
„Господи, помилуј ме“
Секој пат кога ќе кажам:
„Господи, помилуј ме“,
не се тоа зборови што ги изговарам —
тоа е товарот што го пуштам
да падне од рацете на мојата душа.
Зашто во тие три збора
се собира целиот мој пад:
гордоста,
стравовите што ги облеков како оклоп,
заморот од тоа да се преправам
дека сум некој.
Како просјак,
милост барам —
не признание,
не оправдување,
туку малку да отпочинам
без страв,
без вознемиреност,
без лицемерие.
И Он се наведнува,
како што се наведнува зората над ноќта,
и внимателно ги собира
скршените парчиња на моето срце.
И милоста станува светлина
што ја затоплува мојата замрзната суштина.
„Господи, помилуј ме“ —
еден здив што олеснува.
И потоа усните замолчуваат,
а срцето почнува да ја шепоти молитвата:
како ветер што стивнува,
како благ миомирис што не пресушува,
како радост што носи солзи.
Скрушен, предаден,
воскреснат, ослободен.
Сè се разбира.
Сè се простува.
Ништо не станува волшебно.
Душата не се преобразува во миг —
како што металот не омекнува веднаш,
така, со трпение,
со капките на молитвата,
се крши тврдоста на срцето.
Молитвата не е магија —
таа е средба на мојата немоќ
со милоста на Господ.
Средба љубовна,
без страв и без гордост.
Не е должност,
туку повик кон Светлината —
непрестајно навлегување на Небото
во мојата распадливост.
Сладок вид на смрт,
што го оживува убавото.
Допир на надеж,
што ги победува страстите.
Патување на покајание,
што ги лекува раните на минатото.
Една непрестајна празничност
за милоста што ја примивме,
за смислата што ја најдовме,
за Вечноста што доаѓа.
отец Павел Пападопулос
Подготви Симеон Стефковски
14ти јјануари 2026 лето Господово



























