(01.06.2009)
Во православниот центар на Цариградската Патријаршија во Шамбези, кварт на Женева (Швајцарија), од 5 до 13 јуни ќе се одржи четврто Сеправославно претсоборно заседание. Според информациите на заменикот на секретарот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија за меѓуправославни односи, свештеникот Игор Јакимчук, на заседанието ќе биде разгледана темата за црковната организација на православната дијаспора (православните коишто живеат надвор од границите на некоја од помесните Православни Цркви).
Отец Игор исто така истакна дека низ вековите од Седмиот Вселенски собор наваму се насобрале многу прашања, коишто бараат општоцрковно решавање од гледна точка на зајакнување на единството и надминување на поделбите во крилото на едната Православна Црква. За решавање на овие прашања во блиска иднина се предлага да се свика Свет и Велик собор на Источната Православна Црква.
Подготовката за овој Велик собор ќе се одржи преку свикување на Сеправославни претсоборни заседанија и на Меѓуправославни подготвителни комисии. Во изминатите години се одржани три Сеправославни претсоборни заседанија (Шамбези, 1976, 1982 и 1986 г.) и пет Меѓуправославни подготвителни комисии (Женева, 1971 г. и Шамбези – 1986, 1990, 1993 и 1999 г.).
Сегашниот десетгодишен прекин на свикување на заседанија и воопшто на работата на подготвителните комисии е резултат на компликациите настанати во меѓуправославните односи како последица на несогласувањата меѓу Московската и Цариградската Патријаршија по прашањето за црковното устројство во Естонија. Средбата на поглаварите и претставниците на помесните Православни Цркви во октомври 2008 г. во Истанбул исто така го овозможи возобновувањето на меѓуправославната соработка насочена кон подготовката на Свет и Велик собор. Наредното шесто заседание на меѓуправославната подготвителна комисија е закажана за декември 2009 г.
Извор: Двери.бг