(19.05.2014)
Оваа кратка молитвичка се состои од зборовите: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот. Неа ја спомнуваат св. Јован Златоуст, св Ефрем Сириски, св. Варсануфиј Велики, св. Јован Лествичник, св. Исихиј и св. Исаак Сирин. Подоцна таа станала сѐ пораспространета (општа) и ја изговарале многу свети усти, па влегла и во нашиот Црковен устав, кој ја препорачува како замена за сите домашни молитви и сите црковни служби (освен Литургијата). Затоа, кај нас, од кратките молитви таа првенствено се употребува. Потруди се, и ти, да се навикнеш на неа. Таа е наречена Исусова затоа што Му се обраќа на Господ Исус; а уште се нарекува и умна кога не се извршува само со јазикот (зборови), туку и со умот и срцето, а особено кога со долготрајна и правина употреба едноставно станува едно со дишењето. Секоја кратка молитва може да дојде до тој степен, но на Исусовата молитва и припаѓа првото место бидејќи таа ја соединува душата со Господ Исус, а тоа е единствениот пат за заедница со Бога, што е и целта на молитвата. Затоа што Тој Самиот вели: До Отецот ќе стигнете само преку Мене. Затоа, оној што ќе ја здобие таа молитва, ја прима сета сила на искупителниот подвиг во Господ Исус Христос (во што и се состои нашето спасение). Навикнувањето на оваа молитва се состои, надворешно – во тоа таа постојано да се изговара; а внатрешно – во слегувањето на умот во срцето, во стоењето пред Бога со соодветната срдечна топлина и, особено, со покајничкото и смирено предавање (припаѓање) на Бога. Темелот на оваа навика се поставува со што е можно почесто и внимателно повторување на оваа молитва во срцето. Кога честото повторување ќе стане навика – умот се собира во стоењето пред Бога; а заедно со тоа доаѓа и до загревање на срцето и до отфрлање не само на страсните, туку и на обичните помисли. Кога во човекот ќе почне непрекинато да гори огнот на љубовта кон Бога, тогаш заедно со тоа во него се вкоренува мирното расположение на срцето со смиреното припаѓање на Бога. До таму нѐ води нашиот труд, со помош на Божјата благодат. Сѐ повеќе од тоа, што ќе се постигне во молитвата, ќе биде единствено дар на благодатта. Значи, како прво треба почесто, колку што можеш почесто да ја повторуваш Исусовата молитва, сѐ додека не се навикнеш постојано да ја практикуваш.
Свети Никодим Светогорец
Извор: МПЦ-ОА