архимандрит Георгиј Капсанис
ЦРКВАТА – МЕСТО ЗА ОБОЖУВАЊЕ НА ЧОВЕКОТ
/од книгата: “Обожувањето како цел на човечкиот живот”/
Оние кои сакаат да заедничарат со Христа и преку Исус Христос со Бог Отецот, знаат дека ова единство се остварува во Телото Христово, кое е нашата Света Православна Црква. Секако, не единството со Божествената суштина, туку со обожената човечка природа Христова. Ова единство со Христа не е надворешно, ниту е просто етичко.Ние не сме следбеници Христови како што некои луѓе следат некој философ или некој учител. Ние сме членови на Телото Христово – Црквата. Црквата е Тело Христово вистински, а не етички, како што погрешно пишувале одделно теолози кои биле неутврдени во духот на Светата Црква. Христос нас не прифаќа без оглед на нашата достојност или грешност и не вотелотворува во Телото Свое. Чини од нас Свои органи. И така стануваме органи на телото Христово сериозно, а не етички. Како што пишува светиот апостол Павле: “бидејќи ние сме членови на Неговото тело - од Неговата плот и коските Негови” (Еф.5,30).
Секако, во согласност со духовната состојба во кое се наоѓаат христијаните, едните се живи членови на телото Христово, а другите мртви. Но, и тие кои се мртви не престануваат да бидат членови на Телото Христово. На пример, некој кој е крстен станал соработник на Телото Христово. Ако не се исповеда, ако не се причестува, ако не живее духовен живот, таквиот е мртов член на Телото Христово. Тогаш кога ќе се покае веднаш го прифаќа божествениот живот кој доаѓа, и тој станува жив член на телото Христово. Таквиот не треба повторно да се крштева. Оној кој не е крстен не е член на Телото Христово, дури и ако според човечките мерки живее морално. Потребно е да се крсти за да стане член на телото Христово, за да се вотелотвори во Христа.
Значи, кога веќе сме станале членови на Телото Христово, нам ни се нуди животот Христов и тој станува наш сопствен. Така се оживотворуваме, спасуваме и обожуваме. Не можеме да се обожиме ако Христос од нас, не направи сотелесни на Неговото свето Тело.
Не можеме да се спасиме ако нема Свети Тајни во Црквата наша, кои нас н# сотелотворуваат со Христа, и кои нас н# чинат, според Светите Отци, сотелесни и еднокрвни () на Христа. Колку е тоа голем дар, да заедничариме во непорочните Христови Тајни! Христос станува наш, животот Христов станува наш сопствен, Крвта Христова станува наша сопствена. Заради тоа, свети Јован Златоуст ќе каже, дека Бог на човекот нема дам у даде ништо повеќе од она што му дава во Светата Причест. Ниту човекот ќе може Што повеќе да бара од она што го прима од Христа во Светата Причест.
Значи, крстени, миропомазани, исповедани се причестуваме со Телото и Крвта Господова, и стануваме и ние богови по благодат. Соединувајќи се со Бога, ние веќе не сме гости, туку Негови домашни.
Во Црквата, во која сме со Бога соединети, живееме нова реалност која Христос ја донесе во светот, нова твар. Ова е животот во Црквата, животот Христов кој станува наш сопствен како дар на Светиот Дух.
С# во Црквата води кон обожување. Светата Литургија, Тајните, богослужењето, благодатта на Евангелието, постот, с# кон тоа води. Црквата е единствено место на обожувањето.
Црквата не е некоја општествена, политичка или историска установа која може да личи на другите установи во светот. Таа не е како различните институции во светот. Светот можеби има прекрасни институции, прекрасни организации, прекрасни установи и други прекрасни работи. Меѓутоа, нашата православна Црква е неповторливо и единствено место на заедница на Бог со човекот, место на обожување на човекот. Само внатре во Црквата човекот може да стане бог, и никаде на друго место. Ниту на универзитетите, ниту во општествените установи, ниту во било што добро и прекрасно што светот го има. Сето ова, иако е добро не може да го подари она што го дава Црквата. Заради тоа, дури и ако светските системи и институции напредуваат, тие никогаш не можат да ја заменат Црквата.
Можно е ние, немоќните и грешни луѓе привремено да создаеме кризи и потешкотии во Црквата. Можно е да се случат и соблазни во крилото на Црквата. Сето ова се случува затоа што во Црквата сме во искачување кон обожувањето и сосема е природно да постојат човечки слабости. Стануваме, ама сеуште не сме богови. Дури и кога ќе се случи нешто такво (соблазни, заб.прев.) никогаш не треба да побегнеме од Црквата, бидејќи во Црквата имаме единствена можност да се соединиме со Бога.
На пример, кога одиме во храмот на богослужба, можеби ќе сретнеме некои кои не внимаваат на светата богослужба, и кои меѓусебно зборуваат, и можеби тоа ќе ни го одвлекува вниманието и ќе не наведе на помислата која ќе ни зборува: “што добиваш со тоа што си дојден в Црква. Не беше ли подобро да си седиш дома каде што имаш повеќе мир и услови за молитва?”. Тогаш, потребно е на лукавиот да му го одговориме со смирение следново: “Да, секако ќе имав повеќе надворешен мир во сопствениот дом, но ќе ја немав благодтта Божја кој ме обожува и осветува. Ќе го немав Христа, Кој е присутен во Својата Црква. Ќе го немав Светото Тело и Светата Крв Негова кои се наоѓаат во Неговиот Свет Храм, на Светата трпеза. Немаше да бидам учесник на Тајната вечера на Светата Литургија. Ќе бев отсечен од моите браќа во Христа, со кои заедно го чиниме Телото Христово”.
превод: ѓакон Горан Стојчевски
Друго:
ГЕОРГИЈ КАПСАНИС - ЗА СОЕДИНУВАЊЕТО НА ПРАВОСЛАВНАТА И РИМОКАТОЛИЧКАТА ЦРКВА
Др. Георгиос Капсанис - Соединување на црквите
Посети:{moshits}