Размислувањето за Бога (09.03.2014)
Господ, како што сме кажале и порано, вели: „Без Мене не можете ништо да направите“. Во поредокот на духовните дела, верувам дека првото и основно е размислувањето за Бога. Оние што сакаат да се борат во светата војна, ги повикуваме ова да го постават како добар почеток. „Размислувајте за Бога повеќе отколку што дишете“, и тогаш, како „мисловни борци“ секогаш покрај себе „во борбата ќе го имаме Господ што крепи (дава сила)“.
Кога е присутно размислувањето за Бога, со постојаното изговарање на Неговото име, умот добива просветлување, и така ги избегнува замките. Истовремено се буди и ревнува, на тој начин олеснувајќи си ја тежината на трудот, така што страдањето станува подносливо. Ова е само почетокот. Ако размислувањето за Бога е проследено со трпение, ненадејно во умот се појавува чувство за љубов кон Бога, што е главното напредување „во Бога“.
Ако и секое страдално дело, до кое доаѓа заради чистотата на добродетелите, е полезно – тоа не е покорисно од размислувањето за Бога. Постојаното изговарање на Господовото име, предизвикува чувство на непрестајно присуство на Самиот Спасител, бидејќи Неговото име не е само обичен збор, туку животворна енергија. Ова е мисла на Отците, кои нѐ учат: „Исусовото име го победува противникот“. Истата смисла го има и Павловиот повик на непрестајната молитва. Оној што трпеливо престојува во молитвата „Бог брзо го оправдува“, ако ден и ноќ Го повикува. Зборовите: „Бдејте и молете се“ и „не паѓајте во молитвата“, покажуваат како трпението удостојува. Поради трпението секој обид на лукавиот пропаѓа, но се исцелуваат и природните немоќи и недостатоци.
Богоносното светоотечко учење, но и природното промислување, нѐ убедуваат дека се незаобиколни законот и правилото за постигнување успех – да се постави Бог како почеток и крај на бараната цел.
Старец Јосиф Ватопедски
Извор: МПЦ-ОА