ТЕАТАР ПИ-Театарски перформанс „ПОДИГНИ МЕ“
„Подигни ме“ е плод на лични преживувања на Овашенко како рекламен агент во голема рекламна агенција и од блиску го познава тој модерен начин на живот. Ја открива по интересен начин виртуелната реалност, која се обидува да го замени личниот живот, вкусовите и желбите на луѓето. Шест млади, успешни , силни и убави жени кои ги играат -Анета Илкачева, Викторија Коцева, Елена Чаракчиева, Верче Спасова, Маја Ужевска, Мартина Ристевска, ја водат својата битка за успех во општеството и разбивање на табу . Режијата е на Македонка Илиевска и Златко Митрески . Гледачите стануваат сведоци на нивните најинтимни преживувања, конфликтот на личноста и наложените опшстествени правила за успех, реализација и нормативи за среќа. Претставата ќе се одржи во Центарот за култура Ацо Караманов во Радовиш денес,на 28.09.2018 од 20 часот во рамките на Нов културен бран 2018.
„ Подигни ме”не ја буквализира фактологијата и не се бави со булевардноста на случката, не бара евтина сензација, а ги бара корените и мотивацијата во ткивото на самата цивилизација, во моделите на размислување, натпревар и поделба кои што таа ја наложува; претставата ги истражува причините и меѓучовечките односи. Во таа смисла овој текст е филозофски, отворен, чесен, брутален но и многу комично интересен. Игрово и забавно проникнување во природата на женските односи кон конзумеризмот, капитализмот и деструкцијата на современиот живот . Тоа е и социјалната метафора и критика на нео-либералниот капитализам во кој живееме по дарвинискиот принцип "јади за да не бидеш изеден".
Режија- Македонка Илиевска и Златко Митрески. Видео мапинг-Златко Митрески
Асистент- Катерина Диманова, Фото- Давид Коцев.
Техника-Велин Ѓеоргиев, Шминка – beauty house.
Претставата е во копродукција меѓу „Центар за изведувачки уметности и едукација Театар Пи“ и Центар за култура „Ацо Караманов“ Радовиш.