ВО ПРИСУСТВО НА АМБАСАДОРКАТА НА САД
Американското катче ја прослави третата година
Американското катче во Скопје сместено во просториите на Градската библиотека "Браќа Миладиновци", во петокот одбележа три години од своето постоење. На прославата присуствуваше амбасадорката на САД, Џилијан Миловановиќ, како и директорот на Градската библиотека Филип Петровски.
Американското катче Скопје официјално е отворено во јануари 2005. Катчето е партнерство меѓу Канцеларијата за односи со јавност на Амбасадата на САД во Скопје, Градската библиотека "Браќа Миладиновци" во Скопје и Министерството за култура.
Ова катче има голем број на книги и списанија, а овозможува и интернет пристап за истражувачки цели. Истотака организира разновидни програми: предавања, филмски и ДВД проекции, работилници, дискусии, англиски разговорни часови. Во рамките на образованието овозможува советување на ученици и студенти за студии во САД, а истовремено е и центар за ученици и студенти каде граѓаните од Македонија кои биле во САД преку програмите за размена на студенти можат да се состанат и да бидат во постојан контакт со нивните американски и македонски контакти.
Катчето потпомага подлабока дискусија преку создавање на програми наменети за широк спектар на публика. Американското катче е домаќин на разновидни настани наменети поблиску да ги зближат Американците и Македонците. Програмите редовно вклучуваат американски говорници, претставници на американската амбасада, Фулбрајт студенти, видео и ДВД прикажувања, изложби, дискусии, семинари, англиски разговорни часови, детска програма и работилници.
Досегашните теми вклучуваат историја, влада, литература, економски развој, право, новинарство, култура и општествен живот, и добредојдени сте да предложите идна програма на која би сакале да присуствувате. Плановите за иднината вклучуваат посегнување подалеку кон разновидните македонски заедници, одржување на средношколски часови и понатамошно збогатување на македонско-американските односи.
За овие три години катчето веќе се приближува до бројката од 3000 члена, која до крајот на месецот очекуваат да се надмине. Годишната посетеност е повеќе од 10.000 члена, кои земаат учество во над 100 програми годишно.
Во рамките на американското катче функционира и едукативниот центар кој нуди советувања за студии во САД како и информации за тестовите потребни за студирање во оваа земја.
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ
Скопје, 24 јануари (МИА) - Американското катче во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ попладнео со пригодна свеченост ќе ја одбележи тригодишнината од отворањето.
Катчето е отворено во јануари 2005 година и има голем фонд книги и списанија, а овозможува и интернет-пристап за истражувачки цели. За три години катчето има околу три илјади членови. Во негови рамки функционира и едукативниот центар кој нуди совети за потенцијалните студенти во Соединетите Американски Држави, како и информации за тестовите потребни за студирање во САД.
На свеченоста ќе присуствуваат претставници од Градската библиотека, Град Скопје, членови и гости, а се очекува присутните да ги поздрави американската амбасадорка Џилиен Миловановиќ. хс/са/15:23