УТРЕНА
Или допирањето на воскреснатиот Христос од страна на светиот
славен апостол Тома ( Томина недела).
Тропар, глас 7.
Иако каменот беше запечатен, како Живот засветли од гробот, Христе, и, макар што вратите беа заклучени, застана пред учениците, Ти, Кој си Воскресение на сите, преку нив обновувајќи го во нас Твојот вистински Дух, според Твојата милост голема.
По првото стихословие, седален, глас 1.
Кога учениците беа скриени, поради страв од Јудеите, и на Сион беа собрани, си влегол при нив, Благи, и меѓу нив си застанал, иако вратите беа заклучени, и со радост ги исполни; им ги покажа рацете и раните на Твоите пречисти ребра, велејќи му на неверниот ученик: Стави ја твојата рака, и провери дека Јас сум истиот Тој, Кој заради тебе пострада.
Слава, и сега, истото.
По второто стихословие, седален, глас 1.
Иако вратите беа заклучени, си застанал, Христе, пред Твоите ученици, и им ги покажа ребрата, рацете и нозете Твои, за да им ја поткрепиш верата во Твоето Воскресение од гробот. Но Тома не беше со нив, затоа говореше: Ако не Го видам, нема да им верувам на вашите зборови.
Слава, и сега, истото.
Потоа полиелејните псалми. И седален, глас 1.
Гледајќи ги Моите ребра и раните од клинците, Томо, зошто не веруваш во Моето Воскресение, говореше Господ кога воскресна од гробот, јавувајќи им се на апостолите неискажливо. А Близнецот, кога поверува, Му викаше на Создателот: Ти си мојот Бог и Господ!
Слава, и сега, истото.
Канон, творба на монахот Јован. Глас 1. Ирмосот по двапати, а тропарите на 12.
Песна 1 .
Ирмос: На оној што го ослободи израилскиот народ од горчливото ропство на фараонот, и го преведе по суво низ морското дно, да Му пееме песна победничка, зашто се прослави.
Денес е пролет за душите, зашто Христос засветли од гробот како сонце, по три дена, и мрачната бура на нашиот грев ја протера. Него да Го воспееме, зашто се прослави.
Царицата на времињата, која со својот сјај го придружува светлиот цар на деновите, ги краси избраните луѓе црковни, непрестајно воспевајќи Го воскреснатиот Христа.
Ниту вратите на смртта, ниту гробните печати, нити клучевите на вратите не можеа да Ти се спротивстават, Христе, но воскресна и им се јави на Твоите пријатели, Ти Кој даруваш мир што секаков ум надминува.
Песна 3 .
Ирмос: Утврди ме, Христе, на неподвижниот камен на Твоите заповеди, и просветли ме со светлината на Твоето лице, зашто никој не е посвет од Тебе, Човекољупче.
Со Твојот Крст, Христе, Ти нѐ обнови нас кои бевме стари, наместо распадливи нѐ направи нераспадливи, и ни заповеда да живееме во обновен живот достојно.
Заклучен во гробот со Твоето ограничено тело, Христе, си воскреснал Ти Кој си неограничен, и си застанал пред Твоите ученици, Сесилен, иако вратите бил заклучени.
Раните Твои, Христе, што заради нас ги претрпе доброволно, ги задржа, и им ги покажа на Твоите ученици, за сведоштво на Твоето славно Воскресение.
Ипакој, глас 6:
Како што си дошол меѓу Твоите ученици, Спасителе, мир давајќи им, дојди и меѓу нас, и спаси нѐ.
Песна 4 .
Ирмос: Голема е тајната на Твојата промисла, Христе; неа пророкот Авакум ја предвиде оддалеку со својот поглед кој проникнува во Божјите тајни, кога Ти викаше: Ти си дошол за спасение на Твоите луѓе, Човекољупче.
Вкусувајќи од жолчката, Христос го исцели древното вкусување; а сега, со еден сот од мед, му го дава на праотецот (Адам) Своето просвештение и слатко причестување.
Се радуваш кога си запознаван, Човекољупче; затоа, кон тоа познание го водеше неверниот Тома, кога му дозволи да го допре Твоето ребро, Христе, за да го увериш светот во Твоето тридневно Воскресение.
Откако Тома нацрпа богатство од Твојата неисцрпна ризница – Твоето, со копје прободено, ребро, Добротвору, светот го исполнува со мудрост и богопознание.
Ние го фалиме твојот себлажен јазик Близнаку (Томо), бидејќи тој е првиот што набожно Го проповеда Животодавецот Исуса, Кој е Бог и Господ, по допирот што те исполни со благодатта.
Песна 5 .
Ирмос: Од ноќта подранувајќи, Ти пееме, Христе, собеспочетен на Отецот, и Спасител на душите наши; мир на светот подај му, Човекољупче.
Кога застана пред Твоите натажени ученици, Спасителу, Твоето присуство ја тргна сета нивна тага, и ги израдува со Своето Воскресение.
Тома, навистина е праведно да те пофалиме за храброста на твојата постапка, зашто смело го допре реброто кое болскаше со огнот на божеството.
Христе, Ти ни покажа како неверувањето Томино може да нѐ одведе до верата, бидејќи Ти, со Својата премудрост, сѐ промислуваш полезно, како Човекољубец.
Песна 6 .
Ирмос: Ти си го спасил пророкот од китот, Човекољупче; се молам, изведи ме и мене од бездната на гревовите!
Господи, Ти не го остави Тома да потоне во бездната на своето неверие, туку му ги подаде Своите раце за да провери.
Спасителот наш говореше: Допрете Ме, и видете дека носам коски и тело, дека сум Јас и дека не се изменив.
Тома, кој не беше присутен за време на Твоето прво влегување, го допре Твоето ребро и, откако поверува, Те позна Тебе, наш Спасителу.
Кондак, глас 8.
Со љубопитната десница, Тома ги испита Твоите животодателни ребра, Христе Боже, кога си влегол низ заклучените врати, и со другите ученици викаше: Ти си мојот Господ и Бог!
Икос: Кој ја запази тогаш раката на ученикот неизгорена, кога тој пристапи до огненото ребро Господово? Кој ѝ даде смелост да ја допре недопирливата за сите коска пламена? Оти, ако реброто не ѝ беше дало сила на земјената десница, како можеше да ги допре раните, од чии страдања се затресе небото и земјата? Таа благодат му се даде на Тома, за да ги допре и да Му извика на Христа: Ти си мојот Господ и Бог!
Песна 7 .
Ирмос: Со помош на музички инструменти, луѓето беа повикани да се поклонат на ликот (на тиранот); но младите момчиња, како и нивните татковци, пеејќи песни сионски заедно со Давида, ја отфрлија злочестивата заповед на мачителот, и пламенот го претворија во роса, пеејќи ја песната: Превознесуван Боже на отците, и наш, благословен си.
Како прв меѓу деновите и нивен господар, овој ден е светлоносен и во него и божествените луѓе се радуваат трепетно, бидејќи тој го носи печатот на вечноста, невечерниот ден осми во иднината. Најславен Боже на отците, и наш, благословен си.
Тома Близнакот, од чие сомневање ние имаме голема добивка, со својата ретка смелост го протера мрачното незнаење од сите краишта (на вселената), а со своето верно неверие си плете венец за себе, јасно говорејќи: Ти си најславениот Господ, Боже на отците, и наш, благословен си.
Тома не се посомнева напразно во Твоето Воскресение, Христе, бидејќи тоа сомневање направи Воскресението да стане несомнено за сите народи. Затоа, откако со своето неверие ни ја утврди верата на сите, нѐ научи да говориме: Ти си најславениот Господ, Боже на отците, и наш, благословен си.
Откако Тома со страв ја стави раката во Твоите живоносни ребра, Христе, го почувствува двојното дејство на двете природи, во Тебе соединети неслиено, и со вера викаше говорејќи: Ти си најславениот Господ, Боже на отците, и наш, благословен си.
