Глас први:
Богородице, и по раѓањето си го сочувала девството, а по своето успение не си го оставила светот, туку си се преселила во живот, Мајко на Животот, и со твоите молитвиги избавуваѓ од смрттанашите души.
КАКО ПОМИНАЛЕ ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
После Вознесението Господово, за Мајката Божја се грижел апостол Јован Богослов, а во негово отсаство Пресветата живеела во домот на неговите родители, во близина на Елеонската гора. За сите апостоли и верни, Таа била прва тешителка и поука. Разговарајќи со нив, Мајката Божја зборувала за чудесните случувања за Благовештението, за бессеменетото зачнување на Христос Спасителот, за Неговото детство и воопшто за земниот живот.
Како и апостолите Таа со Својата присатност, со збор и молитви ја градела и ја утврдувала Христовата Црква. После слегувањето на Светиот Дух на денот Педесетница, Светите Апостоли уште едно десетина години боравеле во Ерусалим, служејќи на спасение на Јудејците, со желба Пресветата Богородица што почесто да ја сретнуваат и од Незе да ги слушаат божествените зборови.
Многу новообратени христијани доаѓале дури во Ерусалим да ја видат и слушнат Пресветата Богородица.
Сочувано е посланието на Св. Игнатиј Богоносец од Антиохија упатено до апостол Јован Богослов: „Многу жени кај нас сакаат да ја посетат Пресветата Богородица, и да ги допрат градите кои ги хранеле Господ Исус Христос и од Нејзе да слушнат многу тајни. Кај нас се пронесе Славата за Девицата и Мајката Божја, исполнета со благодат и со сите одлики. Се зборува дека Таа за време на прогонствата и злосторствата била секогаш радосна, дека во неволји и беди не му подлегнувала на огорченоста, не се гневела на непријателите, но им правела добро, во благосостојба е кротка, према сиромашните милостива и секогаш спремна да им помогне колку што може, силна во верата...а Наставничка и Учителка е на нашата сè уште млада побожност, и на сите верни е на секое добро дело; над сè ги сака смирените, зошто и Самата е исполнета со смирение...Незиното трпение е неисцрпно кога и сè потсмеваат јудејските учители и фарисеи. За Нејзе ни кажуваа луѓе, достојни на секоја доверба, дека врз темелот на Незината Светост се гледа соединетоста на ангелска и човечка природа. Поради сето ова кај нас се роди голема желба да го видиме тоа небесно чудо и таа прекрасна светлина.“
Во другото послание, Св. Игнатиј Богоносец му пишува на апостол Јован Богослов: „Ако бидам во можност ќе дојдам кај тебе да се видам со сите свети верници кои се собрани околу тебе, а над сè сакам да ја видам Мајката Христова, за Која, кога зборуваат, кај сите предизвикува воодушевување, љубов, почитување, и секој сака да ја види. А како и не би сакал да ја видам Пресветата Девица, со Нејзе да зборувам, со Онаа која го родила Вистинскиот Бог.“
За време на прогонот кој бил подигнат против младата Црква Христова ( Дап.12, - 1-3 ), Пресвета Дева Марија, заедно со апостол Јован Богослов, се засолнила на свои 43 години во Ефес, каде на овој апостол му било одредено да го проповеда Евангелието.
Пресветата Богородица ги посетувала христијаните и во другите градови. На пример, Таа била во Антиохија кај Св. Игнатиј Богоносец, на кого му напишала: „Ќе дојдам со Јован и тебе со твоите ќе те видам.“
Пресвета Богородица била и на Кипар кај Лазар четвородневни, кој бил помошен епископ, потоа на Света Гора Атонска, за која, по сведоштвото на Св. Стефан Светогорец, Мајката Божја рекла: „Ова место нека ми биде доделено, дадено од Синот мој и Господ мој. Пред Бога ќе бидам застапничка на ова место.“
ЗА НАДВОРЕШНИОТ ИЗГЛЕД НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
По преданието, врз зборовите на свештеноначалникот Дионисиј Ареопагит и Св. Игнатиј Богоносец, Св. Амвросиј Милански во актот “ За девствениците “ пишува за Мајката Божја: „ Таа не била Девица само со тело, туку и со духот, со смирено срце, внимателна во зборување, благоразбирлива,, богомудра, бавна на збор, постојано го читаше Светото Писмо, беше неуморна во трудовите, целомудра во разговорите, зборувајќи со луѓето како да е пред Бога. Незиното правило било: „Никого да не навреди, од сите да бара да ги почитуваат постарите, да не завидува на никој, да го одбегнува самофалењето, да биде здравомислена.“
Кога Таа ги навредила родителите и кога била во кавга со роднините? Кога се погордеала пред некој скромен човек, кога го исмеала послабиот, кога го одбегнала сиромашниот?
