Денешниот ден посветен на религиозното наследство и светите места
„Религиозното наследство и свети места“ е насловот на темата под која годинава се одбележува Меѓународниот ден на културното наследство - 18 април, во организација на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет за споменици и места - ИКОМОС.
Во Музејот на Македонија во 11 часот пред започнување на тематските презентации посветени на дел од актуелностите во земјава, ќе говорат новоименуваниот претседател на МНК ИКОМОС Зоран Павлов, патронот на организацијата, градоначалникот Трифун Костовски и преставниците на националните комитети на ИКОМ и на Синиот штит. Стручните лица, членови на Меѓународната организација, ќе ги презентираат сознанијата поврзани со темите: „Големата базилика во Хераклеја Линкестис“ - Аница Ѓорѓиевска, „Конзерваторски зафати на црквата „Св. Кузман и Дамјан“/„Големи Св. Врачи“ во Охрид, „Истражувачки работи на архитектурата на црквата „Св Успение Богородично“ , Манастир Трескавец“ - Васка Печијареска и „Пилот проект за рехабилитација на комплексот - црква „Св. Ѓорѓи“, Старо Нагоричане“ - Јулија Тричковска.
МНК ИКОМОС за годинава најавува одржување и на низа други активности на национално ниво на темата со која се одбележува денешниот ден за заштита на спомениците на културата.
„Темата „Религиозно наследство и свети места“ се изразува себеси во пејсажот, околината преку имињата на местата, на местата за изразување почит кон некои природни елементи. Креирајќи го ова наследство, многу минати и сегашни општества го носат со себе како вредност на својата уметност и наука во изградба на големи или скромни градби со своите составни делови. Денес, конзервацијата на ова наследство и неговата културна димензија го формира главниот предзнак за општеството.
Ова повикува на размена на искуствата; на пример, Фондацијата за религиозно наследство на Квебек, Канада преку еден нов модел имплементира сума од 200 милиони канадски долари (во рок од 10 години), реализира проект за реставрација на места каде се вршат верски ритуали или има уметнички дела, и ги адаптира објектите за различна намена, раководејќи се од принципите на ИКОМОС. Во време кога меѓународното општество се врти кон религијата, како кон важен фактор во декадата која доаѓа, 18 Април е повод членовите и комитетите на ИКОМОС да преземат активности во размена на искуството, конзервацијата и презентацијата на огромното наследство“, се вели во пригодниот текст на Меѓународниот совет за споменици и места ИКОМОС.
Катерина Богоева -Утрински весник