логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Лифтот на Милениумскиот крст во употреба за 8 Септември

Лифтот на Милениумскиот крст се планира да биде пуштен во употреба на 8 Септември - Денот на независноста, велат во Фондацијата за изградба на Крстот на врвот на Водно.Деновиве грчки и домашни стручни лица ќе извршат технички прием на лифтот по што ќе добие употребна дозвола за да биде официјално пуштен во употреба - вели Благоја Дојчиновски, претседател на Фондацијата.Панорамскиот лифт беше монтиран во средината на Милениумскиот крст на почетокот на јули. Со него, осум посетители ќе може да пристигнат до платформата на краците на крстот на висина од 43 метри. Оттука тие ќе може да се движат по краците од каде што ќе уживаат во панорамска глетка на градот. Возењето во лифтот ќе се наплаќа, а цената ќе ја одреди Управниот одбор на Фондацијата. Собраните пари од наплатата за возењето во лифтот ќе бидат наменети за одржување на објектот.

Лифтот е купен за 45 илјади евра од грчката фирма „Доплер“, а го монтираше домашната фирма „Емо“. Монтирањето на лифтот се одлагаше неколку пати. Тој требаше да биде пуштен во употреба на 27 септември лани на големиот верски празник Крстовден. Но, поради доцнење на кабината на лифтот, тоа се одложи за 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. И тогаш лифтот повторно не беше пуштен во употреба поради оштетениот громобран.На Милениумскиот крст деновиве интензивно се работи. Во подножјето на крстот се градат 11 дуќани и се' поплочуваат платформите. Во задниот дел од комплексот се градат четири јавни тоалети. Во дуќаните ќе се продаваат сувенири, свеќи, икони. Дел од нив ќе се користат за потребите на црквата. За користењето на дуќаните ќе се наплаќа кирија. Планирана е изградба на застаклен ресторан - вели Дојчиновски.За потребите на комплексот „Милениумски крст“ ќе се постави канализациска и водоводна мрежа, но и пречистителната станица која ќе биде донација од фирмата „Интермонт“.Вкупната површина на комплексот е 18.600 квадратни метри. Се предвидува околу Милениумскиот крст да се направат конаци и угостителско-туристички објекти. Најголема инвестиција е планираната жичница, која ќе треба да поаѓа од кај трговскиот центар „Рамстор“. Се чека градежната дозвола од Министерството за транспорт и врски за да може да се почне постапката за изградба на жичницата. Има заинтересирани странски и домашни фирми. Но, никој не се нафаќа да инвестира без да има обезбедено градежна дозвола. Откако ќе ја добиеме дозволата, ќе се распише тендер - вели Дојчиновски.Според него, Милениумскиот крст ќе се даде под концесија ако Фондацијата не најде доволно пари за да се завршат сите проекти.Изградбата на Милениумскиот крст почна во 2002 година.

(А.П.)



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie