Св. Димитрија Великомаченикот
(Митровден)
Удриле кај што најмногу те боли
и те направиле силен и омилен.
Те предале на вечноста
како да си бебе, во пелени
да растеш сè додека не израснеш
во симбол и мироточива икона.
Таму си кај што синото небо станува рујно
пурпур небо;
Таму си кај што природата привидно умира
а, всушност, се ослободува од смртта
некои тоа го викаат повторно раѓање
некои воскресение;
Ти јаваш на беломорскиот коњ
И ни пробиваш пат, молкум
(што си имал да кажеш си кажал
сега е време за да сториш нешто големо)!
Ти знаеш, доволен е поглед полн љубов
за да расцутат сите кокичиња
но потребни се дела за да се промени светот на подобро.
„Нема смисла да се живее бесмислено“ -
шепотиш ти и ни го носиш
Сонцето обредно, на дланка -
Кому жар
Кому пожар!
фб Katica Kulavkova