На 10-ти декември 2016 година, со почеток во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одбележат 25 години од творештвото на Горан Тренчовски.
За неговото континуирано творештво и за авторскиот печат кој го оставил зад себе, критички осврт ќе има писателот и публицист Гоце Ристовски.
Горан Тренчовски завршил интермедијална режија токму во декември 1991-та во Нови Сад и досега има плодно искуство како режисер и писател. Автор е на низа кратки и документарни филмови, театарски претстави, на долгометражниот филм „Златна петорка“, како и на неколку книги од областа на режијата и драмските уметности. Моментно го работи проектот „Џон Габриел Боркман“, а од неодамна е избран за доцент по режија на ЕФТА - Универзитетот за аудиовизуелни уметности во Скопје.
Во оваа филмска вечер ќе се прикажат „Златна петорка“ и „Игра и спас“ во режија на Тренчовски - филмски дела чијшто живот тече на фестивалите по светот.„Златна петорка“ е нов македонски долгометражен игран филм кој за само неколку месеци го видоа близу 15.000 гледачи. Приказната започнува помеѓу верните другари Маки, Ката и Џиџи кои веруваат во своите младешки идеали. Во тој период на комунистички ликвидации, во 1951 година, се случува неразјаснето убиство на петмина прогресивни студенти. Половина век подоцна, Алавантие, како сведок и истражувач, се враќа во родниот град со копија од досието „Златна петорка“. Неговите тајни и сознанија внесуваат дополнителен немир во брачниот живот на веќе старите Ката и Џиџи. Во филмот провејува мотивот инспириран од вистинитиот настан за петтемина струмички студенти за кои УДБА водела досие под кодни имиња, нешто што долги години беше табу-тема кај нас. Во филмот играат врвни македонски актери, но и дебитанти, а во една од улогите како специјален гост се појавува Славко Штимац.
„Игра и спас“ е краток игран филм чиешто дејствие се случува пред и по последните немири на векот, во филмска иконографија на еден фикционален свет составен од интимистички и хиперреални секвенци од животот на еден младич од периферијата. Глигор, навраќајќи се на драматичните сцени од своето минато, кога славата и возбудата биле единствената поткрепа за верба во времето што наближува - од пукотливите игри за стрeлање птици, од нежните мигови со Марија, од туѓиот подбив и од бесмислените херојства - конечно на крајот излегува од тој апсурден обрач, како нов, пречистен и преобразен човек, посветен кон родното огниште и Божјото спасение. Во филмот игра доајенот на македонското актерство Зора Георгиева.
Настанот е во организација на Кинотеката на Македонија и продукцијата „Револушн“ од Скопје кој е и продуцент на филмовите.--
info/press office of
Goran Trenchovski
http://www.gorantrenchovski.com/