Дообјаснување за идолопоклонството
Сметам дека е многу душеполезно да дообјаснам еден пасус, на мојата претходна беседа – дел по дел. Долго е, но кој сака да се спаси од прелест, демони и непотребни несреќи, нека прочита.
Прво, реков дека, од повеќе идентитетски слоеви во минатото, човек се приврзува кон последниот - нему познат, и од него прави идол.
Не би навлегувал подетално во оваа тема, затоа што идолопоклониците се тука најчувствителни, само би потсетил дека, на територијата денес позната како Балкан – но, не и претходно, знаеме само – од она што го запишала историјата, дека најстариот идентитетски познат слој бил Пелазгите, следен познат слој се Траките и Илирите, а претходно што било – од каде точно дошле првите луѓе овде после постпотопниот период и како тие се идентификувале себеси, само Господ знае. Потоа имаме и други идентитетски слоеви, па сѐ до денешните; но, останува прашањето, како другите тоа го запишувале или преведувале на свој јазик или како потоа тоа го фалсификувале поради свои интереси, насилното наметнување на истите итн. Значи, секогаш се појавува истиот проблем - на дешифрирање и толкување на историјата согласно сопствените државни и национални интереси.
Друго нешто, за што имаме повеќе материјални докази, е фактот дека првобитното и природното постпотопно движење на луѓето било од југ на север. Ова посебно се однесува за територијата што денес е позната како Балкан и Европа.
Материјалните докази велат дека, на пример, пештерските цртежи и неолитските населби на југот се постари и погусто распоредени, отколку на северот од континентот и дека археолошкиот слој на југот е многу подлабок отколку оној на северот. Дури, на пример, има културни слоеви и пред грчката и римската цивилизација. Сосема друго се првите воени и номадски походи, кои обично се движат од исток на запад и ја менуваат генетиката на Европа. Овие материјални докази се најчесто потполно спротивни со она што ние денес го учиме по историја. Или, на пример, имам забележано, дека историјата што ја учев како дете, е неколкупати променета досега – едно учевме поради братството и единството, друго, сега, се учи поради соживотот, трето, поради разни меѓудржавни договори итн. Всушност, официјалната историја не треба да се смета за нешто сериозно, туку само како дел од светските геостратешки и геополитички интереси; и државни договори.
Има и други ориентири кои ни ја појаснуваат оваа тема, какви што се генетиката, јазикот, писмото (на пример, нашето писмо е многу постаро од времето во кое го датираме), обичаите, орнаментите, архитектурата, легендите и други, кои отвораат голем простор за истражување и размислување, кој, од друга страна, официјалната историја ни го затвора.
Знаејќи го сето ова, би требало да бидеме многу широки, со повеќе разбирање за луѓето, како и за нивната самоидентификација – која се заснова, не на некакви мултидисциплинарни познавања и факти, колку на емоциите, на културните традиции, на митовите, на социјалниот инженеринг и на многу друго, а не уште и да војуваме меѓу себе.
За нас - како христијани, најважно е да ги прифаќаме луѓето како што тие самите се идентификуваат - без никаква забелешка, а да ги придобиеме за Христос. А оној што ќе стане вистински христијанин, знае дека секој човек е негов брат или сестра, во Христос; без оглед дали по верска или по биолошка линија, бидејќи Бог е Творец и Отец на сите нас. И затоа секое човекоубиство прво е братоубиство, па идолопоклонство и идоложртвување; и може да има некакво објаснување, но не и оправдување; така е третирано и во Евангелието Христово и во Светите Канони на Црквата.
Второ, реков дека, од повеќе познати слоеви на административно уредување во Црквата, човек се приврзува кон последниот – нему познат, и од него прави идол.
Од основањето на првите Локални Епископални цркви – од страна на Апостолите, па сѐ до денес, административното уредување на Црквата поминува низ неколку фази. Можете само да замислите, на пример, колку Епископот на Локалната Црква во Филипи имал поим - кој е Епископ во Ерусалим, кој друг Епископ спомнувал на Литургијата – како прв по чест, кој му ја потврдувал автокефалноста и сите други работи од кои денес луѓето прават идоли, поради кои, бришат од список на спасени милиони луѓе.
Навистина, ако не беше трагично и глупаво, ќе беше многу смешно - резултат на поистоветувањето на христијаните со државата и нацијата, на правење идол од нив.
Затоа и сум пишувал дека, таква – оригинална автокефалност, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, има уште од 1958 година, кога ни се ракополагаат домородни епископи со Апостолско Преемство, а посебно од 1967 кога сами си го бираме Првиот по чест.
Борбата е сега за автокефалност призната од сите и каква што ја добиле сите – во периодот после Вселенските Собори, со Томос од Вселенскиот Патријарх. Сѐ дотогаш нема да седнеме на масата – рамноправно со сите останати, туку ќе бидеме предмет на масата за кој седнатите ќе расправаат – без наше учество, па и знаење. Важно е да се знае и ова: бидејќи автокефалноста веднаш се губи од моментот кога острастено се фаќа една од страните во актуелната црковна поделба, затоа потребно е да се има и своја сопствена и автентична црковна политика. Она што никогаш не може да се изгуби е само личниот духовен интегритет, на што се потпира и единството на Црквата.
