанско-пелагониски г. Петар, Струмички г. Наум, Повардарски г. Агатангел, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Јосиф и Епископот Хераклејски г. Климент.
Во своето пригодно слово Митрополитот Тетовско-гостиварски меѓу другото рече: „...И секогаш кога се вдлабочуваме во личноста и делото на овој наш просветител се прашуваме: Што повеќе кај него нè импресионира – дали како мисионер, просветител, учител, книжевник или, пак, архиереј?! И не мораме премногу да размислуваме – во сето ова напоменатото – го имаме свети Климент во полнотата. Но, најмногу од сè, меѓу ова, многумина од нас го чувствуваме како отец – како духовен татко, како мил и предан архиереј за своето стадо. Тој никогаш не одбивал да поучи, да служи, да се предаде целиот на својот и нашиот Господ, да помогне на своето стадо и на своите ближни, на своите чеда. Не му било одменост да ја слушне маката на своите чеда, да се најде на нивното ниво и меѓу обичниот човек, да им стане слуга за да ги придобие сите за Господа...“
Извор: Скопска епархија
Низ објективот на Преминпортал,
Синиша
и Александар
Мини фото сесија :
ПП