Во пресрет на торжеството над сите торжества, настанот кој носи радост во секоја човечка душа, настанот кој во себе ја содржи суштината на нашата вера, суштината и основата на христијанството и на нашето спасение, Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, излезе од печат Велигденското издание на списанието „Православна Светлина“.
„Овој свет без Бога престојува во мрак. Но во тој мрак свети вечната светлина и темнината не може да ја победи. Затоа на денот кога го празнуваме Воскресението носиме запалени свеќи, за симболично да ја покажеме непобедливата сила Христова, која е светлина и живот. Светлината и животот секогаш одат заедно. Каде што има сонце, таму има и живот. Животот не може да опстојува во темнина. Така е и во духовниот свет - таму каде што има духовна светлина, таму каде што Евангелската светлина свети во душата на човекот, таму има и духовен живот, бесмртност, има трајни вредности, има светлина која од Бога излегува и која нè доближува до Него“.
Токму во овој извадок од една беседа на нашиот Митрополит г. Агатангел е соджана смислата на постоењето на ова списание, кое има основна цел, содржана во неговиот наслов – „Православна Светлина“, да ја донесе Божествената Светлина во нашите срца и читајќи ги редовите содржани во него да нè доближат до Престолот на Севишниот, да се обидеме да станеме подобни на Бога и да се обидеме да се подготвиме колку што можеме подостојно да вкусиме од залогот за вечноста, за да го обезбедиме нашето спасение.
И во овој број, 21 по ред, во шестата година од неговото печатење, стандардно, како и досега, обработивме теми од нашата православна вера и живот и се надеваме дека и овој број ќе ја збогати Воскресната радост кај сите верници кои ќе го имаат во своите раце во овие торжествени денови, кои нè очекуваат.
Списанието е бесплатно и можете да го земете за време на претстојните Велигденски служби низ храмовите во Повардарската епархија.
Извор: Повардарска епархија