логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

3.angeli.so.truba

Емануел Рембер - на јавноста познат како дипломат, советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција и веќе речиси три години, директор на Францускиот институт во Скопје.

Но, освен тоа, страствен вљубеник во планинарењето, природата и пишаниот збор, кој и самиот го практикува. „Скршнувања“ е неговата четврта книга, во соработка со Издавачкиот центар ТРИ, а која претставува збирка хроники, објавени во списанијата „Космо", „Економија и бизнис" и „Портрет".

Претходно читателите можеа да го запознаат и преку делата „„Баренцовата шапка", „Немирни денови во Либија" и „Во Лотарингија".

Во оваа негова последна книга ни дава можност да ѕирнеме во неговите денови, да видиме како ја доживува Македонија, но да ѕирнеме по малку и во неговата емоција, да дознаеме за нештата што го восхитуваат, смируваат, радуваат... Да дознаеме за неговите „скршнувања“, еден од омилените негови зборови на француски, кои ја будат љубопитноста.

Токму тоа се дел од темите на кои разговаравме со господинот Рембер, а во услови на она што нè обединува на глобално ниво - изолација.

Целиот разговор во продолжение:

Како го доживувате овој период на изолација – време кога движењето е ограничено, но можноста за творење не?

-Чудно е тоа што изолацијата ја доживувам како миг во кој сè е замрзнато. Секако дека сè уште пишувам дневник. Но, во суштина малку пишувам. По неколку реченици на врвот од изолацијата. Ме обзема некое нерасположение. Оваа нова состојба ме води кон некоја форма на инерција. Пишувањето си бара одредена виталност. Би сакал да бидам затворен, но само ако тоа е доброволно...

Сепак, со цел да ни го олесни ова наметнато повлекување, овие денови, Антоан Компањон, професор во Колеж де Франс и книжевен критичар, нè кани да прочитаме, за првпат или повторно, двајца автори што живееле во изолација, Мишел де Монтењ и Марсел Пруст. Нивните искуства што сега може нам да ни се чинат блиски,  покажуваат дека изолацијата прави да бидат поприсутни прашањата за значењето на животот и смртта. Читањето останува нашата најдобра врска со светот. Прочитајте го на пример “Едно лето со Монтењ“  од Антоан Компањон во издание на „Или Или“.    

Покрај сите функции што ги вршите професионално, Вие сепак сте патник, чии чекори измериле улици во многу градови, различни држави. Сепак, каде сметате дека Вашите чекори се најлесни? Каде е дома?

-Треба да планинарите за да живеете и бидете среќни. Македонците тоа добро го знаат. Ги гледам секој викенд како пешачат на најубавите планини. На тој што пешачи, сè му изгледа полно со поезија, дрво, птица или витрината на една продавница. Со планинарењето задоволувам повеќе свои потреби како таа за движење и мојата љубопитност. Книжарниците во Франција ме вклучуваат во категоријата на “писатели патописци“, а тоа сосема ми одговара.

Една цитат можеби : “Ако некој оди цел ден и успее навечер да дојде до својата цел, тоа е сосем доволно.“ Петрарка.

Наше секојдневие : “ да станеш, да одиш, да продолжиш, да ја поставиш опремата, да цепиш дрво, да запалиш оган, да ги победиш временските незгоди и изливите на бес што доаѓаат од небо, да се бориш со паразитите (тој се насменува), да се храниш, да се обидеш да заспиеш.“, тоа сè го раскажувам во мојот дневник за долгиот марш што го направив со една мазга, помеѓу Битола и Солун, по должината на рововите од Првата Светска Војна, во мај 2018 год.      

Кога перцепцијата на она околу нас е подобра – во профил или во анфас?

-Дистанцата или искуството нè учат да ги гледаме работите од профил, од нивните најдобри профили. Хармонијата на цртите подобро се гледа од профил, така мислам.

Според зборовите на Илија Пенушлиски, кои ги споменувате во книгата, сликата има три животи. Колку животи има зборот?

-Ахх... Ми поставувате тешко прашање, за тоа како читателот го прима зборот ...  а би кажал : зборовите се една добра половина од животот. Зборовите имаат исто толку животи колку што постојат комбинации и читатели.

Во еден од записите, зборувате за себе во трето лице. Можеме ли воопшто да се набљудуваме објективно и од дистанца?

-Сигурно се повикувате на мојата книга за Пирот, “Во Лотарингија“, што ја објави издавачката куќа Магор. Не сум јас во трето лице туку една моја добра половина. Се враќаме повторно на зборовите. “ТОЈ“ или “ЈАС“ се пишуваат заедно како да се познаваат или дружат отсекогаш :).

Од она што го прочитав, низ Вашите хроники добив впечаток дека сте во постојана трага по слободата и сè она што може да ја понуди (слобода во различни облици), наспроти фактот дека живееме живот кој однапред ни е ставен во рамка на правила, начела, улоги... За каква слобода трагате? Успевате ли да  ја најдете?

“Слободната слобода“ овој збор е на Рембо. Никој нема ништо подобро кажано. Без коментар.

Храната, природата и пишувањето ги издвојувате како нешта во кои посебно уживате. Секоја од нив нуди можност да се даде индивидуален придонес, да се остави дел од себе... Каков придонес сакате Вие да дадете? Каква цел гледате во своето постоење?

Овој пат користите големи зборови... Да, мене треба да ме гледате во пејзаж или во мојата кујна или во мојата библиотека за да ме запознаете. Целта на моето постоење? Љубовта што ја чувствувам за моите две деца и меланхоличниот оптимизам што го имам за сè останато.

И самиот поим „Скшрнувања“ како што гласи и насловот на книгата, означува да се избега од патот по кој одиме. Вие правите испреплетувања на секојдневието, кое на разни начини ви нуди можност за „скршнувања“. Од каде поривот за авантуризам? Му го припишувате повеќе на француското во Вас или едноставно се работи за карактер?

-Го обожувам зборот “Скршнувања“ на француски јазик. И, што е доста чудно, никако не успевам добро да го изговорам на македонски јазик : ). Скршнувањето не е авантура. Тој термин значи да скршнете од патот, да бидете на некој начин љубопитен. Исто толку сакам да седам дома колку и да тргнам во авантура. Излегувам од кај мене дома, од мојата родна Нормандија, само доколку навистина вреди да се скршне од патот! Како на пример во Северна Македонија!  

3.angeli.so.truba
Кои „скршнувања“ Ви се најдраги?

 Користам џокер. Не може секогаш сè да се каже, нели?

 Во еден дел од хрониките велите: „Среќавам толку многу луѓе, што тоа ме остарува“, што некако се поклопува со впечатокот дека уживате во моментите кога сте сами и во тишина. Како гледате на луѓето? Како ги доживувате? Како опструктори на слободата по која можеби копнеете или одрази на животот? Или можеби нешто сосема трето?

-Нема подобар пронајдок отколку осаменоста, под еден услов, само доколку таа е посакувана. Изолација што доаѓа како обврска, тоа е сосема друга приказна. Помалку забавна!

Ова ви го велам, а сепак новите луѓе со кои се среќавам ми се неопходни, тие ме спасуваат од тагата... Дури и Сиоран или Бекет, двајца автори на меланхолијата, имаа пријатели!

Еден последен збор за да ви одговорам на ова прашање, над сè го сакам пријателството. Тоа ѝ се спротивставува на досадата, тоа ги диктира моите денови и страници. Погледајте ја темата посветена на пријателството во прекрасната Кореспонденција на Густав Флобер, таа ни кажува сè.      

Вториот дел од книгата е посветен на Портрети. Посветувате внимание на личности од различни сфери кои на некој начин повлијаеле врз Вас во различен период од животот. Сепак, ако може да им се бара заедничка нишка, помеѓу другите (а ги има повеќе), тоа е и времето. Време како момент во кој живееме, твориме, и време како категорија која сакаме да ја победиме. Како еден дипломат и хроничар гледа на времето?

Дипломатот и писателот гледаат секогаш какво е времето. Да, го сакам портретот и кратката форма што оди со тоа. Тоа е мојот вкус за цртите, афоризмите, добро скроената реченица. Со портретот, формата е толку кратка што таа се откажува од својот крај, од својата завршница. Тоа е одбивање да се оди  на нешто што би било голема книга, огромна па дури и чудовиштна. Во “Скршнувања“, портретите се одраз на мојата восхит.

Постои ли некоја навика која ја забележувате кај Македонците, а со текот на времето можеби сте си ја присвоиле?

