Сеноќно бдение во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово (16.01.2013 11:21)
По повод празникот на Обрезанието Господово и на свети Василиј, кај народот познато како Василица, осма година по ред, во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово, со благослов на нашиот надлежен епархиски Архиереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил се организира дочек на Православна Нова Година, Неговото Преосвештенство Епископот Лешочки г. Јосиф служеше бдение за Православна Нова Година.
Новогодишно послание од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот
Полошко-кумановски г. Кирил
По повод на новото благословено 2013 лето Господово според јулијанскиот календар нашиот надлежен Епархиски Архиереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил испраќа искрени архипастирски честитки и најубави молитвени благопожелби, до сите чеда на Македонската Православна Црква и до сите православни христијани, за да ни биде изобилна и бериќетна новата година. Господ да ни ја испрати милоста, за да бидеме проникнати во мир и единство на просторот од родната и Библиска Светиклиментова Црква и држава. Да царува вистинскиот безбедносен мир во нашата земја, здравје, љубов и среќа во секоја христијанска душа, за да можеме духовно препородени вечно да го славиме името на Троичниот Бог и со уште поголема радост да ги пречекаме и чествуваме богојавленските празници. Сите збратимени во името на Божјата Правда заедно со целата небесна хиерархија во радост и среќа да торжествуваме и пееме: Слава во висините на Бога, на земјата мир, и меѓу нашиот благороден и христољубив народ и на сите братољубиви луѓе од целиот свет мир, здравје, среќа и добра волја. Во овие светлоносни и најубави Божикни денови и празници во вашите христијански души, вечно нека се раѓа и препородува вечниот Мир-Благомладенецот нашиот Господ Исус Христос.
Нека е среќно и од Бога благословено новото 2013 лето Господово.
Митрополит
Тетово, 13.01.2013 Полошко-кумановски
г. Кирил
Извор: Полошко- кумановска епархија