Во Незините очи никогаш немало жестина, неконтролирани зборови, ништо непримерно во делата: скромни движења на телото, тивок настап, гласот хармоничен, телесните очи кај Неа биле одраз на душата, вотелотворност на чистотија. Сите свои денови Таа ги поминувала во пост. На сонот Му се предавала само колку е потребно, но и тогаш, кога Телото ì било смирено, духот ì бил свеж, повторувајќи го во сонот она што го читала, или размислувајќи како да ги претвори во дело поставените цели или, пак, планирајќи нови. Од домот излегувала само кога требало да појде во Црква и тоа во придружба на сродниците (??? роднини). Впрочем, иако излегувала од својот дом во друштво, најдобрата стража за Себе била Самата Таа. Другите го чувале само Незиното Тело, а за Својот карактер се грижела Самата....”
По преданието, кое го забележал црковниот историчар Никифор Калист, Богородица била : „со среден раст или, според мислењето на други, нешто повисока од среден раст, бојата на Нејзиното лице била како бојата на пшеничното зрно. Незината коса била светло костенлива и малку златеста, очите ì биле бистри и со боја на зрела маслинка, веѓите благо спуштени и темни, носот малку издолжен, устата во боја на лицето исполнета со слатки зборови, лицето ниту тркалезно, ниту оштро, но некако издолжено, дланките и прстите долги....Во разговор со другите ја чувала рамнотежата, не се смеела нити се збунувала, а посебно, никогаш не се гневела...секогаш едноставна, без ì најмало преправање. Таа во исто време била олицетворение на највозвишена смиреност. Незините ризи биле едноставни, без украси, како што покажува Незиниот свештен покров на главата кој е до ден-денес сочуван. Кратко речено, во сè Незино беше присутна голема благодат.“
Во дневникот на Св. Праведник Јован Кронштатски стои запишано дека му се јавила Богородица: „На ден 15. Август, односно на Успение на Богомајката 1898. година имав чест во сон за прв пат да го видам лицето на Небесната Царица и да го слушнам Нејзиниот мил, блажен глас кој бодри: Вие најмили чеда на Отецот Небесен! Тогаш чувствувајќи ја својата недостојност, го гледав Незиниот Лик со трепет и со мисла: дали ќе ме турне гневно Царицата Небесна! О, Лик Незин пресвет и преблаг! О, очи чисти, добри, смирени, спокојни, величествени, небесни, божествени! Нема да ве заборавам, очи преубави! Уште една минута се продолжи тоа појавување, потоа Пресветата тивко исчезна. Прво ја видов како да е на икона, а пото, потоа како слегува од неа, како станува и си заминува.“
ЗОШТО СМРТТА НА МАЈКА БОЖЈА ЈА НАРЕКУВАМЕ УСПЕНИЕ?
Зборот успение значи – потонување во сон, заспаност, мирен крај, упокоение слично на сон. Упокојувањето на Мајка Божја, Црквата го нарекува Успение, затоа што „како да заспала на кратко и како да се окрепила од сонот.“ Прекрасен бил животот на Пречиста Дева, прекрасно е и Незиното Успение, како во песната што ја пее Светата Црква: „ Бог на вселената покажува на Тебе, Царице на чудесата што ги надминуваат законите на природата. И во Рожбата Ти го сочува девството и во гробот ти го сочува Телото од распаѓање.( Канон 1, песна 6, тропар 1). Во ликот на Пресвета Дева победени се законите на природата: Смртта го враќа телото создадено од земја. Смртта не го покосила Нејзиното Тело; раѓајќи Бог, го сочувала Своејата девственост, и во Успението останала жива. По Рождеството Христово, Таа пребива како Девица, а после смртта пребива како жива. Таа заспала за да се разбуди за живот на вечно блаженство. Му се претставила на Животот, на Изворот на Животот, та со своите молитви да ги спасува слугите Божји.
