Известување
На 5ти април 2012 година, во Универзална сала во Скопје, со почеток во 20:00 ч., ќе се одржи свечен Велигденски концерт во чест и спомен на спасителните Христови Страдања и Неговото сеславно Воскресение. На концертот, организиран од страна на свештениот Бигорски манастир и неговите пријатели, ќе бидат изведени неколку карактеристични песнопенија од богослужбите на Страсната седмица, како и воскресниот тропар. „Твојата свадбена одаја ја гледам украсена...“, делови од трите великопеточни Статии на оплакувањето Христово, меѓусебно проткаени со читања на трогателни стихири од Посниот Триод, се дел од содржината на концертот. Токму затоа овој музички настан е поставен непосредно пред почетокот на Страсната седмица.
Мошне значајно за овој концерт е тоа што за прв пат во историјата на македонската музика е направена оркестрација на древни источно-православни напеви, од страна на нашиот еминентен композитор и професор, г. Живојин Глишиќ, кој на ова дело работеше подолг временски период. Во изведбата на познатите мелодии, ќе земат учество Македонската филхармонија, нашиот познат поп-пејач Ламбе Алабаковски, монахињата Касијана од манастирот во Рајчица и хорот при Македонската православна богословија. Бигорскиот манастир, заедно со своите соработници, го посветува овој концерт на својата Мајка Црква - славната и најсвета Охридска Архиепископија, честитајќи ѝ го нејзиниот 45-годишен јубилеј: возобновувањето на нејзината афтокефалност во лицето на МПЦ.
✣✤✣
Би сакале да ве известиме дека поради големиот интерес за концертот, влезниците се веќе распределени, но сите оние кои би сакале да го гледаат концертот а не добиле влезници, ќе можат да го проследат директниот пренос од овој концерт на Македонската телевизија.
.