 Многу ја сакам традицијата на обоени и украсени јајца за Велигден. Се чини,  доколку се обоени со лак за нокти, се добиваат психоделични јајца... Ви оддавам една мала досетка.

Интересно е и тоа што во речиси сите Ваши хроники, забележливо е движењето – за пишувањето ќе речете дека е пешачење, пишувате и за движењето на облаците, за патувањата, за движењето на водата, медот, пчелите...мислите имаат свој ритам и од... Дури смирувањето на духот е овозможено преку движењето... Ќе речете на едно место, спијам значи сум, се будам значи сум, може ли да додадеме и се движам значи сум?

Да. Сте разбрале сè во книгата “Скршнувања“.

Кои патувања знаат да изморат повеќе – оние со мислите или оние со нозете?

 -Може добро да се пишува само доколку сте на нозе. И со поглед во облаците.

Се сметате ли за уметник?

Никогаш. Љубител на планинарењето, да. Секој убав пејзаж ве кани да го освоите со одење пеш.     

Од Вашите зборови се добива впечаток дека не сте носталгичен по минатото време, современик сте на „сега“ и „тука“, каде и да е тоа, а сепак, на еден може да се рече и романтичарски начин, кој му дава предност на опипливото, на емоцијата, животот, наспроти дигиталното. Тоа се должи на разумна проценка, генерациски багаж или едноставно на Вашата личност?

-Да, ви благодарам што ми давате прилика тоа да го кажам, отсекогаш сум се држел на дистанца од машините. Отсекогаш сум чувствувал одбивност кон дигиталното. Оваа пандемија и изолација што ја претрпуваме, ме тера сепак да кажам нешто сосема друго...   Оваа епидемија ја покажува победата на дигиталното над изолацијата и победата на природата која одново диши. Победа на кислородот и зеленилото.  

На какви размислувања Ве поттикна оваа ситуација во која се наоѓа целиот свет и на крајот, што после ова?

После?... Имам доста работи што треба одново да ги осмислам .

... Во меѓувреме, не заборавајте да читате. Таа убава мрзливост. Вистински лек.

Ви благодарам.  

превод од француски:Бранко Чобанов

фото: приватна архива

 Јулија Илијевска
Објавено:
29 април 2020
Категорија:
Стории
Прочитано:
1.264 пати
Тагови:
Емануел Рембер Скршнувања читање лек стории

 https://fashionel.mk/moda/storii/emanuel-rember-chitanjeto-e-ubava-mrzelivost-i-vistinski-lek

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Мај 10, 2020
3.angeli.so.truba

Емануел Рембер: Читањето е убава мрзеливост и вистински лек

-Чудно е тоа што изолацијата ја доживувам како миг во кој сè е замрзнато. Секако дека сè уште пишувам дневник. Но, во суштина малку пишувам. По неколку реченици на врвот од изолацијата. Ме обзема некое нерасположение. Оваа нова состојба ме води кон некоја…
Април 29, 2020
3.angeli.so.truba

„Ако има волја има и начин“ – Џорџ Бернард Шо

Бидете секогаш чисти. Бидејќи вие сте прозорот низ кој го гледате светот. Демократијата е процес кој ни гарантира дека никој нема да владее подобро од тоа што заслужуваме. Кога човек сака да убие тигар, тоа се нарекува спорт. Кога тигар сака да убие човек,…

Вангел Наумовски уметник кого Салвадор Дали го нарече „сликар од бајките“

Апр 06, 2020 Ликовна уметност 319
3.angeli.so.truba
Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски (22. 3. 1924, Охрид – 13. 6.2006, Охрид),…

Мала Историја на Христијанството и на Светот

Јан 12, 2020 Друго од култура 782
Mudreci.pustina1
Св Јован Крстител е дете на Првосвештеникот Захарије и Елисавета. Захарие веднаш беше…

Скопје и Истанбул се среќаваат во јазикот, литературата, историјата

Ное 24, 2019 Литература 1014
7.Vselenski.sobor
– Градовите ја имаат функцијата на поврзување луѓе, вери и народи, како и нивните…

Беседи

 Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе...

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Наравоучение: православната психотерапија прави разлика меѓу искушенија што ни се случуваат затоа што душевно оздравуваме (очистување на срцето од страстите) или сме доволно здрави (просветлување на умот), од искушенија што...

« »