Сенките на Цариград (Разговор со маж ми)
„Се сеќаваш ли кога го поминавме
мостот кај египетскиот пазар на зачини во Истанбул
за да преминеме од другата страна на Златниот рог?
Поминавме блиску до местото кај што
Византијците го изгубиле царството
И ти кажа дека токму тука
би го препливал Босфорот, нели?
Го препешачивме стариот град
следејќи ги сенките на Цариград.
Потем се искачивме до Галата-кулата
па се спуштивме по стрмните патеки
до пристаништето
за да го фатиме, во последен миг, бродот
пред да тргне на ноќната тура
пред да паднеме мртви уморни
од луѓе, муабети и танци
се сеќаваш, нели?“
Го прашувам маж ми, одејќи накај хиподромот
каде што некогаш жив горел Василиј, македонскиот богомил
а од него се ширел блажен мирис –
според описот на Ана Комнена.
Ми навираат спомени испрскани со заборав
белузлави како шеќер во прав
издробени како чоколадни трошки
вкусни како ванила, букет шумски јаготки
и му го слушам гласот:
„Се сеќавам јас, ама ти забораваш
дека веќе пливам по небесните заливи
и си имам работа со ѕвездите и ангелите
не со зборовите и луѓето.
Отсега ќе се разбираме природно, како риби.
Ќе се разбираме со мимики, на сон.
Оној сон кој не е ни мој, ни твој.
Оној сон во којшто растојанието меѓу световите
е толку мало, што се допираат еден до друг“.
fb Katica Kulavkova
2023