Саемот на книгата стана панаѓурска манифестација
Јана Коцевска
Македонскиот меѓународен саем на книгата и на либрографиката е меѓународен само по желбите и амбициите на издавачите, коментираат во македонските издавачки кругови во пресрет на годинашното, дваесетто издание на Саемот на книгата и на либрографиката, кој ќе се одржи од 15 до 20 април. - Ако сме искрени, треба да признаеме дека нашиот саем е локална манифестација на која се се сведува на панаѓур на кој издавачите одат да продаваат книги. А, тоа е многу далеку од високо културна манифестација на која ќе се презентираат национални литератури - вели Христо Петрески од издавачката куќа „Феникс“, кој токму поради незадоволството од организацијата на саемот минатата година формираше ново Здружение на издавачи, книжари и печатари.
Според Петрески, издавачките куќи не се заинтересирани финансиски и содржински да вложуваат во презентирањето на саемот бидејќи не се негови организатори. - Саемот на книгата е во организација на една приватна фирма, а тоа е Скопски саем. Ние издавачите можеме да учествуваме во организацијата само со сугестии и идеи. Но, факт е дека издавачите се гости на саемот и немаат економски интерес сериозно да се вклучат во негова реализација. Ако двете постојни издавачки здруженија ја преземат креативната организација на саемот, состојбите ќе почнат да се менуваат - вели Петрески.
За Ванчо Каранфиловски од издавачката куќа „Табернакул“, македонскиот Саем на книгата може да се нарече меѓународен само ако се земе предвид учеството на „Школска књига“ од Загреб, учеството на некои албански и бугарски издавачи и повремената вклученост на некои издавачи од Русија. - Нашиот саем ја нема деловната димензија својствена за големите светски саеми на книгата. Франкфуртскиот саем на книгата, на пример, четири дена е од затворен карактер. Во тие денови се воспоставуваат контакти меѓу агенциите за продажба, дистрибутерските куќи и печатарите, а само два дена саемската манифестација е отворена за посетители - вели Каранфиловски. Издавачите во земјава се согласуваат дека македонскиот Саем на книгата, за жал, е интересен само во локални рамки. А, неговата важност за читателите е само поради можноста книгите да ги набават со попуст на едно место.
Време