Празникот Успение на Пресвета Богородица го нарекуваме голем, затоа што на тој ден „Спасителот на сите во целата Своја Слава ја сретнал и ја населил Мајката Своја покрај Себе.“
КАКО СЕ СЛУЧИЛО УСПЕНИЕТО?
Околностите под кои се случило Успението на Мајката Божја во Православната Црква се познати уште од апостолски времина. Во првиот век за Успението пишувал свештеномаченикот Дионисиј Ареопагит, а во вториот век за телесното преминување на Пресвета Богородица на Небото сведочат белешките на епископ Мелитон Сардски. По преданието за Успението на Мајката Божја во четвртиот век Св. Епифаниј Кипарски, додека во петтиот век Св. Патријарх Јувеналиј Ерусалимски ì го кажува на Светата благоверна царица Пулхерија следново: „Иако во Светото Писмо не се зборува за упокојувањето на Пресвета Богородица, сепак за тоа имаме сознание што се темели на најдревното и најверодостојно предание. Всушност, ова предание детално е собрано и изложено во црковната историја на Никифор Калиста во 14. Век.“
До времето на Своето блажено Успение, Дева Марија повторно живеела во Ерусалим. Незината слава како Мајка Божја веќе била на широко позната, та со тоа стекнала и многу противници, кои сакале да ì го загрозат животот. Меѓутоа, Бог ја чувал од непријателите. Деновите и вечерите ги поминувала во молитва.
Често одела на Гробот Господов, го кадела со темјан и паѓала ничкум во молитвите. Не еднаш непријателите на Спасителот пробале да ја спречат да го посетува ова свето место и барале од првосвештениците да постават стража за да го чуваат Гробот Господов. Меѓутоа, бивајќи на чудесен начин, со Духот Свет, невидлива за стражарите, Светата Дева продолжувала да се моли пред Гробот.
Во една од таквите посети на Голготата пред Нејзе застанал Архангел Гаврил и ì го најавил незиното преминување од овој свет во вечниот блажен живот небесен. Како влог, Архангелот ì дал палмова гранка од Рајот, која светела со нестварна светлина на Царството Божје. После оваа небесна вест, со своите три придружнички, Сепфора, Евгенија и Зоила, Богородица се вратила во домот на Св. Јован Богослов, каде живеела.
Пресвета Богородица почнала да се спрема за Своето заминување. Таа за ова го запознала Својот посинок Апостол Јован и му ја покажала светлата гранка, оставајќи му во аманет гранката да ја носи при Незиното погребение пред поворката. Св. Јован веднаш го повикал Апостолот Јаков, првиот епископ ерусалемски, сите сродници и ближни и сите христијани не само во Ерусалим, туку и во поблиските градови и села. На сите ним Пресвета Богородица почнала да им раскажува како ì се јавил Архангелот и ì јавил дека наскоро ќе премине во живот вечен. На ова, сите собрани плачеле, а Таа ги советувала да не плачат, туку да се радуваат за Незиното преминување, бидејќи Таа нема да ги остави сираци, туку дека пред Престолот на живиот Бог, со уште поголем жар ќе се моли за нив и за целиот свет. Уште им дала во аманет Нејзиното Тело да биде погребано во Гетсиманската градина, затоа што таму веќе била гробницата на Нејзините Свети родители Јоаким и Ана и св. праведник Јосиф, Нејзиниот свршеник.
Додека ги давала пред смртта овие упатства, одеднаш со голем татнеж се насобрале многу облаци и го опкружиле домот на Св. Јован Богослов; зашто по Божја заповед Светите Ангели ги собрале Светите Апостоли расеани по разните краишта на вселената за да го проповедаат Евангелието и неочекувано ги донесле на облаците и ги спуштиле пред вратата на куќата во која живеела Мајката Божја. Погледнувајќи се едни со други, Апостолите се радувале и се прашувле во чудо: „Која е причината што Бог нè собра овде?“ Св. Јован Богослов ги пречека со солзи радосни, велејќи им дека Пресвета Богородица наскоро ќе премине кај Господ.
Влегувајќи кај Мајката Божја и гледајќи ја преисполнета со небесна радост, благолепно седејќи на Својот одар, Апостолите ја поздравија и ì раскажаа за чудесното собирање. Пресвета Богородица му заблагодари на Бога што ì ги исполнил желбите на Незиното срце. Потоа Богородица им кажала дека наскоро ќе премине во живот вечен, а Апостолите почнале да ронат солзи во солзи. Пресвета Богородица ги тешела зборувајќи им: „Не плачете, пријатели и Христови ученици, не ја поматувајте мојата радост со вашите таги, туку радувајте се со Мене, зашто одам кај Својот Син и Бог мој.“ Додека Богомајката вака ги тешела апостолите, се појавил апостол Павле со своите ученици: Дионисиј Ареопагит, прекрасниот Еротеј, божествениот Тимотеј и други од редот на седумдесетмина Апостоли. Сите нив ги собрал Духот Свет да се удостојат за последен благослов од Пресвета Марија и со побожност да се приготват за Нејзиното погребение. Таа секој од нив го повикувала по име да пријде при Неа, го благословувала, му оддавала пофалба за неговата вера и труд проповедајќи го Христовото Евангелие, на секој му посакала вечно блаженство и заедно со нив се молела за мир и благосостојба во светот.
Во петнесеттиот ден на месец Август, во третиот час кога требало да се случи Успението на Пресветата, во одајата во која лежела, гореле многу свеќи. Светите Апостоли со песни и славословија стоеле покрај благолепниот украсен одар- лежај на Пречистата Дева Марија, Која постојано се молела, чекајќи го Своето упокоение и доаѓање на Својот Син и Господ.
Одеднаш одајата ја осветлила неискажлива Светлина на Божествената Слава и оние кои го виделе ова биле обземени со побожен трепет. Во пламенот на неизмерната Светлина, према Пресветата од Небо слезе Самиот Цар на Славата Христос придружуван со мноштво Архангели, Ангели и други Небесни Сили, заедно со праведните души на Праотците и Пророците кои од дамнина го пророкувале Рождеството на Пресвета Дева Марија. Здогледувајќи го Својот Син Мајката Божја се подигнала од одарот и се поклони пред Христа, велејќи:„ Велича душата моја Господи, и се израдува Духот мој пред Бога, Спасе мој, зашто погледна на смирениети на слугинката Своја!“ Господ тогаш ја повика Својата Мајка да премине во Живот Вечен, а Пресвета Дева – повторувајќи како некогаш во Благовештенијата: „Нека ми биде по Твоите зборови.“ ( Лк. 1, 38 ) – повторно легна и без никаква телесна болка, како да заспа со сладок сон, зашто беше без грев, ја предаде душата во рацете на Својот Син и Бог.
Тогаш започнало радосното архангелско и ангелско пеење. Придружувајќи ја чистата душа према Небото, со богобојазливи страв како Небесна Царица, Ангелите извикувле: „Радувај се Благодатна, Господ е со Тебе, благословена си Ти меѓу жените!“. Небесните двери таинствено се отвориле, а Херувимите и Серафимите со радост ја прославиле средбата со душата на Пресвета Богородица. Благодатното Лице на Богородица сјаеше во слава на Божествена девственост, а од Незиното Тело се ширеле најубави миомириси. Богобојазно и со страв, Светите Апостоли му се поклониле на Господ, Кој со слава ја вознесе на Небо душата на Својата Мајка, и со плачење го опкружиле одарот на Пресвета Богородица. Пристапија и го целиваа Незиното Пресвето Тело, оддавајќи му свечено почитување, и со тоа се осветувале и се исполнувале со благодат и духовна радост. Семоќната сила Божја, која од Незиното Свето Тело истекувала, излекувала болни кои со вера и љубов го доирнале Незиниот одар.
