логоFacebookTwitterYouTubeeMail



Со особено задоволство Ве каниме на отворање на самостојната изложба на Бурхан Ахмети на 8-ми декември 2017 (петок), во Чифте амам, 19:30 часот.

Делата на Бурхан Ахмети, како графиката така и комбинираната техника на платно, некои меѓународно афирмирани а други нови тукушто појавени на сцената, се однесуваат на реорганизирање на доживувањата на реалноста, на различниот пристап при примената на сликите, а со тоа и на редизајнирање на светот на видливото, смисленото и можноста. Се говори и за убавината на индивидуалното уметничко дело, но уште повеќе за традицијата, луѓето, нивните социјални врски, нивните очекувања и копнежи. Но еден заеднички поглед кон реалноста се чини не е можен.
Како претставник на новата генерација на графичката уметност, секогаш активен во изложбите како од локален така и од меѓународен карактер, делата на Бурхан Ахмети се карактеризираат со изворна афирмација на сложените графички техники (сува игла, акватинта, линорез, литографија, дрворез, бакрорез, монотипии, па сè до дигиталната графичка дисциплина), како и со нагласена интелектуалност во пристапот кон визуелната уметност.
Во графиката постигнува вештина, не без манир на непосредно нанесување, а цртежот и обоените површини создаваат апстрактно-асоцијативни целини. Во графиките комбинира ефекти на фотографија, остра и мека култура, црно-бели односи и јаки бои, како и одредени белези на „концептуализирање“. Работи и дрворез во боја, постигнуваjќи живост на целината и со комбинација  на строги брановидни линии кои формираат полуфигуративни претстави.
Како автор ни открива специфично изразени можности на акватинтата во создавањето разновидни интимистики, надреални и симболични претстави.
Во најуспешните остварувања се внесени графички сугестии за интимниот простор на сеќавањата, како и за ликовниот израз кој е компониран од разни искуства и форми на модерната уметност. Авторот работи според некои основни формални и композициски правила, како и според логиката на имагинацијата, која дозволува „слободни“ комбинации на сликовна претстава на зданија, фрагменти од зданија, фигури итн. Со овие мотиви се појавува и експресивен графизам на апстрактни линии. На тој начин, се сугерира атмосфера на лирски доживеана минатост и сегашност. Бурхан Ахмети го „наслушнува“ материјалот и едновремено ја испробува енергијата на гестот и цртежот, кој, пак, има мошне стилизирани сликовни претстави со сложени тонски решенија.
Бурхан Ахмети во своите дела акрил на платно се свртува кон крајно чистиот, редуциран ликовен знак заснован врз примарни ликовни елементи. Се јавува наклонетост кон анализа, создавање своевидна поетика на збиеност и минимализам. На прв поглед, станува јасно дека се работи за остварувања кои се резултат на еден уметнички сензибилитет формиран во (урбана) средина и кои имаат сопствена историја и традиција.
Со логично синтетизирање на избраниот мотив во една нова конотација на трансформирање, Ахмети многу вешто и прецизно, со богато орнаментирање, ги транспонира елементите во асоцијативни, знаковни и симболични форми, продирајќи во пластичната основа на формата и материјата во композицијата. Исто така, овие концепциски пречистени дела ни ја откриваат и својата друга страна - дизајнирани форми со декоративни хроматски ефекти и посебен осет за просторно распоредување.
Меѓу симболиката и асоцијацијата, дамнешното и сегашното, патината на старото и предизвикот на новото, ликовните елементи од знаци, симболи, зданија го определуваат и трансформираат просторот како нови облици во употребата на старите со нови.
Искрениот творечки порив бара начин и пат да се реализира во конкретно дело, без оглед колку тоа ни изгледа незначително. Доколку во сликарскиот чин се внесе искрена посветеност, во него се проткајува своевидно религиозно доживување.
Изложбата ќе биде отворена до 17-ти декември.

Татјана Бундалевска, кустос
Национална галерија на Македонија

БУРХАН АХМЕТИ е роден на 18 август 1978 година во село Дебреше, Гостивар, Република Македонија, Во родното место го звршил и средното образование.
ОБРАЗОВАНИЕ:
2012- 2016 – Меѓународен универзитет, Нови Пазар, Србија.
Докторски студии на тема: „Влијанието на графичките техники и новите медии во основните училишта во Македонија”.
2001- 2005 – Факултет на уметности Приштина, Косово.
Магистерски студии во одделот на графика, А група на професор Фатмир Крипа; и оддел за сликарство, Б група на професор Реџеп Фери.
1997- 2001 – Факултет за ликовни уметности на Државниот Универзитет во Тетово во оддел графика во класата на професор Фатмир Крипа.


ПРОФЕСИОНАЛНО ИСКУСТВО:
2017 – Учесник на меѓународната работилница за графика во Гуанлан, Кина.
2017 – Учесник на меѓународниот форум за графика во Дунхуанг, Кина.
2017 - Визитинг професор во Технички Универзитет Јилдиз во Истанбул, Турција
2015 - Визитинг професор во Универзитетот на Масачусетс во Бостон, САД
2013 - Доцент на педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски” во Скопје

Член на ДЛУМ, добитник неколку награди, учесник на околу стотина ликовни колонии, има реализирано многубројни самостојни и групни изложби. 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie