Почитувани,
Со особено задоволство Ве информирам дека на 15.08.2018 година, среда, ќе започне традиционалната 29-та Меѓународна ликовна колонија Галичник, која ќе се одржи во прекрасниот Галичник.
На колонијата ќе земат учество 9 уметници Стеван Којиќ од Србија, Пиотр Пиаста – Полска, Џили Ависар од Ирска, Тошихиро Сакума – Јапонија, Ирена Сладоје – Босна и Херцеговина, Танасис Раптис - Грција и Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска и Јана Луловска од Македонија. Кураторството на сесијата ја предводат Сања Младенов Којиќ, кустос и поранешен директор на Музејот на современата уметност од Нови Сад и организаторот на колонијата -Ана Франговска. Повеќе за уметниците ќе најдете на facebook страната на Art Colony Galichnik.
Колонијата продолжува со своите зацртани прерогативи, а тоа се квалитет во изборот на уметниците и уникатност во поглед на идејната структурираност, па оттука веќе речиси цела деценија колонијата се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа уметностите, па генерално поканетите уметници се занимаваат со фотографија, видео, инсталација, дигитална графика, звук, перформанс и слично. Поканетите автори се автори чија уметничка кариера е веќе успешно одбележана или пак е во сигурен успон, следејќи по бројот и имињата на изложбите на кои зеле учество индивидуално или како селектирани претставници на своите земји на групни меѓународни претставувања, а голем број од нив се занимаваат и со едукативна дејност. Изборот на дигиталната медиумска стратиграфија, а секако и секогаш примарниот аспект на внимателен избор на афирмирани уметници, ја чини оваа колонија единствена, посебна и препознатлива во Македонија, па и регионот.
Колонијата ќе трае до 22 август, а покрај престојот и работата во ова прекрасно и живописно место кое со својата богата историја, традиција и природна убавина секако ќе изврши некакво влијание врз уметниците, авторите ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, да го видат манастирот Св. Јован Бигорски, а секако и ќе се организира еднодневна посета на нашиот бисер - градот Охрид, со едни од најубавите манастири и цркви на Балканот и пошироко.
Со почит,
Ана Франговска
Претседател на колонијата
--
Ana Frangovska, curator
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.