Оплакувајќи го земното збогување со Мајка Божја, Апостолите го завршиле погребението на Незиното Пречисто Тело. Светите Апостоли Петар, Павле, Јаков, со другите од редот на дванаесетте Апостоли на своите грбови го носеле одарот на кого лежело Телото на Секогашдева Марија. Св. Јован Богослов одел пред сите со рајската светлозрачна гранка, а другите Апостоли и верните ја прателе поворката со свеќи и кадилници, пеејќи свечени песни. Оваа свечена поворка одела од Сион, низ цел Ерусалим, сè до Гетсиманската градина. Одеднаш над Богомајката се појавил златен круг, сличен на венец, блескајќи со јака светлина. И од него се разлевало преубаво ангелско пеење, кое го исполнувало воздухот, за сите чујно. Тој блескав облак со небасните пеачи се движел во воздухот над поворката до самото место на погребението.
Жителите на Ерусалим кои не веруваа во Христа, поразени од величестевена та глетка и ојадени од почестите што ì се дадени на Мајката Божја, им го пренесле ова на првосвештениците и книжниците. Острастени од завист и омраза према сè што ги потсетува на Христа, овие пратиле слуги да ја растераат поворката и да го спалат телото на Мајката Божја. Разбеснетиот народ и војниците со жестина им се втурнале на христијаните, но венецот од облак се спуштил на земја и направил заштита како ѕид. Гонителите можеле да ги чујат чекорите и пеењето, но не и да ја видат поворката. Многумина од нив Светите Ангели ги ослепеле, па така ослепени се вратиле со тапкање, во градот. Еден јудејски свештеник од завист и непријателство према Мајката на Исус од Назарет сакал да го преврти одарот на кој беше Телото на Пресвета Дева, но невидливиот Ангел Божји му ги отсекол рацете, кои го допреле одарот. Кога видел што му се случило, паднал на земја и почнал да моли: „Смилувајте ми се, мене, слуги Христови!“ Горко се покајал и со вера се исповедал пред Мајката Божја и Христа Спасителот и тогаш добил исцелување. Му се вратиле рацете, па и тој ì се придружил на поворката и станал ревносен Христов следбеник.
Кога поворката стигнала до Гетсиманија, со плач и ридање започнало последното целивање на Пречистато Тело на Богомајката. Дури вечерта Светите Апостоли можеле да го положат во гроб Телото и со голем камен да го затворат влезот во пештерата. Светите Апостоли останале покрај гробот на Пресветата во Гетсиманија три дена, молејќи се и пеејќи псалми.
По Божја промисла на Апостол Тома не му било судено да присуствува на погребението на Мајка Божја. Кога дошол третиот ден во Гетсиманија, со горчливи солзи се свртел према гробот и гласно изразил жалење што не беше удостоен да го прими последниот благослов од Богомајката. Се сожалиле Апостолите и одлучиле да го отворат гробот за да му овозможат да се утеши со последното поклонение пред остатоците на Секогашдева. Но, отворајќи го гробот, ги виделе само Нејзините погребни овои од кои се ширеле небесни миомириси, и на тој начин посведочиле за прекрасното вознесение на Небо на Телото на Пресветата.
Навечер, истиот ден, кога Апостолите се собрале во домот да вечераат, додека благословувале за принесените дарови, парче леб оставиле за Господ. Се јавила Мајката Божја во придружба на многу Ангели и рекла:„ Радувајте се! Јас сум со вас во сите денови за навек.“ Ова толку силно ги израдувало Апостолите и сите кои беа со нив, и извикаа: „Пресвета Богородице, помогни ни“. Така е воспоставен чинот на подигање на панагијата, т.е. подигање леб во чест на Мајка Божја, кој до ден денешен е сочуван во манастирите. Оттогаш, Светите Апостоли сами се осведочиле и целата Црква, во тоа, дека Пречиста Дева Марија била во третиот ден после погребението вокресната од Синот и Богот Свој и со Телото вознесена на Небо. Светите Апостоли повторно влегле во гробот ја зеле плаштеницата оставена за утеха на тажните и како вистинско сведоштво за тоа дека Богомајката станала од гробот.
Празникот Успение на Пресвета Богородица сè до денес особено свечено се слави во Гетсиманија, на местото на Нејзиното погребение. Никаде срцето не бива попотресно и потажно заради разделбата со Божјата Мајка, а никаде не се исполнува со таква радост и вера во Нејзиното бескрајно и непрекинато мајчинско посредништво за светот, како таму, на местото на Нејзиното погребение.
Подготви: Стојанка Тежак