На 22 декември, 2016 г., во соборниот храм на Христос Спасителот во Москва, Патријархот Московски Кирил чиноналачствуваше на опелото над амбасадорот на Руската Федерација во Турција, Андреј Генадјевич Карлов, убиен од терорист на 19 декември, во Анкара, соопштува Патриархия.ru.
Граѓанската церемонија на збогувањето се состоеше во зградата на Министерството за надворешни работи на Смоленскиот плоштад. Меѓу другите, на траурната церемонија присуствуваше и Претседателот на Руската Федерација, В. В. Путин. Главата на државата на А. Г. Карлов, посмртно му го присвои називот Херој на Русија. После завршувањето на граѓанската церемонија, телото беше превезено во Храмот на Христос Спасителот.
Пред почетокот на чинот на опелото, Светејшиот Патријарх Кирил одржа проповед, посветена на споменот на Андреј Карлов:
„Пред да ја започнеме заупокојната служба, опелото, би сакал да ги споделам моите мисли за тоа што се случи, и за личноста на Андреј Генадјевич.
Господ промислил да се сретнам со него во многу необични околности и по еден многу необичен повод. При негово непосредно учество, во тесни меѓусебни врски со нашата Црква, во градот Пхенјан, кој е главен град на Корејската Народно-Демократска Република [Северна Кореја], беше изграден православен храм. Тоа е првиот, и засега единствениот христијански храм, изграден во поново време во таа земја.
На изградбата на храмот ѝ претходеше многу работа, и Андреј Генадјевич беше човекот, кој целосно се предаде на тој труд. Имено при неговото непосредно учество, изградбата прекрасно се заврши, од мене беа ракоположени двајца корејски свештеници, и беше организиран парохиски живот.
Кога го напуштав Пхенјан после осветувањето на храмот, многумина претпоставија, дека тој настан има повеќе политичка, протоколарна смисла, отколку вистински пастирска и духовна. Секако, сè зависеше од тоа, што ќе се случи во иднина со таа парохија. Ако таа стане место на исклучиво протоколарни торжества, тоа не би било храм во вистинска смисла на зборот. Јас му кажав за тоа на Андреј Генадјевич, на што тој одговори, според неговите длабоки, религиозни убедувања, како и убедувањата на неговата сопруга и многу други соработници на руската амбасада во Пхенјан, дека тој храм, под секакви околности ќе биде место на молитва.
Интересно е тоа, што една од првите богослужби во тој храм беше Светата Тајна Венчание на господинот амбасадор со неговата сопруга. Сето тоа не можеше да не остави голем впечаток на властите во Кореја, на општеството, на оние, на кои им беше достапна таа информација. И парохијата почна да живее.
Дури и ништо друго да не направеше Андреј Генадјевич, самиот факт за создавањето на православна парохија во Пхенјан и неговата поддршка, веќе би имале историско значење. Но, уште колку многу други работи направи! Ние се среќававме со него уште многу пати – конкретно, и во врска со моите патувања во Турција, и знам колку блиску до срцето ја примаше поддршката на руските православни верници, кои живеат во Турција, и колку се стремеше да се изгради православен храм во Анкара. Убеден сум, дека ќе го постигнеше тоа и храмот ќе се изградеше…
Зошто ставам акцент на изградбата на храмовите? Затоа што тоа сведочи за починатиот, како човек со многу широки погледи на животот. Тој не беше строг, државен специјалист, тој не работеше исклучиво само во рамките на службените инструкции. Тој јасно знаеше, што е потребно, за односите на Русија со другите земји да ја вклучуваат во себе, меѓу другото, и духовната сфера. Му благодарам на починатиот, на неговата сопруга, на сите оние, кои работеа со него, за тој поглед, за сфаќањето на смислата на меѓудржавните односи, или поточно кажано, односите меѓу народите, меѓу луѓето, кои реално се оплодотворуваат преку духовниот живот.
Животот на Андреј Генадјевич заврши трагично. Тој ќе влезе во историјата на нашата Татковина како амбасадор на Русија, кој загина на бојното поле. Такви има многу малку. Тој ќе остане меѓу тие херои засекогаш во историјата на нашиот народ, и во таа смисла, во човечките животни категории, неговиот крај го направи бесмртен.
Но, постои уште една категорија – категоријата на вечниот живот, каде што не постои смрт. И она што е трагично за нас, кои сега го опкружуваме гробот на Андреј Генадјевич, не претставува трагедија за вечниот Бог, како што не претставува трагедија ни за него самиот, затоа што неговата бесмртна душа сега е исто така со нас. Таа душа, веќе е во другиот свет, за кого речиси ништо не знаеме, но точно знаеме, дека тој свет постои. А доколку не би било така, би се изгубила смислата на човечкиот живот. Андреј Генадјевич многу добро знаеше, што значи верата во бесмртноста, и можеби, токму благодарение на тоа сфаќање, тој успеа да постигне толку многу во неговата професионална дејност.
Да се помолиме за упокојување на неговата душа, Господ да му ги прости сите волни и неволни прегрешенија, зашто нема човек, кој не направил никаков грев. Веруваме, дека по нашите молитви, и особено, преку својата маченичка смрт, Андреј Генадјевич ќе влезе во Божественото царство на славата и на него ќе се излие милоста на милосрдниот Бог. Нека нашите молитви за него, не бидат само во овој ден, кога се збогуваме со него и го испраќаме на неговиот последен пат, но молитвениот спомен за него да се зачува во нашиот народ уште многу години“.
Во богослужбата учествуваа: Митрополитот Санкт-Петербуршски г. Владимир, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на МП, митрополитот Волоколамски Иларион, Архиепископот Солнечногорски Сергиј, Раководителот на Управата на МП за задгранични организации, епископот Богородски Антониј, секретарот на Патријархот за г. Москва, протоереј Владимир Диваков, старешината на Храмот на Христос Спасителот, протоереј Михаил Рјазанцев, заменик претседателот на ОВЦС МП протоереј Николај Балашов, и духовенство од г. Москва.
Заедно се молеа и соработници од Министерството за надворешни работи, роднините на А. Г. Карлов, клирици на градот Москва.
Господ да го упокои, и да му подари Царство Небесно +
Извор: http://www.pravoslavie.ru/99674.html