Трето, реков дека, од повеќе познати слоеви на канонско уредување на црковниот живот, човек се приврзува кон последниот – нему познат, и од него прави идол.
Овде би го изнел само примерот со постот после Воскресението Христово. Знаеме дека, првите христијани не постеле во тој период. Во петтиот век е воведен ублажен пост и во тој период - да сме се разликувале од монофизитите кои си го задржале начелното предание на Црквата во врска со постот, и така држиме до денес. Го кажувам ова за да сфатиме дека и постот си имал свој историски развој и не било отсекогаш како што е денес – и во спомнатиот период и во останатите периоди од годината. Слично е и со постот до Преображение, како и од тогаш - до Успение.
Промените во одредувањето на постот имаат и други причини. Меѓу повеќето, ќе наведам само, може ли да си замислиме каков пост му требало некому кој со самото Крштение знаел дека најверојатно ќе биде убиен, а имал отворено срце за молитвата и просветлен ум, односно, имал внатрешно духовно покритие за името – христијанин? Такви биле првите христијани.
Денешните христијани, најчесто имаат многу малку од претходно спомнатото - повеќе душевно, еуфорично учество во Христовото Воскресение, отколку духовно; па затоа, постат и треба да постат и во периодот до Вознесение. Уште и да не постат никако и не знам, по што веќе, би се нарекувале христијани. Ова е пастирското оправдување за постот во периодот после Воскресението; оти, ако го пуштиш стадото, кое нема самодисциплина, слободно да пасе каде што сака и колку сака – подолг период, оди после прибери го. Но, не дека така беше предвидено да биде, туку поради нашиот пад, така што, чисто теолошко оправдување за постот во тој период – нема.
И треба да внимаваме, сепак Преполовение е голем Господов празник и е третиран како таков празник – без пост, според списите сѐ до 17 век. Соборна одлука да се пости на тој ден – нема. Преполовение е празник на храмовите посветени на Света Софија – на Христос, Кој Е Премудрост Божја (Види повеќе: Требник са Епитимијним номоканоном, Дечани 69, 14 век, л.104а/16-21).
Но, постот си има и своја телесна страна – во квантитет и квалитет на исхраната, која гледаме дека полека се напушта, ама буквално, од сите, и има своја духовна страна - на пример, пост од завист, од осудување или од омраза кон ближниот, за која подобро и да не зборуваме. И затоа, штом нема волни, ќе дојдат неволните страдања.
Четврто, реков дека, од повеќе слоеви на богослужби, човек се приврзува кон последниот – нему познат, и од него прави идол.
За ова ви пишував еднаш порано; доволно е само на пример, да го споредиме текстот на Светата Литургија што ние денес ја служиме, со текстот на Литургијата напишан од свети Јован Златоуст, па да видиме колку многу оправдани и неоправдани работи се додадени; малку оправдани и многу неоправдани – дури и несоодветни со текот на Литургијата, но, сепак – додадени; и сепак, начинот на кој ние денес служиме - не е оргиналниот.
Со еден збор: начинот на кој ние денес ја служиме Литургијата, претрпел одредени промени во текот на историјата, така што, она што многумина денес го нарекуваат „старо“ е всушност ново, а она што истите тие го нарекуваат денес “ново“ е всушност старо и оргинално. Колку просветленост, толку и разбирање. А и не мора да копираме сѐ што гледаме дека другите прават, посебно ако нема некоја литургиска смисла; оти стануваме смешни пред оние што знаат, а за жалење пред оние што имаат љубов. Ама ако, штом почне прогонот, сѐ ќе си дојде на свое место.
Петто, слично е и со разните типици – кои си имаат свој историски развој, каде што, покрај тоа, треба да разликуваме типик во градска средина од типик во манастирска средина, како и влијанието на вториот врз првиот; и посебно, типик на општежитие, од типик на скит и типик на пустиножители. Потоа, истото важи и за архитектурата, за внатрешното уредување на храмот, за иконостасот итн., итн., сите овие работи си имаат свој развој низ времето.
Со напишаново, не велам дека нешто од спомнатото треба формално да менуваме, туку од тоа да не правиме идол на кого му ги принесуваме како жртва нашите ближни; да не правиме идол од алатки кои ни ги дала Црквата за нивно спасение – за нивно приведување кон Богочовекот Христос; и да не ги користиме за меѓусебни пресметки. Христијаните треба да имаат отворено и широко срце и отворен ум; оти - затворениот ум е идол сам по себе.
P.S. Денес не е сабота, туку – недела; се надевам дека на фарисеите, книжниците и свештениците, нема да им смета ако му отворам очи на некој слеп, со калта – направена од светоотечка плунка и земен прав, во која морав и јас да си ги замачкам рацете...
Митрополит Струмички Наум
++++++
Божествена Литургија во црквата Св. Петка во Кавадарци.


