Песна 8 .
Ирмос: Оној што ги запази младите момчиња во огнот на разгорената печка, и Кој слезе при нив во облик на ангел, тоа е Господ. Нему пејте Му, и превозносете Го во вековите.
Тома, кој радосно сакаше да Те види, пред тоа не веруваше. Но, кога се удостои за тоа, Те нарече Господ и Бог, Тебе – Владико, Когошто ние Го превозносиме во сите векови.
Господа, Кој го претрпе Томиното неверие и му ги покажа ребрата, и беше допрен од неговите раце, воспејте Го и превозносете Го во сите векови.
Тома ни ја откри Твојата скапоцена и тајна ризница, бидејќи со својот боговдахновен јазик го исповеди Твоето божество, и потоа говореше: Пејте Му на Господа, и превозносете Го во сите векови.
На 9-та песна не пееме Почесна: туку ирмосот, и двата хора.
Песна 9 .
Ирмос: Тебе, светлата свеќа и Мајка Божја, пречудната слава повисока од сите твари, со песна те величаме.
Твојот светол и пресветол ден, Христе, сесветла благодат, во којшто Ти, зрачејќи со убавина, застана пред Твоите ученици, со песни го величаме.
Тебе, Кој беше допрен со земјена рака и Кој не ја изгоре неа со огнот на нематеријалното божество, со песни Те величаме.
Тебе – Христе, Кој воскресна од гробот како Бог, иако со очи не Те видовме, но со срдечна љубов поверувавме – со песни Те величаме.
Катавасија: Светли се, светли се: И поклон.
Потоа, Свет е Господ, нашиот Бог: глас 1. (3-пати)
Егзапостилар, глас 1.
Томо, кој со твоите раце ги испита раните на Моето тело, немој повеќе да не веруваш во Мене, ранетиот заради тебе! Придружи му се на хорот на апостолите, и Живиот Бог проповедај Го. (2-пати)
Слава, и сега:
Денес пролетта ги испушта своите благопријтни мириси, и новата твар ликува. Денес се отстрануваат клучевите од вратите и неверието на пријателот (Христов) Тома, кој вика: Господ мој и Бог мој!
Хвалитни стихири на 4, глас 1.
По Твоето страшно Воскресение од гробот, Животодвче, како што не си ги разрушил гробните печати, така си влегол и низ заклучените врати при Твоите преславни апостоли, радост носејќи им, и Твојот прав Дух давајќи им Го, поради Твојата милост неизмерна.
Тома, наречен Близнец, не беше дошол кога им се јави на Твоите ученици, Господи. Затоа не поверува во Твоето Воскресение, а на оние што Те виделе им рече: Ако не го ставам прстот во реброто Негово и во раните од клинците, нема да поверувам дека воскреснал.
Христос му велеше на Тома: Допри ме, бидејќи сакаш; стави ја раката и сфати дека имам коски и земно тело, и не биди неверен, туку заедно со другите увери се! А тој извика: Ти си мојот Бог и Господ! Слава на Твоето Воскресение!
Слава, глас 6:
Осум дена по Твоето Воскресение, Исусе Цару, Единородно Слово на Отецот, им се јави на Твоите ученици, иако вратите беа заклучени, мирот Твој давајќи им го, и на ученикот кој не веруваше му ги покажа раните: Пријди и допри ги рацете и нозете, и Моите нетлени ребра. А тој, откако поверува, Ти викаше: Господ мој и Бог мој, слава Ти.
И сега:
Преблагословена си, Богородице Дево, бидејќи Оној Кој се воплоти од тебе го плени адот, го повика Адама, клетвата се раскина, Ева се ослободи, смртта се умртви, и ние оживеавме. Затоа пеејќи да извикаме: Благословен да е Христос Бог, Кој така благоволил, слава Ти.
Големо славословие. И тропар на празникот. Ектении, и отпуст.
Извор: ЦВЕТЕН ТРИОД
Подготви:Светланка Трајчева