ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светите Христови
Маченици Јерон и другите 33
Мелитински маченици
7 ноември / 20 ноември
Сила Ти даде на телото човеково, о, Господи,
но верата во човека планина преместува,
секое безумие го победува и кон Тебе ита.
Мелитински маченици од Јерон предвовени,
со љубов од Бога напоени,
поитавте кон Небесните дворови,
молете се за оние кои преку вас ќе поверуваат
дека маките во овој свет се ништо, споредно со
блаженствата на Царството Небесно.
Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Православен календар за 20/11/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот маченик Јерон со дружината
Роден е во градот Тијана кападокиска од добра и благочестива мајка, Стратоника, којашто беше слепа. Јерон со голема синовска љубов ѝ служеше на својата слепа мајка и беше мошне ревносен христијанин. Од овие две причини не сакаше да оди во војска и ги натепа и ги испрати оние што беа пратени да го земат. Му беше жал да ја остави неговата беспомошна мајка и му беше тешко и да помисли дека како војник ќе биде принуден да им се поклонува и да им принесува жртви на идолите. Најпосле заедно со уште некои христијани беше фатен и одведен пред кнезот во Мелитина. Кога беа на пат, една ноќ на Јерон му се јави некој во бела облека и му рече: „Еве, Јероне, ти јавувам за спасението: нема да војуваш за земниот цар, туку наскоро ќе извршиш подвиг за Царот небесен и кај Него ќе преминеш и од Него ќе примиш слава и чест“. Од таа вест срцето на Јерон се исполни со неискажлива радост. Кога стигнаа во Мелитина сите ги фрлија во затвор. Овде Јерон со голема ревност ги утврдуваше во верата затворените, молејќи се никој од нив да не отпадне, но сите да ги предадат драговолно своите тела на маки и смрт за Христа. Пред кнезот сите едногласно ја изјавија својата вера во Господ Христос, само еден роднина на Јерон, по име Виктор, отпадна од верата. На Јерон му ја отсекоа раката, па го биеја и го мачеа со различни маки, дури најпосле заедно со останатите не го убија. Одејќи на губилиште, тие триесет и тројца маченици го пееја псалмот: „Блажени се непорочните што одат по патот на законот Господов.“ Да ги спомнеме по име и овие чесни маченици чиишто имиња се запишани во Книгата на Животот: Исихиј, Никандар, Атанасиј, Мамант, Варахиј, Калиник, Теоген, Никон, Лонгин, Теодор, Валериј, Ксант, Теодул, Калимах, Евгениј, Теодох, Острихиј, Епифаниј, Максимијан, Дулкитиј, Клавдијан, Теофил, Гигантиј, Доротеј, Теодор, Кастрихиј, Аникит, Темелиј, Евтихиј, Иларион, Лиодот и Амонит. Некој Хрисант ја откупи отсечената глава на Јероним и чесно ја погреба, а подоцна над неа подигна црква во името на Свети Јероним. Отсечената рака на маченикот ѝ ја однесоа на неговата слепа мајка. Свети Јероним со дружината пострада и премина во славата Христова во 298 година.