„Форум Скопје“ за интеграција во Европа
Културата на Балканот, преку која регионот ќе се интегрира во западноевропскиот систем е причината што на почетокот на април истакнати европарламентарци, дипломати, политичари, професори, новинари, публицисти, раководители на културни институции од земјава и од странство ќе дојдат во Македонија и ќе учествуваат на собирот „Форум Скопје“. Ќе се одржи во Кристалната сала на македонскиот парламент. Целта на тридневните дебати е да се подигне перцепцијата и да се зголеми свеста за важноста на културата. Конференцијата ја организираат „Паблик рум“ и Европската алијанса во Македонија, под покровителство на Владата и на Собранието.Културата ќе биде главна тема на форумот. На дебатите ќе учествуваат европарламентарката Дорис Пак, Ерхад Бусек, специјалниот координатор на пактот за стабилност на Југоисточна Европа, Меглена Кунева, членка на Европската комисија и на бордот на европското здружение „Душа за Европа“, Ерван Фуере, амбасадор на Европската Унија во земјава, и многу други.На прашањето од каде потекна иницијативата форумот да се одржи во Скопје, Александар Велиновски, директор на агенцијата „Паблик рум“ рече: Од потребата. Мора да се развие соработката со европските клубови и институции, ако сакаме да се случи пресврт во нашето општествено уредување - вели тој.Освен луѓе активни во политиката, на форумот ќе учествуваат и видни личности од културата. Меѓу нив се Милена Драгиќевиќ-Шешиќ, ректор на Факултетот за уметности на Универзитетот во Белград, нашиот писател Венко Андоновски, актерката Лабина Митевска, Бирал Матра од Истанбулското биенале, Синоличка Трпкова од Факултетот за драмски уметности од Скопје, Анмари Труек, од „Културконтакт“ од Австрија и многу други.Велиновски објаснува дека форумот нема да биде само дискусија која ќе заврши со некаква декларација. На крајот на дебатите ќе биде донесен акционен план во кои правци да дејствуваат институциите понатаму. Додека се тука, учесниците ќе договорат конкретни ангажмани за соработка во наредните години.На прашањето колкав е интересот на Европа за Македонија, Велиновски објаснува дека Западот е повеќе заинтересиран за Балканот како регион, а не поединечно за секоја земја на Полуостровот.Поатрактивни сме како целина. Ако настапуваме како едно, ќе можеме многу повеќе да добиеме - смета Велиновски.Учесниците на дебатите ќе разговараат на повеќе теми - Националните политики наспроти иницијативите на граѓанските здруженија, Имплементација на културата како движечка сила во развојот на Европа, Европските одговорности и предизвици за локалните и регионалните учесници, Културниот диверзитет и социолошката кохезија во Југоисточна Европа, Бизнисот и културата. Како дел од дебатите ќе биде и „Форум Скопје“, како долгорочен проект.
(В.И.) Дневник